Новата портпаролка на обвинителството поважна од аферите „Македонска банка“ и „Каса прими“

by fokus

Јавниот обвинител, Марко Зврлевски, на денешната прес конференција, потврди дека од пред една недела во рацете на Обвинителството за организиран криминал е кривичната пријава, која СДСМ, ја поднесе за наводната афера „Македонска банка“, со која бараат одговорност од премиерот Никола Груевски за како што обвинуваа, „криминална продажба на Македонска банка“.

-По однос на кривичната пријава можам да кажам дека е дадена на работа, односно земена е во анализа, а уште сега не можам да коментирам кои чекори понатаму ќе се превземат, рече обвинителот Зврлевски.

Тој неволно одговараше на новинарските прашања, бидејќи како што истакна, прес кооференцијата била свикана за да се претстави портпаролката на Обвинителството, Елизабета Недановска, што според обвинителот претставувало историски чин.

Зврлевски сепак одговори на неколку прашања, истакнувајќи дека случајот познат во јавноста како „Каса прими“, односно обвинивањата на Загорац Тумбовски, дека во кеш давал пари за партијата ВМРО-ДПМНЕ, бил со низок степен на сомневање.

-Ќе го разгледаме случајот, но тој е со низок степен на сомневање. Имаме само еден човек кој вербално обвинува и толку, но сепак обвинувањата ќе се проверат, рече Зврлевски, кој додаде дека лично од медиумите го слушнал обвинувањето на Тумбовски.

Бидејќи обвинителот овој случај го окарактеризира со низок степен на сомневање, го прашавме колкав е степенот за „Македонска банка“, на што одговори дека разликата била во тоа што за овој случај имале добиено кривична пријава по која мора да постапуваат.

Обвинителот истакна дека и случајот „Актор“, поврзан со изградбата на автопатот Смоквица -Демир Капија е во предистражна постапка, каде што исто така поради низок степен на сомневање, на фирмата и било дозволено да продолжи да работи, бидејќи обвинителството заклучлило дека со замрзнување на сметките може да и нанесе големи загуби.

Поврзани новости