Никола за последен пат„Детонатор“ те поздравува…

by Fokus

Никола, црни Никола, последен пат те поздравувам…

Лесно ќе биде да ти пишувам на 12ти Никола, впрочем тогаш сите и ќе ти пишуваат, онака јуначки, со силна омраза за сето зло што им го направи… Тешко е сега да ти пишувам Никола, во мрачните зори, кога неизвесноста убива! Тешко е сега Никола кога ти се бројат последните часови, кога силно мечтаам да осамне денот без тебе и кога сон не ме фаќа…

Господ да те казни Никола!!! Ти си олицетворение на сето ЗЛО на овој свет!!!

Убедена сум дека не ти е лесно, знам дека ладна пот те облива, треска те тресе, но пуста надеж не те остава на раат…

Така ни беше и нам Никола, кога демневме пред судот чекајќи да се случи чудо, правдата да проработи, иако знаевме дека надежта е пуста… Пуста ти е и тебе сега Никола, ти нема спас!

Знам дека знаеш кој ти пишува, впрочем ти знаеш се’, машините ти се на дофат на раце.

Знам и дека знаеш како изгледам, знам и дека знаеш како изгледав оној кобен ден кога ни го зацрни животот Никола, ама верувај ми и јас ќе знам како ти ќе изгледаш во Шутка, Никола! Разликата е во тоа што ние со ништо не заслуживме ваква казна! 4 и пол години ни одзема од нашите животи, те прашувам со кое право Никола го стори тоа? Од кај ти падна на ум дека можеш да си поигруваш со човечки животи? Те молевме да си ја исправиш грешката, но ти тогаш беше полн со суета Никола, не сакаше ни да не сослушаш. Не ти беше доволно што не затвори, тргна и да не палиш, тркалата на колите да ни ги вадиш! Е Никола, Никола, знам дека сега се каеш длабоко во себе, но доцна е Никола. Некои грешки едноставно се непоправливи, помири се со фактот дека за се’ ќе мора да платиш!

Секој божји ден те колнев Никола, верувај ми, нема ден да не сум истурила еден тон отров врз тебе! Си ги гледав децата како растат тажни, ненасмеани, си се гледав себе си како чекорам по болниците, си ја гледав мајка  ми како венее, и си го гледав брат ми како жив се јаде во црните зандани од неправдата што ни ја нанесе лично ти Никола!

Ти ни го ДЕТОНИРАШЕ животот Никола, ни ги уништи семејствата Никола, ама сега силни ДЕТОНАЦИИ ќе те јадат жив Никола! ДЕТОНАТОР ќе те изеде во недела црни Никола, што ѓавол те тераше да измислуваш такви приказни!!!

Последен пат ти пишувам Никола, и верувај ми, чувството е фантастично!!!

Мачно е да ти се бројат последните часови Никола, ама се ближи денот кога ќе се разбудам без тебе!!!

Последен поздрав до Никола Груевски од една сестра на обвинет во ДЕТОНАТОР

Поврзани новости