Околу сто илјади евра за „Тиквешки гроздобер“: Северина како утеха за лозарите!

Манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер’’ посветена на лозарите и винарите, годинава ќе се одржува од 7 до 10 септември во Кавадарци.

Организаторот на манифестацијата, агенцијата ,,Темов’’ пресметала дека ќе бидат потребни околу шест милиони денари за реализација на активностите на гроздоберот, од кои 4 милиони има обврска да ги покрие општината, а останатите – локални компании.

За сумата од околу сто илјади евра, посетителите ќе имаат можност да проследат концерт посветен на песната на Никола Бадев, изложба во музеј галеријата, дегустација на грозје и вина на градскиот плоштад.

На осми септември планирани се настапи на „Чили плеј бенд“ и „Нокаут“, а на полноќ ќе се избираат крал и кралица на гроздоберот.

На деветти септември планирана е таблијадата, прием на делегации од градоначалникот Александар Панов, а вечерта карневалско дефиле и уметнички перформанс.

Потоа, главната музичка ѕвезда Северина ќе има концерт пред публиката на градски плоштад.

Дознаваме дека покрај Северина, кавадарчани пројавиле интерес и за Здравко Чолиќ, но тој веќе имал договорен настап и не бил слободен во тој период.

За последниот ден од гроздоберот се планирани настапи на ДЏ Никифор и Депеш мод – трибјут.

Манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер’’ за прв пат се одржала во 1964 година. Откако имала неколку годишно стагнирање, повторно била обновена во 2001 година.

И покрај тоа што гроздоберот е првенствено посветен на лозарите, со години наназад тие се незадоволни од состојбата во лозарството.

За време на гроздоберот, стана практика да се соочуваат со ниски откупни цени, проблеми со откупот, кој неретко се стопира и се чека со денови пред винариите, но и со исплатата на средствата за предаденото грозје. Оваа година, поради ниските температури кои предизвикаа мрзнење на голем дел на виновата лоза, очекуваат значително намален род.

Затоа, откако кавадаречкиот совет ја усвои програмата за ,,Тиквешки гроздобер’’ и беше официјалноо соопштено дека Северина ќе настапува во Кавадарци, кавадарчани на социјалните мрежи постираат шеги на своја сметка, во стилот, и да нема пари од грозје, барем Севе ќе не теши.

Вики Клинчарова