Никола Перевски-Пере од „Нокаут“, од Шпанија порачува: Јас сум со народот!

by fokus

Никола Перевски-Пере, од некогаш тинејџерската атракција „Нокаут“, а денес бенд кој го слушаат речиси сите генерации, веќе извесен период живее во Барселона, Шпанија. Веста за неговото заминување во Шпанија предизвика најразлични коментари во јавноста, одредени медиуми пишуваа дека тоа најверојатно значи крај за бендот кој има голем број хитови, но и илјадници обожаватели низ земјава. Специјално за „Фокус“ од прекрасната Барселона, Пере ја раскажа вистината за „Нокаут“, за животот во Шпанија, за љубовта кон Македонија и за тоа како гледа на сето она што денес се случува во земјава. Порача дека отсекогаш бил на страната на народот, а на народните маси што протестираат им порача да не се плашат од ништо, да продолжат да го искажуваат својот став и своето мислење на цивилизиран и достоинствен начин.

разговараше Вики Клинчарова

ФОКУС: Што се случува моментално со „Нокаут“ по речиси дваесет години на сцената, дали бендот згасна?

ПЕРЕВСКИ: Зависи од тоа како го разбирате зборот згасна. Муабетот дека „Нокаут“ гасне датира уште од нашиот прв сингл од 1997 година. Уште не сме почнале, нè изгасија. Така што, 20 години одговарам на ова исто прашање.

Значи мора да постојат причини зошто опстојуваме и зошто сме константни толку долго време на оваа сцена, ако можам така да ја наречам, а ќе ја наречам. Каква-таква, никаква, наша си е и многу си ја сакам, и покрај тоа што постојано ја критикуваат. Не велам дека сè што лета се јаде!!! Ама повеќе од очигледно е дека воопшто не се цениме самите. Нашите соседи не се воопшто подобри од нас во музиката, уметноста, па дури ќе си дозволам да речам дека се и многу полоши. Во Македонија има многу талентирани деца што свират и пеат, овде врие од таленти, гаражни бендови, класичари итн… Но, за жал, некому не му одговара да ги пласира, да прави топ-листи од секаков жанр на македонска музика, да пушта и пласира квалитет, наместо шунд и неадекватна, недозреана музика. Само со вистински стимул може да има вистинска конкуренција, што од друга страна ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на самата држава.

Факт е дека многу работи треба да се променат овде. „Нокаут“ живее и умира 20 години на таа и за таа македонска сцена, пеејќи на свој мајчин македонски јазик, поминувајќи низ многу турбулентни периоди со повеќе измени во составот. Мисијата, се разбира, е да има соживот, смеа, плач, да проработат чувствата, луѓето да бидат изгубени од што се вљубени, а не изгубени од дезинформации и од слични негативни вибрации! Песните сигурно не ги правиме повеќе од 20 години за да си ги пуштаме по дома или да ги пееме под туш! Не дека во Македонија и многу пошироко не се можело без „Нокаут“, но кога веќе сме тука, ценете нѐ на вистинскиот начин.

nokaut4

Едноставно, „Нокаут“ во целата таа приказна наречена „македонска музика“ сè уште дава љубов и придонесува со својата креативност. Ќе бидам нескромен и ќе кажам дека за овој долг период и тоа како сме влијаеле врз македонската музичка сцена, ако ништо друго, барем сме направиле многу луѓе среќни, сме сплотиле илјадници луѓе на едно место пред една сцена. Целиот живот е борба, посебно во земја што е во транзиција, повеќе од 20 години.

Во моментов, „Нокаут“ планира уште најмалку 20 години да создава квалитетна македонска популарна музика. А единствено што би сакал да згасне се дезинформациите за распадот на „Нокаут“.

ФОКУС: Твојата преселба во Шпанија предизвика многу шпекулации во естрадните кругови, која е вистинската причина за заминувањето од Македонија?

ПЕРЕВСКИ: За секој еден уметник, без оглед на тоа за кој вид уметност живее, искуствата стекнати во повеќе земји се вистински благослов, затоа што само така можат да го разберат светот, неговиот потенцијал да инспирира.

Конкретно, причината за мојата преселба е многу едноставна. Заминав во Шпанија со цел да се запишам на САЕ Институтот во Барселона, а не да ја напуштам својата земја татковина засекогаш, како што велите дека се шпекулира во естрадните кругови. Крстот не ни бега, таму е над Скопје, свети и си чека. Авионскиот лет до дома трае само 3 часа. Колку што ми треба да го извозам патот Струга – Скопје, на пример. Денес светот е мал, но погледите стануваат пошироки и не може да се манипулира веќе толку лесно со јавноста!

Еве и официјално кажувам дека ме примија на САЕ во првиот уписен рок во месец мај. Ја одбрав програмата за аудиопродукција на електронска музика и композиција, која можно е да претрпи некои измени до почетокот на академската година, во септември. Овде живеам со мојата љубов, со која си ја даваме максималната поддршка во животот и времето што го поминуваме заедно за подобро утре.

ФОКУС: „Нокаут“ своевремено беше тинејџерска атракција, а потоа прерасна во бенд што го слушаат речиси сите генерации. Дали еден музички бренд како вас може да живее само од музика во нашата земја?

ПЕРЕВСКИ: Публиката расте и се зголемува, исто како и песните. Тоа оди едно со друго. Така се размислува и се стреми кон една убава цел. Генерациите што се на возраст како мојата помала ќерка, која има 9 години, веќе сериозно се навлезени во песните и темите на „Нокаут“ кои се со вистински искрени емоции, а емоцијата е таа што може да нѐ одведе на вистинскиот пат. Тие се животот. Дали си среќен? Е толку е едноставно.
Секој што работи професионално може да заработи и да живее од својата професија, доколку ја сака и ја почитува, па така и „Нокаут“ живее и опстојува до ден денешен. Тој е жив организам, творба. „Нокаут“ не тврди ништо. „Нокаут“ истражува, твори, се грижи да не избледат зборовите и мелодиите така лесно како од весник што е жолта штампа. Јас креирам музика за да се спротивставувам на некој начин на политичките игри и ставови и да поставувам прашања! Така работи „Нокаут“ и со сигурност тврдам дека не е нималку случајно што е плод на една квалитетна макотрпна долгогодишна работа. Доказ дека не е повеќе бенд по кој трчаат тинејџерки на кои повеќе од сè им е важно дали во поставата има манекени и слатки нови дечки, туку еден континуитет, продолжување на приказната на чии настапи публиката доаѓа за да ужива во музиката, песните и во изведбите на групата се бројните напишани, отпеани продуцирани и изведени песни, достапните информации на интернет во јавноста, плакатите, концертите, фестивалите, огромниот број хуманитарни настани, донациите и музичките спотови. Доказ е и фактот дека ретко кој во Македонија, па и во светот стоел на истата бина во иста вечер со „Дјуран Дјуран“, Џо Кокер, Џони Ротен („Секс пистолс“), снимал и продуцирал со бендот на Дино Дворник и со еден од неговите продуценти итн.

ФОКУС: Во периодов, кога во Македонија во ек е Шарената револуција, како гледаш на неа, на сите случувања на политичката сцена, од таму, од Барселона?

ПЕРЕВСКИ: Гледам колку што можам повеќе да се заштитам од негативните вибрации и од тешките зборови што почнаа да си ги разменуваат и двете страни. Повеќе се концентрирам на зборови од типот: музика, книга, уметност, затоа што е мојот живот.
Не залудно Платон во своето најпознато дело „Држава“ нагласил дека во државата сè треба да се стреми кон идејата на Доброто. Според него, филозофите треба да станат владетели, а владетелите филозофи. Но, тука не се мисли на оние wanna be филозофи кои само напразно зборуваат, туку на оние вистинските, мудрите, со енциклопедиско знаење и со универзален ум, на кои не им е битно материјалното, тие што живееле во буре и со фенер го барале човекот. Многу вистина има во оваа Платонова идеја, особено ако се има предвид дека зборот филозофија значи љубов кон мудроста. Само мудроста може да нè спаси од ќор-сокак. Време е да се промени каналот во нашите глави, исто како што менуваме канал на телевизија. Да се оттргнеме од таа масовна хипноза. Најнапред да поработиме на емоционалната, а дури потоа на политичката свест, за да можеме да функционираме нормално. Никој не смее да гази преку трупови. Никој.

ФОКУС: Доколку беше во земјава, ќе ѝ се приклучеше ли на револуцијата?

ПЕРЕВСКИ: Од секогаш сум бил на страната на народот и силно го поддржувам секој што сака умно и цивилизирано да го искаже своето мислење. Нема што да кријам, јас сум со народот. Тој е мојата публика, мојата движечка сила. Неговата благосостојба е мерило за благосостојбата на државата општо. Јас лично не можам да се водам според констатацијата: „и едниов и другиов крадел, ај да видиме кој украл повеќе“! Не можам на основа на тоа да донесувам здрави одлуки и да заземам страна. Она што најмногу ми пречи периодов е тоа што сите станаа политички експерти. Доколку секој си ја работи својата работа чесно и праведно, сè би било поинаку. Човечката глупост доаѓа од потребата да се дава одговор на сè. Дојдовме до ситуација во која некои во исто време се и политичари и музичари, и адвокати и газди на кафеани. Сите знаат сè. А малкумина знаат дека најголемата човечка доблест е кога ќе си признаеш дека ништо не знаеш и ќе продолжиш да учиш до крајот на животот.

Да не се лажеме, Македонија е во ќор-сокак цели 30 години, и оние вистинските уметници што работат напорно и професионално и кои се посветени на својата професија која вистински ја сакаат, се ставаат на тапет. Не е убаво така.

ФОКУС: Што би им порачал на незадоволните маси што секојдневно протестираат?

ПЕРЕВСКИ: Да не се плашат од ништо, да продолжат да го искажуваат својот став и своето мислење на цивилизиран и на достоинствен начин.

nikola nokaut

ФОКУС: Животот во Шпанија, во споредба со животот во Македонија, што е тоа што би го истакнал како позитивно кај нас, во споредба со Шпанија, а што е тоа што ние би требало да го прифатиме од Шпанците?

ПЕРЕВСКИ: Барселона е град на море и каква споредба можам тука да направам, на пример со Охрид? И двете култури ми се многу драги, посебно македонската, без која за мене сите други култури губат на значење. Со текот на годините животот ме научи дека споредбата можеш да ја направиш на многу поедноставен начин. По самата потреба за смеење кај човекот.

Без разлика каде се наоѓаш, во кое место, град или држава. Не е важна твојата имотна состојба, ниту професијата, важно е само како се чувствуваш и колку често се смееш од срце.

Кога ќе ги видите лицата на луѓето во Шпанија и кога ќе го почувствувате каталонскиот дух, тоа е тоа што ве купува на прв поглед и останува длабоко врежано во сеќавањето. И тоа се брише да, ама во Шпанија тешко. Зошто го кажувам ова? За да им порачам на луѓето во Македонија да се смеат повеќе, да престанат само да се жалат и да се ставаат во позиција на жртва, туку да тргнат во акција. Да отидат чекор понатаму во животот со исправена глава, гордост во срцето и со насмевка на лицето.
Друга голема разлика чувствувам во храната, во која сме неверојатно поквалитетни, особено кога е во прашање зеленчукот. Еве совет од мене, државата да се фокусира на извоз на зеленчук. Друго што ми се допаѓа овде е тоа што градоначалничката на Барселона е ултралевичар, која живее во 56 квадрати и која си ја намали платата за 60 проценти, за тие 60 проценти да ги донира во дом за деца без родители.

ФОКУС: Дали нашата татковина ја гледаш како идеално место, каде што би сакал да растат и живеат твоите деца?

ПЕРЕВСКИ:  Моите деца веќе се пораснати во Македонија. Имам две прекрасни Македонки со кои се гордеам и за кои живеам. Мислам дека Македонија е прекрасно место за детски живот, дури и идеално место. Мене самиот збор Македонија ме асоцира на Неверленд. Носам многу спомени, слики, чувства, мириси од детството. Знам какви се Крушево и Маврово во зима, а какви во лето, ги научив Преспа, Охрид и Дојран во сите годишни времиња. За Скопје нема потреба да зборувам.

Научив да летам змеј, да свирам, пеам, играм, пливам, скијам, сè што едно дете посакува и чувствува потреба да го прави. Тоа го има во оваа држава. И сега ги гледам моите деца. Фала богу, живи, здрави и весели се, го прават она што ги прави среќни. Единствено недостига здрава позитивна мисла кај нас постарите. Возрасните ги создаваат проблемите и небулозите, а децата се чисти како солза.

ФОКУС: Обично, младите во своите дваесетти години се тие што се селат од земјава, ти го стори тоа во твоите, ако не се лажам, четириесетти години. Дали сметаш дека си задоцнил со одлуката, дека требало многу порано да заминеш?

ПЕРЕВСКИ: За едукација никогаш не е доцна. Крстот како што кажав, ене го горе на Водно, не ни бега. Целта е да ги прошириме нашите знаења, да видиме каде газиме, каде сме се родиле, да осетиме дека сме и жители на планетата Земја, а не само на Македонија!!! Ние сме Земјани пред сѐ. Топкава Земјина да си ја научиме, да разгледаме кај сме, што сме, во каков свет живееме. Тоа е нашиот дом. Да ги научиме помладите генерации и тие да ги прошируваат своите видици за светот околу себе за побргу и подобро да го разберат од нас. И во осумдесеттата година од животот, доколку човекот се чувствува полн со живот и елан, не е доцна да се пресели за да научи и да доживее нови работи, да размени искуства. Само така се оди напред и никако поинаку –  порача Пере од Барселона.

 

Поврзани новости