Обвинителството не одговара на прашања за „Пуч“, се „брани“ со молчење

by fokus

Основното јавно обвинителство и денеска директно не одговори на прашањата на „Фокус“, во врска со акцијата „Пуч“, а во која еден од осомничените е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Оттаму, со вчерашното соопштение, единствено им забранија на медиумите, заканувајќи им се со казна затвор, да објавуваат видеа, без да објаснат, на кои видеа точно мислат, бидејќи оние кои се стекнати во предистражната постапка, а кои не смеат да излезат во јавност,  ги поседуваат само МВР и обвинителството.

„Фокус“ ги постави, а не доби директен одговор, на следниве прашања:

1. Дали видео снимката која ја објави телевизија „Сител“,  а на која разговараат премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е стекната со употреба на посебни истражни мерки или Заев незаконски бил снимен?

2. Дали Зоран Заев бил под посебни истражни мерки и од кој датум почнале, а на кој датум завршиле?

3.Во вчерашното соопштение забранивте да се објавуваат материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка. На кои материјали конкретно мислите, бидејќи ние медиумите не можеме предвреме да знаеме кои материјали допрва ќе станат предмет на натамошната кривична постапка?

4.На точно кој член од законот се повикувате кога им забранувате на медиумите да ги објават овие материјали, за кои, како што претходно посочив, не посочувате кои се и како ние новинарите да ги препознаеме?

На овие прашања добивме непрецизен и нецелосен одговор.

„По донесување на Наредбата за спроведување на истражна постапка против четири лица за сторени кривични дела Шпиoнажа и Насилство спрема претставници на највисоките државни органи, надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите потребни мерки и активности во истражната постапка со цел расветлување на случајот, прибирање на докази и податоци“, велат од Обвинителството.

Оттаму и додаваат дека не се во можност да споделат детали со јавноста.

„Со оглед на обемноста на предметот, неопходното време потребно за работа на надлежниот обвинител, како и потребата од обезбедување на непречено водење на истрагата и за истата да се заштити од бројни шпекулации кои можат само да наштетат, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не е во можност да сподели детали околу преземните активности,  ниту пак за утврдените факти“, се вели во одговорот на обвинителството.

Оттаму им порачуваат на медиумите дека одредбите кои предвидуваат тајност во постапката ќе ги најдат во Законот за кривична постапка член 289 и член 299, и во Законот за јавно обвинителство член  8 став 3.

Во Член 289 стои „Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“.

Во Член 299, пак, се вели: „(1) Доколку тоа го бараат интересите на кривичната постапка, потребата да се зачува тајна или да се заштити личниот и семејниот живот на оштетениот или осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое го сослушува, кое присуствува на истражното дејствие или кое ги разгледува списите, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од одавањето на тајната.

Во Законот за јавно обвинителство член  8 став 3, пак, пишува:

„Јавниот обвинител на Република Македонија доколку смета дека одредени податоци или коментари објавени во медиумите ги кршат уставните права на презумпција на невиност, принципот на самостојност на јавното обвинителство или работењето на јавното обвинителство врз основа на Уставот и закон има право и обврска да се обрати на јавноста и е должен да укаже дека се повредени наведените принципи“, се вели во Законот.

По сите детални насоки на обвинителствот, јавноста повторно не доби одговор, дали снимката што ја објави „Сител“ е доказ добиен во предистражната постапка, или, пак, некој незаконски го снимал лидерот на СДСМ, во кабинетот на премиерот.

Поврзани новости