Нож во срцето на демократијата

by fokus

Не само што овој закон е потребен на државата, туку мислам дека тој не води едно скалило погоре во цивилизацискиот развој. Но ако се донесе во процедура која удира тежок шамар на демократијата и граѓаните претставени преку опозициската ВМРО ДПМНЕ, со тоа што ќе се оневозможи дебата, без оглед дали таа би била деструкивна и несочена кон блокирање, тоа е зариен нож во срцето на демократијата што би требало Парламентот да го симболизира.

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Не е суштинското прашање дали законот за проширена употреба на албанскиот јазик е уставен. Суштинското прашање е за што постојат Уставот и законите? Тие произлегуваат од потребата на луѓето да ги дефинираат односите во една држава во насока на обебедување и на заштита на правата на сите граѓани. Тие законски рамки им се потребни на граѓаните или како што опишал британскиот философ Џон Лок, “целта на законите не е да ограничат или спречат, туку да ги зачуваат и прошират слободите”. На пример, се пропишува казна за оние поединци кои ги ограничуваат слободите на останатите или прибавуваат нешто што припаѓа на останатите.

Институциите се тие што ги спроведуваат законите, а граѓаните треба да ги уживаат правата од така договорените правила, кои треба да рефлектираат консензус кој пак се обезбедува во Собранието како највисок законодавен дом. Некогаш таквиот консензус значи просто мнозинство, некогаш двотретинско. Така креираниот систем на институции и легални рамки ја дефинираат државата. Без тоа, за постоење на држава не би можело да се зборува.

Конечно, најсуштинското прашање е дали Уставот и законите се носат во име и за заштита на правата на граѓанинот, а не на некои центри на моќ или мафијашки структури. Во првиот случај, државата која носи закони во име и за сметка на правата на граѓаните се нерекува демократска, а онаа каде разни центри на моќ ги дефинираат правилата, се нарекува мафијашка.

Уставот и законите не се неменлива категорија и дадени еднаш за секогаш. Уставот секако не се менува често токму за да одразува еден контунуитет како рамка која ги дефинира основните правила кои се насочени кон обезбедување еднакви права и слободи на граѓаните. Ако беа неменливи, човештвото ќе останеше на Хамурабиевиот Законик. Повторно, тие треба да се менуваат само во насока на унапредување на правата на граѓаните во една држава.

Законот за јазици е цивилизациски напредок

Потребата за промена или воведување нови закони произлегува од практиката, односно животот на граѓаните и нивните потреби. Да, можеби беше подобро да се донесе попис, бидејќи тоа ќе биде аргумент плус да се донесе законот за употреба на јазиците, но зарем практиката не ни покажува дека е навистина потребно да се унапредат правата на Албанците и да им се овозможи комуникација со институциите на албански? Како тоа ги ограничува правата на останатите? Не само што овој закон е потребен на државата, туку мислам дека тој не води едно скалило погоре во цивилизацискиот развој.

Но ако се донесе во процедура која удира тежок шамар на демократијата и граѓаните претставени преку опозициската ВМРО ДПМНЕ, со тоа што ќе се оневозможи дебата, без оглед дали таа би била деструкивна и несочена кон блокирање, тоа е зариен нож во срцето на демократијата што би требало Парламентот да го симболизира. Ништо немаше да биде страшно ако законот се донесеше неколку месеци подоцна, откако ќе се исцрпеше дискусијата по амандманите. Примерите на злоупотреба на законските и процедуралните можности како што беше инвазијата од амандмани на ВМРО ДПМНЕ се одлична можност да се поведе постапка за промена на парламентарните процедури, за во иднина да се избегне опструирање на правата на мнозинството кое стои зад потребата од овој закон. Зад тоа мнозинство стојат граѓани во оваа држава кои поддржуваат промени во регулативата за да се обезбеди граѓаните Албанци да комуницираат на мајчин јазик и тоа ќе се преточеше во закон чист како солза. Вчера спроведената постапка само го обремени законот со товар на силеџиско контра газење по процедурите за да се “извојува” своето.

Зашто е важно тоа да не се случеше?

Затоа што по еднодецениското силување на Македонија што го спроведуваше Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ, таа ги загуби сите карактеристики на држава. Партијата ги зароби институциите, медиумите, судството, ги погази сите одредби од Уставот кои се рамка за обезбедување и заштита на човековите права на еднаквост. Мафијашките правила кои ги згазија и граѓанските права и граѓанското достоинство беа ставени на пиедестал.

Долгоочекуваното соборување на тој режим несомнено е голема победа на Македонија, Но, дали Зоран Заев кој ветуваше живот за сите и враќање на граѓанинот во фокусот на политиките е на висина на задачата на враќање на нормалноста? Нормалноста подразбира пред се еднаквост, загарантирани права, функционирање на институциите во служба на граѓаните, преку поставување квалитетни кадри кои ќе ја враќаат довербата во нив.

Не за промена на партискиот јарем

Собранието е во целата структура на државата една од најважните институции. Дом каде се носат законите. Тоа треба да ужива најголем углед и доверба, но такво нешто нема, а последните настани не навестуваат скора рехабилитација.

Ако народните избраници и натаму гласаат како “бројлери” одгоени за одредена намена, а не индивидуалци со моќ на расудување, ние се уште сме во груевизмот и животот не е дојден за сите. Ако судовите и натаму делат неправда според калкулација на личниот интерес наместо на приложените докази, ние и натаму сме во груевизмот и животот не е дојден за сите. Ако во институциите се поставуваат партиски наместо стручни кадри, работата на тие институции никогаш нема да стане професионална и животот никако нема да дојде за сите.

Сте чуле и виделе пратеник да дава изјава за проблемите на граѓаните во неговата изборна единица? Секогаш дават изјави за проблемите на нивните партиски лидери и партиски интереси, каде граѓаните постојат само во 15-те денови партиска кампања. Сте виделе дека во институциите се поставуваат директори или се кандидираат градоначалници според соодветни квалификации и минат труд во општеството, а не во партијата? Резултатот од поставување некадарен партиски функционер единствено е подобрување на неговиот личен живот како награда за неговата партиска лојалност. Затоа наместо унапредување на функционирањето на институциите и враќање на нормалноста во државата, граѓаните се сведоци на пубертетска неизживеаност на луѓе кои одеднаш се добрале до моќ, среќни на можностите што им ги нуди службената кредитна картичка, нов автомобил, зголемен интерес поради моќта кај жени/мажи. Оттука, сведочевме на безобразие како она на Бонева со патарините, “Версаче” чантата на Канчевска Милеска, “палавштините” на Диме Спасов и останатите. Во таа равенка на партиски калкулации, мафијашки аспирации и награда на лојалност со лечење фрустрации, општествениот интерес и еднакви права на граѓаните е помножен со нула.

Ете тоа требаше да се промени за злото никогаш да не се повтори, а не Бонева да биде замента со некоја нова “хероина” во Собранието, а замена за Спасов да бидат други неизживеани ликови кои ќе се луксузираат на грбот на граѓаните. Кога Јово Вангеловски беше избран да учествува во реформирање на судството, Зев тоа го обраложи со демократија, демек тој бил на чело на Врховниот суд. Замислете по падот на нацизмот, др. Менгеле да останел на некоја функција? Требало да му се дозволи да “лечи” пациенти? Каква е таа квази логика, човекот што го чувме како “средува” за фамилијата, сега да средува реформи?

Ако Заев навистина има чесни намери кон земјата, треба да почне со ослободување на заробената држава, а не со промена на партискиот јарем.

Поврзани новости