Никнаа новите споменици – донација од мистериозното здружение

Никнаа новите споменици – донација од мистериозното здружение

Во тек е поставувањето на споменикот е на Михајло Апостолски на кружниот тек во близина на Континенетал – неговото поставување го надгледувала Валентина Стевановска, авторка на најголемиот број споменици од проектот Скопје 2014!

7 сеп 2014, 11:53

Рано утрово, по повод Денот на независноста, беа поставени петте нови споменици кои се донација од Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, чиј претседател е 73- годишниот Ташко Јованов. 

Веб порталот Први.мк објави фотографии од новите споменици. На аголот на Универзитетската библиотека е поставен споменикот на Пере Тошев, во негова близина  е споменикот на Никола Петров Русински. Кај Судска Палата е подигнат споменикот на Андон Лазов Јанев –Ќосето, а се поставува и споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Во тек е поставувањето на споменикот е на Михајло Апостолски на кружниот тек во близина на Континенетал – неговото поставување го надгледувала Валентина Стевановска, авторка на најголемиот број споменици од проектот Скопје 2014, пренесува порталот.

Во воздух останаа да висат сите прашања во врска со средствата потрошени за овие споменици. СДСМ во неколку наврати поставуваше прашања до власта, од каде едно здружение има пари за да донира споменици кога се знае дека еден споменик од проектот Скопје 2014 чини најмалку еден милион евра.

Фокус се обидуваше да добие одговори и од претседателот на здружението Ташко Јованов, кој не беше расположен да разговара, па рече дека наскоро ќе се обрати до целата јавност. Такво нешто, и на денот на поставувањето на спомениците, не се случи.

Она што засега се знае е дека здружението на Јованов добивало грантови од Владата за поддршка на невладини организации од 2009 година па наваму, и тоа за ист проект. Според јавно достапните податоци од Службен весник и од веб-страницата на Одделението за соработка со невладини организации, ова здружение досега од буџетот добило грантови од 25.000 евра.

Инаку четири од петте постаменти за новите споменици ги гради „Бауер БГ“, компанија за која во 2012 година Фокус пишуваше дека редовно добива тендери од Градот Скопје.

На сите прашања во врска со мистериозното здружение кое се јавува како донатор на спомениците, власта ниту еднаш не се јави со одговор или објаснување.

Издава „Медиа Плус Фокус - Скопје“, бул. Климент Охридски бр. 54/2-1, 1000 Скопје. Сите права задржани. © 2016
Web by Glitch Agency