Неправедно потценувани, докажано хумани: Фолкерите секогаш први за помош на граѓаните!

by Fokus
Неретко потценувани, рангирани во пониска класа, кога е музичкиот стил во прашање, неправедно ставени на маргините, а секогаш први кога е хуманоста во прашање – нашите фолк или турбо фолк пејачи.

И минатата ноќ тие ја покажаа својата човечност на дело, кога настапија на хуманитарниот настан во ресторан ,,Принцес’’ во Кавадарци, каде се собираа средства за лекување на деветмесечната Николија Динова од Неготино.

Катерина Танева Ѓорѓиев, од групата ,,Нели ти реков’’ Елена Велевска, Благоја Грујовски, Тања Блажева, ,,Класико бенд’’ и многу други фолкери беа дел од хуманитарната забава, организирана од музичарот Мики Тралала, а сите собрани средства од влезниците се наменети за лекувањето на девојчето. На фолкерите кои беа гости, не им беше проблем патувањето, па дојдоа во Тиквешијата од сите краеви на земјава, од Скопје, Штип, Охрид, се со цел да помогнат да се соберат повеќе финансии. Покрај тоа, во кутиите за донации го оставија и целиот свој бакшиш.

,,Секогаш кога можностите тоа го дозволуваат, настапувам на хуманитарни настани. Сочувствувам со сите луѓе кои што имаат некаква мака во животот, сакам да помогнам на мој начин. Воопшто не ми е проблем што дојдов од Охрид, ќе преноќам овде и ќе се вратам наредниот ден, тоа е најмалку што можам да сторам, да одвојам дел од моето време и да пејам. Искрено се надевам дека малото девојче ќе оздрави’’ – ни изјави Елена Велевска.

И останатите пејачи со желби за добро здравје на Николија ги започнаа своите настапи. Пееја од срце, порачаа дека ништо не им е тешко, кога се работи за спас на детски живот. Ова не е прв пат фолкерите меѓу првите да притрчаат и да помогнат, кога тоа се бара од нив. Речиси и да нема фолк пејачка или пејач во земјава, кој досега не учествувал на десетици хуманитарни забави. Пејат за помош за лекување, за реновирање на уништени домови, пееја за поплавените граѓани во Скопје.

Често донираат средства по враќање од турнејите кај дијаспората, како помош на социјално загрозени граѓани. Но, и тоа како да не е доволно, за конечно кај нас да се смени свеста околу нивната човечка вредност и големина, и постојано се ставаат зад поп музичарите. Свесно или не, наметнато е чувството дека поп музиката е резервирана за интелектуалците, додека фолк или турбо фолкот е за останатите.

Сепак, хуманите гестови често се погласни и од жанрот на музиката која се изведува. Фолкерите и вечерва продолжуваат со свои настапи во истиот ресторан во Кавадарци, и хуманитарно ќе настапат Адријана Кеш, Иво Далтон и многу други. Граѓаните кои што сакаат да се вклучат во хуманитарната акција за Николија, за која ,,Фокус’’ известува во изминативе две недели, можат да донираат на жиро сметката 200001907750984, Трајче Динов, со назнака донација, или пак на телефонскиот број за донации VIP 143461.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости