Одложено судењето за Центар – Жерновски: Груевски е уплашен човек кој нарачува насилство

Судењето за нарачаните шамари за Андреј Жерновски и насилството во општина Центар денеска беше одложено за 28 јуни бидејќи петмина од обвинетите не беа присутни на денешното рочиште.

Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски побара од судот да се наложи приведување на сите обвинети кои немаат оправдување за отсуството на судењата. Адвокатот на одбраната пак тврди дека обвинетите кои не дошле најавиле отсуство, и дека може некои да не се дојдени од здравствени причини.

На судењето се појавија пратеничката Даниела Рангелова, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и други обвинети. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на судењето дојде со десет минутно доцнење и од задниот влез на судот.

На рочиштето дојдоа и градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и советници од СДСМ кои се повикани како сведоци за насилниот упад во општината Центар, кога таа беше нападната од толпа луѓе кои ги кршеа прозорците и удираа по објектот во кој се одржуваше седницата.

Според Андреј Жерновски, ова судење е доказ дека Никола Груевски нарачувал насилство и линч на политичките противници, особено на оние од кои губи на избори.

„Не е вистина тоа што го кажа во јавност дека никогаш не нарачал насилство. Се надевам дека правдата ќе победи и дека ќе бидат осудени и тој и сите оние кои му помагаат во овие злодела затоа што без санкционирање на насилството нема да излеземе од кризата во која се наоѓаме. Не знам како судот дозволува Груевски да се појавува во судница со обезбедување. Тоа е демонстрирање сила и власт, но и демонстрирање страв. Имав можност да го гледам, и ви велам станува збор за еден уплашен човек кој знае дека ако не денес, утре или задутре ќе одговара пред правдата“, изјави Жерновски.

Случајот кој го отвори СЈО е врз основа на прислушуваните аудио разговори што ги објави опозицијата, каде според нив, Никола Груевски нарачува насилство врз Андреј Жерновски и општината со зборовите:

„Некој да му удри два три силни шамари, за тоа нема тешка телесна повреда и ќе пројде само со прекршочна, а не со кривична пријава“.