Објавена листата на земји учеснички на Евровизија: Македонија ја нема помеѓу натпреварувачите!

Вчера на официјалната страница на Евровизија се објави листата со земјите учеснички на музичкиот настан, кој треба да се случи во Лисабон, Португалија, на 8, 10 и 12 мај 2018 година.

Македонија овојпат ја нема помеѓу натпреварувачите. Нашите соседи и земји од регионот како Србија, Бугарија, Албанија, Грција, Црна Гора, Хрватска и многу други, се повторно на листата, составена од вкупно од 42 учесници.

Во најавата на официјалната страница на Евровизија исто така е потенцирано дека на натпреварот во 2018 година на сцената во Лисабон ќе се претстават 42 земји. Нема податок дека листата е се уште отворена и може да се приклучат и други натпреварувачи дополнително.

,,Изданието во 2018 година ќе биде посебно за Шведска, која ќе слави 60 годишнина, откако за прв пат се појави на сцената во 1958 година. Русија исто така се враќа на сцена по една година отсуство. Се радуваме на средбата со четириесет и двајцата натпреварувачи во Лисабон наредниот мај’’ – се вели во соопштението на организаторите, под кое следи листата со земјите учеснички.

Околу тоа зошто Македонија ја нема помеѓу учесниците, се обидовме да стапиме во контакт со Мери Попова, шефица на македонската евровизиска делегација, во изминативе пет години, но таа не беше достапна за коментар. Љубителите на овој музички натпревар од земјава, наверојатно остануваат без задоволството да навиваат за својата земја и јавноста е во исчекување на официјален став на надлежните.

Попова заедно со останатите членови на македонската евровизиска делегација лани се најде на мета на напади од јавноста, откако нашата претставничка Јана Бурческа не успеа да влезе во финале. Реакциите во јавноста беа дека немаме среќа, кога е Евровизија во прашање, дека се избираат лоши песни, како постојат разни теории за заговор помеѓу земјите учеснички, но и дека голем дел од вината за константно лошите пласмани сноси и нашата евровизиска делегација.

Веднаш по завршувањето на минатогодишната Евровизија во Киев ја контактиравме Попова, која тогаш ни изјави дека не можат сите земји да влезат во финале и како делегацијата воопшто не чувствува морална одговорност поради константните лоши пласмани.

,,Нашата работа е максимално професионално одработена од секој поединец во тимот! Ова не ни се случува само нам, туку и на уште 15 други европски земји кои не обезбедија пласман во финалето, меѓу кои и многу поголеми, побогати и повлијателни земји во Европа’’ – ни изјави таа лани, при тоа одбивајќи да открие со колкав буџет се располага за време на настанот.

Победата на Португалија, каде ќе се одржува следното издание на Евровизија, и ја донесе младиот Салвадор Собрал, и тоа беше прва победа за оваа земја по 53 години учество на музичкиот настан.

Вики Клинчарова