ОБНОВЕНО: Оливер Андонов ги прошета новинарите низ „Јасен“, ама им ги сокри бункерите

Јавното претпријатие „Јасен„ денеска ја подигна рампата за јавноста и ги прошета новинарите низ заштитеното подрачје, по неодамнешното пишување на неделникот „Фокус“ дека резерватот се подготвува да го вдоми доскорешниот владин врв во случај на воена состојба.

Директорот Оливер Андонов, повикуваќи се на транспарентност, истакна дека тој нема што да крие, па затоа ги повика медиумите да направат обиколка на реонот.

-Неопходно беше да го отворам подрачјето и да ги тргнеме сите конспирации, бидејки вие медиумите треба да информирате, а не да дезинформирате. Тука постои некогашна воена инфраструктура или бункери од 50 до 60 години, и тие се под надлежност на Министерството за одбрана. Јас не верувам дека бункерите се во функција. Ги отфрламе сите шпекулации, а вие можевте да видите што е „Јасен“, истакна директорот Оливер Андонов.

Иако директорот демантираше дека бункерите се подготвувале за згрижување на неговите сопартијци во случај на воена состојба, сепак новинарите не беа во можност да се уверат во тоа.

И по двочасовна обиколка на „Јасен“ не ги видовме бункерите, ниту пак се доближивме до нив. Се движевме по патот кој води кон Македонски Брод, попатно застанувајќи и разгледувајќи ја природата и околните објекти. Директорот ни ја покажа некогашната пекара, за која рече дека и ден денес е функционална, ама не се користи. Прошетката заврши кај езерото Козјак, глетка која го одзема здивот. Потоа се вративме назад, на местото од каде што тргнавме, викано Кула.

Остана нејасно зошто  директорот Андонов ги кани новинарите за да демантира дека „Јасен“ би можел да биде и засолниште во воена состојба, а истовремено и самиот вели дека овие бункери се под надлежност на Министерството за одбрана.

Неделникот „Фокус“ неодамна, повикувајќи се армиски извори, објави дека пред Велигден била организирана посета на специјално избран армиски и разузнавачки тим од страна на претседателот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на воено-инфраструктурните објекти во шумскиот резерват „Јасен“.

Тимот бил испратен во мисија на подготовка на објектите за сместување на Груевски, Иванов и нивните семејства, за време на евентуална воена состојба, по изборот на собраниски спикер и влада.

По направената обиколка мистеријата околу овој реон остана, како и сликата дека вработените во „Јасен“ имаат забрана да зборуваат за било што, освен за ловот што се организира во ловиштето и за дивечот кој се подготвува.

Резерватот „Јасен“ е распослан на површина од 32 илјади хектари. Во негов склоп се езерата „Козјак“, „Матка“ и „Света Петка“. Покрај чистиот воздух и прекрасните планински пејсажи, овој резреват е богат и со дивеч, поради што е магнет за голем број на љубители на ловот од целиот свет.

Сепак тука ловот претставува вистински луксуз, бидејќи ова задоволство чини и до 20.000 евра. Поточно, како што ни појасни нашиот водич, отстрел на елен чини од 10.000 до 17.000 евра, во зависност од трофејноста, односно од големината на неговата глава и рогови. Ловецот, со себе може да го понесе само трофејот, односно главата, бидејќи местото останува во „Јасен“.

За отстрел на дива свиња и дива коза се наплаќа 1.800 евра, 2.000 евра за волк, а 500 евра за срна. Овој резерват располага и со сместувачки капацитети каде што ловците преспиваат и имаат можност да го пробаат зготвениот дивеч.

Наводно, гост во „Јасен“ бил и Раул Кастро, брат на Фидел Кастро, а се споменува и името на Силвио Берлускони. Исто така дел од вработените раскажуваат дека се било спремно да се пречека и претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, кој бил стравствен ловец, но на крајот ја откажал посетата.

Според нашите соговорници, македонските политичари и бизнисмени не доаѓаат на лов во „Јасен“, коментирајќи дека не можат да ни откријат некое звучно име кое присусвувало тука. Ова не значи дека меѓу нив нема љубители на ловот, но поради високите цени најверојатно ќе бидат повикани да дадат отчет од јавноста од каде им се илјадници евра за да уживаат во луксузниот лов, па најверојатно затоа го заобиколуваат.

Валентина Вурмо