Обвинетиот за смртта на Алмир ќе може да се казни со најмногу 5 години затвор, доколку се случи преквалификација на делото

by fokus

Судскиот случајот со смртта на малиот Алмир Алиу, се води согласно законите и обезбедени се сите можни докази, сведочења и вештачења, кои откриваат што се случило вечерта кога 4-годишниот Алмир беше прегазен, а набрзо и почина, уверуваат од Обвинителството. Оттаму велат дека во јавноста се појавиле многу шпекулации, кои ја искривуваат вистината за овој случај.

Овој случај е пред самата завршница, бидејќи утре обвинителството и одбраната треба да ги дадат завршните зборови, а потоа ќе следува и пресудата. Од обвинителството не откриваат дали обвинителката во својот завршен збор ќе направи преквалификација на делото, односно наместо за „убиство со умисла“, првообвинетиот Бобан Илиќ да се гони за „несреќен случај со смртни последици“. Ваквата шпекулација се појави уште пред неколку недели, кога медиумите објавија дека по реферирање на предметот во Вишото и Републичкото јавно обвинителство, било донесена одлука за преквалификација на делото.

Истата шпекулација неодамна ја потврди и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој одговарајќи на пратеничко прашање одговори дека одлука за преквалификација е донесена, но не од него.

-Предметот се наоѓа во постапка пред Основниот суд. Инаку, пред да пред да бидам именуван за републички јавен обвинител, во Вишото јавно обвинителство е направена преквалификација на делото, но сепак сега случајот повторно е во постапка, односно почна од почеток, и ќе се постапи согласно закон, рече Јовески.

Предвидувањата се дека наместо за „убиство со умисла“, Илиќ ќе одговара за член 300, став 4, односно „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, за што е предвидена казна од една до пет години.

Сепак останува можноста со преквалификација обвинетиот и понатаму да се гони за убиство, но без умисла, односно на пример за убиство од небрежност. За убиство со умисла е предвидена казна од најмалку 10 години до доживотен затвор, а за второто дело од шест месеци до пет години.

Од обвинителството појануваат дека за трагичниот настан постои снимка, од која само еден дел беше емитуван во јавноста, односно само ударот на автомобилот во малиот Алмир. Според информации од таму, на првиот дел од снимката се гледало како Бобан, неговиот брат и девојка, биле физички нападнати, а бил оштетен и автомобилот. Исто така девојката, пред да биде прегазен Алмир, преку телефон повикала полиција барајќи помош и појаснувајќи зошто се исплашени.

Како доказ се приложени и психијатриско вештачење и техничко сообраќајно вештачење, за кои од обвинителството појаснуваат дека имале проблем да ги обезбедат бидејќи првите наредби на обвинителот биле одбиени и тоа од Психијатриската болница Бардовци и Техничкиот факултет во Битола. На крајот вештачењата ги изготвиле Универзитетската клиника за психијатрија и Бирото за судски вештачења. Сепак, овие вештачења биле изготвени откако веќе бил поднесен обвинителниот акт, што значи дека обвинителката го напишала без да ги има предвид сознанијата од вештачењата, со што евентуално може да направи обид да ја оправда преквалификацијата доколку се случи.

Според психијатриското вештачење Илиќ бил пресметлив, односно свесен и рационален, но со афект на страв.

Според обвинението, на 25 јуни Бобан Илиќ со мерцедес Ц 200, во кој биле и неговиот брат Бојан и лицето Т.Д., во близина на Здравствениот дом – Куманово, со предниот десен дел од возилото намерно удрил во семејството Алиу. Детето Алмир, со тешки телесни повреди беше префрлено на Детска хирургија во Скопје, но по неколку дена им подлегна на повредите.

Валентина Вурмо

Поврзани новости