Николија ги сплоти вечните ривали – неготинчани и кавадарчани!

by Fokus

Деветмесечната Николија Динова, која се наоѓа на лекување во Есен, Германија, и за чиј што почетен третман се потребни 11.000 евра, ги сплоти во хуманост вечните ривали – неготинчани и кавадарчани. Веќе неколку дена по ред во Кавадарци, во ресторан,,Принцес’’ се одвојува 10% од прометот, кој ќе биде уплатен на сметката за лекување на девојчето.

Исто така, во вторник и среда, таму ќе се одржат хуманитарни забави. На забавата во вторник ќе настапат Елена Велевска, Благоја Грујовски, Милица Кузмановска, Мики Тралала, Катерина Танева, Гари и Тања Блажева и Класико бенд. Во среда, настапуваат Ѓоко Танески, диџеј Були, Наташа Малинкова, Перо и Пикси, Иво Далтон и Адријана Кеш.

Сопственикот на ,,Принцес’’ музичарот Мики Тралала, вели дека го трогнал апелот за помош, кој беше објавен во ,,Фокус’’ па решил да не седи со скрстени раце.

,,Веќе цела недела 10 проценти од прометот одат на сметката на Николија, а исто така ќе биде дониран и целиот промет од двете забави, во вторник и среда. Покрај тоа, и сите пари од влезниците ќе завршат на сметката за лекување’’ – вели Мики.

И неготинчанецот Димитар Верманцелиев, кој долги години живее и работи во Чикаго, САД, дознал за неговата мала сограѓанка од ,,Фокус’’. Веднаш ги алармирал нашинците во Чикаго, но и во околните области, па успеале за неколку дена да соберат 1.800 долари, кои денес ги уплатиле, а веќе утре ќе бидат на сметката за лекување.

,,Ова е мал гест од нашата дијаспора. И пожелуваме брзо оздравување на Николија, тука сме за да си помагаме во секое време’’ – порача Верманцелиев од Чикаго.

На Николија и е дијагостициран голем “Porenzephaler”, дефект на мозокот и секојдневно имала мозочни грчеви кои со тек на време станувале се полоши. Таа е долго посакувано и очекувано бебе, откако претходно мајката имала неколку неуспешни бремености и Ин Витро оплодувања. Сите кои што се можност да донираат за спас на Николија, можат да го сторат тоа на жиро сметката 200001907750984, Трајче Динов, со назнака донација, или пак на телефонскиот број за донации VIP 143461.

Вики Клинчарова

Поврзани новости