Објавен огласот за наследник на Зврлевски

by fokus

Собранието го објави огласот за избор на нов републички јавен обвинител, па од денеска тече и рокот од 15 дена за поднесување на кандидатурите.

Откако кандидатите ќе се пријават, Советот на јавните обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување на јавниот обвинител. Во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата, Советот доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно законот. Ако не се произнесе во овој рок, течат нови 15 дена. Доколку и тогаш не се изјасни, тогаш се смета дека мислењето на Советот е позитивно.

Доколку Советот за ниту еден од кандидатите не даде позитивно мислење, тогаш владата нема право да поднесе предлог кандидат, туку може само да му предложи на Собранието да го повтори огласот, по што повторно ќе почнат роковите од 15 дена за изјаснување на Советот, па изборот да се пролонгира до бескрај.

Во тој случај, неговата работа ја врши обвинител, кој го определува Советот на јавните обвинители.

Обвинител може да биде дипломиран правник кој е граѓанин на Република Македонија, има положено правосуден испит и со работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи, како и универзитетски професор кој предавал повеќе од 10 години некој правен предмет.

Досега, своите кандидатури ги најавија пет кандидати, нотарката Лорија Ваневска и адвокатите Звонко Давидовиќ, Александар Тортевски, Александар Наков и Сејфула Османи.

Поврзани новости