Нова сензација на интернет: Ние сме богатите деца на Скопје!

by Fokus
Дали интернетот навистина ги расипува луѓето, или само ни помага да видиме какви се луѓе има на светов, е прашање што сигурно ви поминало низ мислите, додека гледате нечиј социјален профил, група или интернет страница за себепромоција.
 
Еден од тие необични интернет профили, кој деновиве е доста коментиран, е секако тој на Инстаграм, насловен како ,,Богатите деца на Скопје’’.
 
Имено, група на младинци од Скопје, го отвориле со цел да го промовираат својот раскошен живот, споделувајќи фотографии од нивното секојдневие кои изобилуваат од раскош. Позирање покрај луксузни автомобили, на јахти, во хеликоптери, со шишиња скап шампањ, со кои тие ја рекламираат својата лагодност, се составен дел на социјалниот профил на скопските млади богаташи.
 
Покрај фотографиите, дел од нив оставаат и пораки со кои ја потенцираат вредноста на парите кои ги имаат, и нивната пресудна важност за квалитетен живот.
 
,,Парите не можат да ви купат среќа, но можат да ви купат БМЊ’’ ,,Шампањот е еден од елегантните додатоци во животот’’ се дел од нивните пораки. Како главно мото на групата е истакнато – Небото не е граница. Граница е вашата сметка во банка!
 
И додека дел од младите ги поддржуваат,, скопските богати деца’’, кои во профилот не ги кријат и своето име и презиме, и ги опсипуваат со комплименти, голем е бројот на оние кои што ги осудуваат поради својата нескромност и расипничко трошење во млади години.
Добар дел од критиките се адресирани на родителите на децата, кои уште од мали нозе им го дозволиле луксузирањето на нивна сметка, и дозволиле парите и моќта да им бидат најголем приоритет во животот.
 
Како еден од поинтересните коментари до ,,богатите скопски деца’’ би го издвоиле оној, каде им порачуваат дека не е важно чиј си, туку ти самиот кој си и што ќе станеш во животот.
Вики Клинчарова

Поврзани новости