Новата влада ќе се прошири и со вонпарламентарни опозициски партии

by Фокус

По формирањето на владата со албанските парламентарни партии, лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе започне преговори и со опозициски вонпарламентарни политички партии и коалиции, со цел да бидат вклучени на одредени нивоа во извршната власт.

Како што дознава Фокус од партиски извори, Заев периодов оддржува редовни контакти со Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски, Стојанче АнгеловПавле Трајанов, како и со други опозициски лидери и партии кои на последните парламентарни избори не освоија ниту еден пратеник, но директни средби и конкретни преговори со цел тие да бидат вклучени во власта треба да почнат по формирањето на владата.

Од овие партии неофицијално велат дека ќе преговараат да бидат вклучени во пониските ешалони на власта со директорски места, но и да разговараат за промена на изборниот модел од 6 во една изборна единица, со цел „помалите“ партии да настапуваат самосотјно, наместо да се групираат во големите коалиции.

Исто така, од таму најавуваат разговори околу настапот на претстојните локални избори, како и за можностите за евентуално предизвикување или оддржување на предвремени парламентарни избори, кои во голема мера би зависеле токму од исходот на изборите за градоначалници и советници.

Откако ќе го формира владиниот кабинет со ДУИ, Алијансата за Албанците и евентуално со БЕСА, чие учество во владата дефинитивно ќе биде познато деновиве, мандатарот Заев како веќе избран премиер треба да разговора и со „помалите“ партнери од предизборната коалиција на СДСМ, за да договорат кои позиции ќе им бидат отстапени.

Со оглед на повеќето постизборни коалициски партнери од албанскиот блок, не остана ниту едно министерско место кои би можеле да го добијат, па ЛДП на Горан Милевски, НСДП на Тито Петковски и другите партии треба да се задоволат со заменички министерски позиции, директорски функции и раководни места, но и да се обидат да издејствуваат нивни луѓе да бидат кандидирани за градоначалници во неколку општини од страна на коалицијата.

Некои од овие, условно кажано, помали опозициски парламентарни и вонпарламентарни партии, кои остваруваат или ќе остваруваат формална и неформална соработка со социјалдемократите, знаат да си упатат меѓусебни критики од типот кој повеќе придонел во борбата за промена на власта, во контекст на распределбата на позициите.

Дел од нив, пак, се противат на можноста нови владини министри да бидат бизнисмени што биле блиски до ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, како Кочо Анѓушев (вицепремиер за економски прашања), како и луѓе што биле на разни функции од истата партија, како Никола Димитров (министер за надворешни работи).

Меѓутоа, од СДСМ посочуваат оти ќе се обидат да ги менаџираат ваквите разлики и тензии и да ги вклучи сите расположиви сили во новата реформска и проеврпски ориентирана влада.

В.С.

Поврзани новости