Новинарите ја наметнуваат пресудата за „Фокус“ во јавните дебати, судиите се уште не ја коментираат

by lali

Во отсуство, од оправдани причини, на судијата Јованка Спировска-Панева, другите судии кои се задолжени за процесите околу делата клевета и навреда, на Советувањето на Академијата за судии, не сакаа директно да ја коментираат пресудата за „Фокус“ според која весникот мора да плати 9.000 евра по тужбата од директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Нејзината колешка, судијата Весна Калковска пред новинарите се оправда дека не ја знае целосно пресудата, но укажа дека судиите судат врз основа на докази и факти. Според неа, судот при пресудите ја утврдува намерата со објавеното и дали се почитувале кодексот и професионалноста на новинарството.

Ништо повеќе за пресудата не знаеше ниту судијата од Врховниот суд, Лидија Тасева. Таа нагласи дека Врховниот работи на унифицирање на праксата.

– Мораме да ги следиме пресудите, па дури и оваа за „Фокус“, која јас од личен интерес сакам да ја прочитам, за потоа да можеме да ја вооедначиме праксата – одговори Тасева.

Одговорите на судиите следуваа по инсистирањето на неколкутемина новинари кои беа дел од советувањето. Ердем Амет од ЗНМ укажа дека во процесот се покажало оти доминирала моќта на функционерот, а судот не успеал да препознае јавен интерес.

– Како е тоа можно? Изворот на текстот е дипломат, тој ја дава изјавата која „Фокус“ ја пренесува, затоа и новинарот немал потреба да го допроверува изворот, со оглед на значајната државна функција што ја извршува. Зошто да не му се верува на амбасадорот? – праша Амет.

И претседателот на ЗНМ, Насер Селмани не испушти да ја издвои пресудата за „Фокус“ кога им призна на судиите дека се промениле од претходните советувања, во смисла дека го надминале стравот и полека со пресудите почнале да градат судска пракса.

– Има навистина добри пресуди и некаква пракса се појавува, но пресудата за „Фокус“ ја мати сликата. Таа, се плашам, дека се издовјува од останатите – нагласи Селмани.

А токму за добрите пресуди зборуваше судијката Тасева од Врховен суд. Искористи неколку од нив за на судиите, кои судат дела клевета и навреда, и на новинарите да им предочи дека нешто оди напред, иако има уште многу да се работи.

– При одлучувањето судиите да ја штитат формата на изразување. Да се оцени видот и начинот на кој е изразено мислењето, видот на медиумот на кој е објавена информацијата, како и видот на публиката до која се испраќа пораката. Наидувам на пресуди во кои судиите не прават разлика меѓу клевета и навреда, иако мора да се прави дистинкција затоа што ако новинарот се извини при сторена нвреда, тогаш не може да се пресудат и пари, додека кај клеветата се одедува и парична казна, и покрај извинувањето – анализираше Тасева.

Мирјана Лазарова-Трајковска, судијата од Стразбур, ја анализираше праксата на Меѓународниот суд за човекови права од аспект на клевета и навреда. Според неа слободното изразување како да станало предизвик.

– Ние таму новинарите ги нарекуваме чувари на демократијата. Тие имаат должност да ја пренесат информацијата. Сметаме дека е важно да се одреди целта на објавената информација и секако таа да предизвика јавна дебата. Но тоа да не биде дебата само со позитивно истакнати информации, туку напротив, дебата за информации кои провоцираат и откриваат нешто ново. Затоа при такви ситуации, се очекува, пред се од општествените авторитети, да бидат потолерантни – заклучи Лазарова Трајковска.

Професорот Дејан Донев отвори дебата за Етичкиот кодекс на новинарите и колку тој може да ги заштити да не сторат клевета или навреда во вакви услови на

Поздравно обраќање имаше амбсадарот на Велика Британија, Чарлс Едмунд Гарем кој го потенцираше значењето на регулаторните тела, но и на независноста на медиумите и еластичноста на политичарите кога ќе си го прочитаат името во весник.

Поврзани новости