Обвинетиот за грабежот во НЛБ: Парите ги зедов бидејќи бев во долгови, а семејството ми живееше под закани

by fokus

Бобан Смилевски, првообвинетиот за грабежот во Тутунска банка, од каде што беа украдени околу три милиони евра, во завршните зборови ја призна вината и рече дека парите ги украл бидејќи бил во долгови, а тој и семејството живееле под закани.

-Делото не е од лукративна причина и не е да се оствари имот за себе или било кој друг. Бев во долгови и во последните два месеци бев под закани јас и семејството. Губењето самоконтрола ме доведе до ова. За себе можам да кажам дека сум бил пример во приватниот живот, општеството, а до кражбата за себе можам да кажам дека не сум бил криминалец, ниту имам криминален ум, рече Смилевски во својот завршен збор.

Тој додаде дека останатите обвинети ненамерно ги вмешал, па затоа побара тој да биде казнет наместо нив.

-Колку е поблага казната и колку побргу се вратам во општество ќе почнам побрзо да придонесувам, рече Смилевски.

Тој им се извини на своите родители за нанесениот стрес и срам, на својата сопруга која ја оставил со две малолетни близначиња, на својот внук кој го оставил без татко.

Објавата на пресудата за овој случај е закажана за 3 ноември.

Поврзани новости