Невропсихијатарот Дудучки за Панчевски: Говорењето во трето лице е инфантилен обид да се дистанцира од свеста

by Fokus

Невропсихијатарот Мице Дудучки за „Фокус“ го анализираше вчерашниот настап на поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, на Топ тема на телевизија Телма. Според невропсихијатарот, зборувањето за себе во трето лице е инфантилен обид за дистанцирање од свеста и потсевеста.

-Познато е дека афектот го пореметува логичкото размислување, посебно ако се работи за афект на страв и страшливо исчекување од можното правно санкционирање заради злоупотребата на службената должност и овластување. Говорењето во трето лице е инфантилен одбранбен механизам со цел потсвесно индивидуата да се дистанцира од неприфатливите содржини во свеста и потсвеста, па тоа е и еден вид „дистанцирање” од она што Егото не може да го прифати, вели Дудучки.

Тој додава дека ваквата реакција на Панчевски е со цел да ја анулира одговорноста пред сопствената совест, која во еден момент мора да проработи.

-Од тука и една ваква дисоцијативна (конверзивна) реакција со цел да се минимизира или анулира одговорноста пред сопствената совест, која секако во еден момент мора да проработи и да манифестира казнувачко дејство, а кое свесниот дел од личноста не може да го прифати, иако е очекувано. Реакциите на личноста многу зборуваат за внатрешнопсихичките случувања и се манифестација на внатрешнопсихичкиот конфликт од кој ќе резултираат уште бројни психосоматски или бихејвиорални реакции карактеристично за тешката психичка состојба на исчекување на правна разврска за сите оние криминогени активности за кои наскоро ќе се чека обвинение, заклучува невропсихијатарот.

 

Поврзани новости