Од кого беше загрозен загрозениот сведок што сведочеше против Љубе Бошкоски?

by fokus

Текстот е објавен на 18-ти ноември 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 855

Секогаш кога нешто е проткаено со таинственост, сомнежите стануваат негов придружен елемент. Таквата мистичност пак, се претвора во царство на шпекулациите. Една од најспектакуларните полициски акции, изведена неполни 12 часа после еуфоричната прослава на изборната победа на вмровците на скопскиот плоштад – приведувањето на лидерот на опозициската Обединети за Македонија, власта максимално се труди да ја држи „под лед“. Освен апсењето, што беше најтранспарентното, се друго е прогласено како недостапно за јавноста, небаре сме недостојни за вакви „пикантерии“.

А деталите за Посебните истражни мерки ( ПИМ ) што биле применети кон Љубе Бошкоски во текот на целата предизборна кампања би биле предизвик за било која демократски настроена јавност, во било која демократска држава. Оти, многу е просто, тука се крие одговорот за можна и евентуална злоупотреба на полициските алатки  од страна на власта против своите политички опоненти, и тоа токму во предизборие.

Една од дилемите, што Фокус во неколку наврати ги загатнуваше, беше:  Ако телефоните на Љубе биле прислушувани, што вообичено влегува во ПИМ мерките, тогаш безмалку целата опозиција била под аудио надзор на Гордана Јанкуловска, секако, во улога на министер за внатрешни работи. Арно ама, не заборавајте дека истата особа беше и носител на изборна листа на владеачката партија. Логично е, нели, да се претпостави дека Бошкоски имал телефонски контакт со колегите од другите опозициски партии. Тито Петковски тоа и јавно го призна. Во таков случај, „Кампања“ прераснува во „Кампањагејт“.

Втората дилема изразена во ептен сериозен сомнеж гласи: Дали долгогодишниот пријател на Љубе, како што е назначен во обвинението, а кој што наводно му дава кеш пари, е загрозен сведок или, можеби, инструиран од полицијата- т.н. агент провокатор?!

ЗАГРОЗЕН ОД ГРУЕВСКИ ИЛИ ОД БОШКОСКИ?!

Изминаа 5 и пол месеци од ТВ апсот. Доколку Македонија не функционираше како демократура, тогаш ќе беше најнормално да стапат на сцена контролните механизми кон било која аздисана владејачка гарнитура. Пред се судството како трета власт, пратениците како контролори на извршната власт, и, се разбира, јавноста како некаква четврта власт. А што добивме ние овде?

Судскиот процес е при крај, но, процедурално се води пасент по мерка на полицијата. Дури и адвокатите на Бошкоски не успеаја да добијат копија од наредбите за примена на ПИМ мерки. На најинспиративните делови што треба да разјаснат дали полицијата ги злоупотребила своите овластувања, судот ја исклучи јавноста од судскиот процес.

Собраниската комисија пак, побара одговор на неколку суштински прашања од МВР. Но, повторно, од режисерите на Кампања не добивме како објаснување ништо повеќе. Тито Петковски како претседател на надлежната собраниска комисија, со задоцнување доби ѓоа одговори, што тој тврди дека всушност ништо не разјаснува. А во стилот „ем вмровчиња, ем мангупчиња“, Јанкуловска на оваа една страничка и удри печат на „строго доверливо“.

Ете колку собранието и судот, другите два сегменти од власта, која, џанам, многу ни е подделена во Македонијава, ја контролираат извршната власт! Секако, останува да сочекаме дали пратеничката тројка што треба да замине во контролна мисија во МВР, ќе успее да ја декодира Кампања.

Инаку, според експертите за кривично-процесно право, ваквиот третман на судот на ПИМ мерките не е во согласност со словото на Законот.

,,Исклучувањето на јавноста кај секој случај каде е применета посебна истражна мерка ( ПИМ ), наводно заради заштита на класифицирани информации, е изигрување на контролата на јавноста во овие процеси кај кои реално постои голем ризик дека се монтирани. Идентитетот на лицата кои ги преземале навистина треба да се заштити, но со презентирањето на доказите на судската расправа се претпоставува дека тие се декласифицирани- коментира  професорот по Кривична постапка и претседател на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев.

Според сознанија на Фокус, доказите од ПИМ мерките во Кампања се декласифицирани, но, ете, судијката ги означува само за судска употреба, па дури ни копии не им дава на адвокатите.

Оттаму, заради исклучителен интерес од демократски аспект, ќе се обидам да наметнам повеќе дилеми, кои заради ваквата затвореност на системот на Груевски, ќе бидат искажани во вид на сомнежи. Тие пак, се засновани на низа релевантни извори. Поради ваквиот маѓепсан круг, толку се може од новинарски аспект.

Нашите извори тврдат дека во наредбата за ПИМ спрема Љубе, е содржана и наредба за прислушување , но, сепак, во доказниот материјал не се доставени снимки или стенограмни од прислушувани телефонски разговори. Тоа што Министерката негираше дека биле прислушувани телефоните на Љубе, воопшто не го направи случајот чист ѓоа „бебенце“. Напротив, не прешалта на втората дилема.

Ако МВР не ги прислушувала телефоните на Бошкоски, како што тврди Јанкуловска, нека биде и така, тогаш сите патишта водат кон знакот дека пријателот на Љубе во сценариото за „Кампања“ имал улога на актер доделена од МВР за спектакуларна местенка на лидерот на Обединети за Македонија. Статусот на загрозен сведок, кој пријателот го добива дури после апсењето на Љубе, звучи цинично оти после онаква душманска акција на приведување, секој човек може да се почувствува загрозен единствено од власта на Груевски.

АПСОЛУТНО РОМАНТИЧЕН „ПРИЈАТЕЛ-СОРАБОТНИК“

Ќе за задржам сега на тезата дека загрозениот сведок по многу елементи, поточно информации до кои кои дојде Фокус, повеќе наликува на соработник на полицијата. Лице кое за сето време додека се води „Кампања“, по се изгледа е во координација со ресорот на носителката на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Втората ИЕ, Гордана Јанкуловска- внатрешни работи.

Прво, долгогодишниот пријател на Љубе, странски државјанин- така се води и во обвинението, од 12 април до 6 јуни не е ниту загрозен, ниту е мета на акција на МВР, дури ни кога се апси Бошкоски. Тој дури потоа добива статус на загрозен сведок. Љубе од Шутка го загрозува?! Ма ви се молам, шегобијци!Ем Љубе знае кој е, ем цела партија негова, ем цела Македонија.

При фештата на приведувањето на Љубе, без двојби, се виде, ова лице не беше од интерес на полицијата. Е па, драги читатели, не берете гајле – слободно раздавајте по 100 илјади евра по кафеани, особено во Воденица, и тоа нема да се третира како нешто недозволено, уште помалку како кривично дело. „Кешарица“, бре, може да игра 24/7, без казни особено за странци! Ептен загрозен сведок!

Второ, чии се овие евра? На странецов или на МВР?! Не слушам дека загрозениот се жали! Можеби МВР, како чесен наоѓач, му ги вратиле- со ДДВ или без, сеедно. Оти парите ги нема меѓу доказите, таква информација барем имаме. Освен некакво вештачење од МВР. Ако му ги заплениле, тогаш ме изненадува што власта не се пофали со ваков „мрсен улов“. Или, да не се случајно зелениве банкноти – цело брдо ги видовме на снимка, можеби полицајски, па, сега, во духот на „ни лук јал, ни лук мирисал“ сите си молчат оти се во позитивна нула. Апсолутно бре загрозен сведоков!

Трето, иницијалната наредба за посебни истражни мерки на 12 април е дадена усно, и тоа на половина час пред Љубе и сведокот да се најдат во неговиот дом во една скопска населба, а потоа дури е покриена на хартија.

Уште повеќе, според нашите извори, потоа адресата што ја одбрува истражниот судија не е истата со онаа во извештајот. Е се надевам дека овие податоци, кои немаме шанси да ги провериме оти тоа е забранета ствар, не ја уриваат државната безбедност па да добијат третман на тежок вербален криминал против безбедноста или идентитетот.

Понатаму, според некои сериозни извори, од начинот на кој е срочена наредбата- фино се гледало дека лицето треба да предава некакви средства на Љубе. А пошто телефоните на Љубе не ги слушале, тогаш нешто или некого мора да слушале за да знаат кое лице што ќе му предава. И пак ми доаѓа помислата да не човекот си соработувал со МВР? Апсолутно како да не е загрозен!

Четврто, од извори блиски на изворот загрозен, апсолутно дознаваме дека во некој од извештаите од МВР им се испуштило дека 10.000 евра што, наводно, ги земал Љубе кога му бил сефте на гости на пријателчето, биле претходно технички обработени. Му дал на пријателот пари што полицијата претходно ги регистрирала?! Ова е загрозен сведок или полициски соработник, да не речам „пријател-соработник“. Апсолутно романтично!

ГО НАВЕДУВА НА НЕГОВА  „ВОДЕНИЦА“

Петто, според моите информации, што заради одлуката на судијката Радица Василевска да ја исклучи јавноста од доказната постапка, не можам да ги потврдам или отфрлам, на првата средба снимена од МВР на 12 април 2011 година, во домот на сведокот ама уште како незагрозен, Љубе бил повикан од него. А не обратно – Љубе да го бара, за да го моли за пари. Да го рекетира, што би рекле некои патриоти, не ми пасува како израз. Оти, мили мои, да рекетира може некој што има власт или моќ и сила.

И сега, нели МВР не го прислушува Бошкоски, ама, ете, знае што се крчка. Како бре само продреа во мислите на загрозениот дека планира да му нуди пари?! И чист погодок. А од извори блиски на изворот дознаваме дека пријателчево- странец со куќа во една убава скопска населба, го провоцира и наведува Љубе на разговор околу изборите.

Велат дека Љубе не му бара пари, туку тој, сеуше со статус на незагрозан сето време ја наведува работата на таа воденица. И на крајот го наседнува во Воденица! Што според називот на кафеаната звучи апсолутно како загрозена врста!

Шесто, според сознанијата на Фокус, за првата средба на Љубе со дотичниот пријател, претходно лобирало лице кое некогаш работело како дел од обезбедувањето на висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. А штом работел некогаш таква работа, тешко дека е надвор од контактите со структури на МВР.

Како уште еден показател дека во „Кампања одработувал де факто полициски соработник а не загрозен сведок, говорат сведоштвата и на луѓе од раководството на Обединети за Македонија. Имено, тие биле присутни кога Бошкоски околу пладне на 6 јуни бил повикан телефонски од пријателот на средба во Воденица. Набргу Љубе заминал таму, а не минало многу време откако им јавиле во чија мрежа влетал нивниот лидер.

Ако не му ги слушале телефоните, тогаш логично е да се претпостави дека сведокот или и јавил на полицијата што планира. Или, уште поверојатно, дека добил налог од сценаристите и режисерите на „Кампања“ да стапи во финалната акција. Дали со ваквиот тајминг, можеби не се сакало да потисне во втор план непланираната вест дека е убиено едно момче при победничката прослава на плоштадот?! Нели и мајката на убиениот Мартин Нешковски сведочеше пред камерите на А1 ТВ дека доаѓале од партијата да ги убедуваат да не креваат вревеа во јавноста?!

„КАМПАЊА“ ПОДГОТВЕНА 9 МЕСЕЦИ ПОРАНО!

И да сумирам, ако не биле прислушувани телефоните на Бошкоски, тогаш како полицијата прецизно знаела кога Љубе ќе оди кај сведокот дома, а дека овој пак уште ќе му даде пари? Згора на тоа, сите три налози за ПИМ мерки се за трите фатални средби, од кои две се во кафеани- Стара куќа и Воденица. Освен, се разбира, доколку самиот сведок не бил всушност дел од сценариото на МВР. Ако го следеле само со „људство“ тогаш ме интересира дали се регистрирани и некои други средби на Бошкоски со други фаци?

На пример, со Љубе во текот додека траела „Кампања“ заедно со колегата Владо Апостолов се сретнавме во еден кафуле во близина на „Воденица“. Дали и оваа средба е покриена полициски? Дали постои аудио-видео снимка? Или, можеби ние не бевме третирани како пријатели кои даваат пари, па овие дешавки не беа од интерес за истрагата, за дадат налог за снимање?

Дали цели два месеци, (така на 6 јуни изјави Иво Котевски), Бошкоски бил покриен само за да се начека со сведокот дародавач? Или, повторно полицијата секогаш била уредно информирана од сведокот кога и како ќе се среќаваат? Дали камерата во домот на информаторот ја инсталира  МВР, а за тоа има кусо време, или, најверојатно, со дозвола на сведокот се снима средбата?

А сега ќе го вратам филмот малку поназад. „Кампања“ против Бошкоски се поведе многу пред официјалната полициска. Колегата Влатко Стојановски, уште во септември 2010 година, во сега веќе упокоениот Шпиц ќе објави дека во вмровската кујна се готват планови за второ полувреме од кампањата (н.з.) против лидерот на опозициската Обединети за Македонија (ОМ) Љубе Бошкоски. Првата, да потсетам се засноваше на предавничката приказна дека наводно брат Љубе во Хаг го предал Јохан Тарчуловски за да ја спаси својата глава.

„Ако има вистина во овие гласини кои допреа до Шпиц, втората рунда напади врз Бошкоски, чиј акцент овој пат ќе биде врз сомнителните извори на финансирање на неговата партија, поранешниот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ треба да го очекува непосредно пред парламентарните избори, или, пак, во текот на предизборната кампања (н.з).“- напиша Стојановски брифиран од лица од ВМРО-ДПМНЕ, внимавајте- во септември 2010!

ВЛАТКО ЃОРЧЕВ КАКО ЈАСНОВИДЕЦ

И кога ги имате на тацна овие прецизни прогнози, што, глеј чудо, беа совршено точно „Остварени“, сосе фактот дека Бошкоски баш така финишираше во „второто полувреме“, тогаш прозвучува сосема нормално прашањето што Влатко Ѓорчев му го упати на Љубе од предизборниот митинг во Струмица, внимавајте уште еднаш на датумот- 22 мај 2010- Од кои црни фондови се финансира?

-Кој му даде пари за адвокати, кој му даваше пари за храна и за авионски билети? Сега, тој што немаше пари кога беше во Хаг, има пари за плакати, билборди, кампања – ќе скреса Ѓорчев, убаво откривајќи дека во неговата ментална матрица Партијата и Државата се едно те исто, но, не откривајќи на пример, зошто не му било сомнително од каде, претседател на СДПМ, инаку директор на Управата за боречки прашања при Министерството за труд, Бранко Јаневски има пари за плакати и билборди.

И сега доаѓам до една ептен системска фалинка, доколку ваквиот третман на Кампња од МВР, потоа мине без сериозно чешлање од судството, Собранието, антикорупциската и јавноста, тогаш како и секој преседан и вкавата Кампања ќе стане правило. Ете, во полицијата ги имаш Јанкуловска- носител на листа и ептен доверлива фаца на Груевски, ем братучедот негов како шеф на ДБК, Сашо Мијалков.

Утре и некогаш во блиска или далечна иднина, може да биде Стевче Јакимовски како прв полицаец и едикојси Бранков безбедњак. Два месеца во изборна кампања ќе си го следиш пикираниот политички душман, му наоѓаш некој (не)пријател, кој има некоја мака или борч кон власта, па тој стегнат за „таквото“ им учинуе со три срца.

Судството вообичаено ќе си ги аминува таквите хирови, војчевци и мирјани ќе бидат надлежни да одвлекуваат внимание кон уште поголемиот душман, а ти си арчиш, батка, милиони евра, за кои барем за три немаш ни официјален рапорт и извор. Специјалците од медиумската сфера ќе гуслаат дека оној што се сомнева во полицијата го брани криминалот, а хористите ќе ѕенѕаат нешто за одбрана на име, знаме, Александар Македонски и други национални обележја.

И конечно, кој се знаел во овие два месеци дека лидерот на опозициската партија е под полициска присмотра во текот на предизборната кампања? Дали Јанкуловска особено активна на митинзите, согласно Уставот и законот, го криела овој податок од Груевски? Дури и ако Јанкуловска влегла во еден ваков филм- премиера нели, тогаш одговорноста за забошотување на евентуалните  злоупотреби на полициските алатки за сотрување на конкурентите, уште повеќе паѓа врз грбот на судството и пратениците. Оти секој ќе може да се најде во една валкана кампања, а тоа веќе ќе се восприема како нормално и пожелно од демократски аспект!

Патриотски, нема што!

Гордан КАЛАЈЏИЕВ, претседател на Хелсиншки комитет
ПРИКРИЕН АГЕНТ НЕ СМЕЕ ДА ПОТТИКНУВА НА КРИВИЧНО ДЕЛО

ФОКУС Дали агент-провокатор може да добие статус на загрозен сведок?

КАЛАЈЏИЕВ За еден сведок да стане заштитен мора прво да му се утврди дека неговата или безбедноста на неговото семејство е навистина сериозно загрозена. Се работи за сериозни закани од мафијашки организации и сл. Ова е важно за да може да се оправда ограничувањето на правата на одбраната со сите сведоци кои ги товарат да се соочат лице в лице за да може да се тестира нивниот исказ. Се работи за една од основните гаранции за фер судење.

ФОКУС Доколку парите што некој ги прима незаконски претходно биле технички обработени од полицијата, зарем тоа не оди во прилог на тезата дека донаторот соработувал со полицијата?

КАЛАЈЏИЕВ Во таков случај важно е за одбраната да се утврди улогата на лицето во настанот. Може да се работи за прикриен истражител (т.н. „прикриен агент“) кој може, но не мора да биде полициски службеник, туку може да биде и полициски „информатор“ кој не смее да поттикнува на кривично дело, бидејќи тоа не е дозволено според нашиот закон и Европската конвенција за човековите права – т.н. „агент провокатор“.

Имено, во овој случај прикриените истражители треба да имаат пасивна улога, што значи дека криминалната воља на сторителот треба да е веќе оформена. Токму затоа многу внимателно треба да се разгледува начинот на спроведување на мерката од страна на прикриените истражители бидејќи мерката може да се злоупотреби така што преку активни дејствија на агентот да поттикне лицето да го стори кривичното дело што инаку не би го сторило.

ФОКУС Какви се европските норми, кога се работи за прикриен агент или информатор?

КАЛАЈЏИЕВ Кога се работи за прикриен агент, нашиот закон и практиката на Европскиот суд  во Стразбур се јасни – дека тој многу порестриктивно треба да се заштитува за разлика од обичен сведок, бидејќи се работи за лица кај кои ризикот е дел од работните задачи, но и заради тоа што треба да се види дали тие во случајот не се евентуално провокатори на дело кое осомничениот без нив никогаш не би го презел. Посебна категорија е т.н. „соработник на правдата“, кој и самиот е учесник во кривичното дело.

Во случајот Бошковски може да се работи за било која од овие варијанти, поради што е важно да се утврди улогата на заштитениот сведок во целиот настан.

Поврзани новости