Нова европска сензација: Октоподот Ж!

by lali

Ако минатото европско првенство во фудбал пред четири години и последното светско превенство пред две години минаа со славните прогнози на октоподот Пол, кратко пред почетокот на овогодишното европското првенство во Франција, во Македонија се појави слична таква сезанција со потенцијал да стане светски познатата.

Овој пат станува збор за нов октопод, октоподот Ж, крстен по твитер надимакот на екс премиерот којшто со помош на гатчка предвидувал политички судбини на Македонија.

Иако Македонија не учествува на ова европско првенство, како и на ниедно друго претходно, сепак нашата држава треба да ја искористи оваа сензација и се вмеша меѓу разврските на европскиот мундијал. Сето тоа може да биде од полза, ако се земе предвид дека екс премиерот на Македонија сега има повеќе слободно време, а тоа слободно време реши да го потроши на нов бран повеќечасновни гатања во неговиот кабинет, прашувајќи ја гатачката на кого се наклонети Марс, Јупитер и Венера во решавање на фудбалската судбина на земјите учесници на ова европско првенство.

Се надеваме дека Македонија ќе ја искористи оваа атракција, којашто може да се бетонира на врвот на атракции во светот, покрај фамозното Скопје 2014. Октоподот Ж би бил одлична шанса да се привлечат голем број туристи од земјите коишто Ж ќе ги погоди и прогласи за победници, а во таа чест потоа тие да дојдат во Македонија за време на летово и потрошат некоја странска пара повеќе. Со таков потег, конечно и ќе се стави со сенка стариот октоподот Сорос кој преку своите пипци пуштени во многу невладини организации жирум републиката постојано ја разнебитуваат и разбрануваат Македонија, трошејќи милиони од странски пари во домашната ни земја.

П.С. Да нема забуна, не станува збор за вистинскиот октоподот Ж којшто има пуштено пипци во сите државни и приватни институции во Македонија.

Напред Ж, напред Македонија! – веќе се слуша скандирањето по улиците низ Скопје на 24 различни јазици изустени од спонтано собраните туристи од целиот свет и пошироко.

Напомена: Вестите се измислени и сатирични и служат како пародија од моменталните збиднувања во државава. Но не ја исклучуваме можноста тие во иднина по некоја случајност да станат реални и точни.

Поврзани новости