Нова кривична пријава за Апостолов, поранешниот градоначалник на Неготино, кој тврдеше дека првите пријави изгледале смешно

by Fokus

Поранешниот градоначалник на Неготино, Ванчо Апостолов од редовите на ВМРО ДПМНЕ, заработи нова кривична пријава поради постоење на основи на сомнение за сторени три кривични дела, злоупотреба на службената положба и овластување.

Според МВР, тој во својство на градоначалник на општина Неготино на 11.01.2016 година склучил договор со Г.Н. од Неготино, за проценка на данок на имот за потребите на општина Неготино, за што општината на Г.Н. и исплаќала по 10.000 денари и персонален данок месечно, без при тоа да спроведе тендерска постапка. Договорот бил со важност до 31.12.2016 година, со што, пријавениот, го оштетил буџетот на општина Неготино за 132.000 денари.

Покрај ова, пријавениот не извршил исплата за надоместок за одржана седница на 12 советници, кои што биле присутни на седницата одржана на 01.03.2013 година, додека исплатил надоместок само на двајца советници во износ од 9.723 денари. В.А. спротивно на Законот за образование, овозможил В.Ј. да ја извршува функција – вршител на должност директор на ООУ “Гоце Делчев“ – Неготино од 24.09.2012 година до 18.11.2013 година.

Во септември годинава, исто така против Апостолов беа поднесени три кривични пријави до Основното јавно обвинителство во Кавадарци. Неготинската полициска станица од општа надлежност го товари за злоупотреба на службената положба и овластување. Првата кривична пријава беше поднесена затоа што Апостолов склучил договори за рекламирање, објавување на огласи и конкурси, објавување на текстови за тековното работење и вршење други услуги од информативен карактер за општина Неготино, без да спроведе тендер, со што ја оштетил општината за 7.800 евра.

Втората кривична пријава беше поднесена затоа што Апостолов, по поднесено барање од страна на ДПТУ Рудуна Енергија ДОО од Кавадарци од 14.12.2015 година, до Советот на Општина Неготино за ослободување од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште (комуналии) за изградба на фотонапонска електроцентрала, издејствувал Советот на општината на 15.12.2015 година да донесе одлука со која се одобруваа барањето на правното лице. Така, правното лице во кое што Апостолов бил и во својство на содружник/основач, спротивно на Законот за судир на интереси, со одлука на Советот на општина Неготино е ослободено од плаќање на надоместок за комуналии во висина од 1.765.000 денари, со што за таа сума е оштетен општинскиот буџет. „Во третиот случај пријавениот А.В. на 13.10.2015 година донел решение со кое го именувал Љ.Д., вработен како одделенски наставник во ООУ “Страшо Пинџур“ за в.д. директор на ова основно училиште од Неготино, а согласно чл.135 ст.1 од Законот за образование. Притоа пријавениот, спротивно на член 135 ст.4 од Законот за образование дури на 20.07 годинава носи решение за престанување на вршењето на должност в.д. во посоченото училиште, спротивно на прецизно нормираните рокови за извршување на мандат на „вршител на должност“, изјавија тогаш од МВР.

,,Фокус’’ се обиде да стапи во контакт со Апостолов, но тој не одговори на нашите телефонски повици и пораки. Кога во септември беа поднесени првите кривични пријави против него, за одредени медиуми изјави дека се работи за монтирана политичка хајка против него, и како кривичните пријави за правниците и за многу други луѓе изгледале смешно.

 

Поврзани новости