Нека живее „Шареното“

by Фокус

Поп пејачот Игор Узунов кој што и стана познат на јавноста во 2002 година, како учесник во првото издание на музичкото шоу ,,М2 потрага по ѕвезди,, и набргу ја освои тинејџерската публика со песната ,,Ми требаш како молитва,, денес живее повлечен живот во родната Гевгелија, а неговите обожаватели можат да го сретнат само на некој хуманитарен настан, бидејќи досега му се нема случено да одбие понуда за настап, од кој што средствата се наменети за болни деца и млади луѓе на кои што им е потребна помошта на хуманите луѓе, а биле одбиени од Фондот за здравство. Вели дека хуманоста е нешто кое секогаш ќе биде дел од него, откако и самиот пред околу десет години бараше помош за да замине на лекување на клиника во Германија, каде што успешно се избори со тешката дијагноза – леукемија.

igor emil

Фондацијата „Срце од срце“ сега е во еден вид мораториум заради дневно – политичките состојби во државава 

Не ја крие својата разочараност од општеството, а најмногу од нашиот здравствен систем, па затоа пред неколку години стана ко-основач на фондацијата ,,Срце за срце,, чија што цел беше да им се помогне на децата чии што родители молат за помош од државата и им е потребно лекување во странски установи. Исто така, раскажува дека неговото делумно повлекување од естрадата се должи и на проблемот кој што го имал со сопругата на актуелен политичар, која што работела како медицинска сестра, а чија што моќ и влијание му го смениле животот од корен.

,,Претпладневно кафе, за мене прво утринско, едвај се расонувам и добивам порака –  Дали би сакал да ја раскажам мојата приказна?! И, тоа за еден од за мене врвните медиуми коишто ја пласираат вистината онаква каква што е, болела или не…

Нормално, се почувствував жив. Некогаш создавав музика, уметност од златните времиња на нашата сега ,,е – страда,, која демек се држи на апарати да живее со субвенции кои најчесто одат во погрешни раце. Жив затоа што ете до денес за многумина од новинарите јас сум тој што лажел дека сум се лечел, не сум бил болен, сум собирал пари за да се луксузирам… Ех, тоа така да беше сега немаше да живеам тука!,, – вели Игор кој што само две години откако се појави на сцената, мораше да направи пауза во својата кариера, поради болеста и мачното лекување што траеше околу една година. Имено, тој бил роден со Спина билфида, комплексна малформација, која што со тек на време се искомплицирала, и на крај завршил со тумор на кичмата и труење на крвта. Според него, за време на операција тој добил инфекција, а на крај и  леукемија.

,,Нејсе, приказнава за мојот живот би можел да ја срочам во едно сценарио од кое би произлегол холивудски филм хаха… Иако се започна од 2004 година после моите големи успеси на музички план, како ветар силен ги однесе моите радости, завршив во Државна болница каде што имав среќа и лоша карма! Доктор кој беспрекорно си ја заврши работата, по правила, но од некои побуди премолчи некои работи кои можеа да се спречат предвреме. Значи, совеста не му функционирала на ниво. Не ми кажа за инфекцијата, па дојдов до фаза на леукемија! Истиот тој кога се вратив од лекување во Германија не сакаше ниту отпусната листа да ми ја види. Кармата пак во вид на жена, денеска актуелна политичка дама (Бог да чува), сопруга на наш актуелен политичар,  до кое дереџе дојдов, дама да ја нарекувам –  медицинска сестра која добро е позната по нејзините клептомански активности и желбата за наредба но, и за одмазда.

igor uzunov2

Страшно е да се помисли само во каков систем живееме, колку ли млади животи ни слизнуваат низ раце чекајќи некој таму да се одоброволи и даде пари за лечење онаму каде што имаат и шанса за уште години живот..

Медицинска сестра поврзана со одредени големи трагедии во државава според одредени шпекулации, лоша! Ете тоа е личноста поради која сите овие години не функционирам на естрадата како музичар. Власта и дала моќ а, одредени новинарски ликови мораат да ги спроведуваат нејзините желби! Интересно е кога ќе те поздрави новинар и ќе ти рече – „ Еј, супер си браво ама знаеш не смееме ништо да напишеме за тебе затоа што има наредба. Плус кружи приказната дека си лажел за болеста… Сето тоа ми беше сторено од одмазда од споменатата медицинска сестра, ќе повторам сопруга на наш актуелен политичар од власта, бидејќи мајка ми буквално се фати со неа за гуша, откако дознавме дека ми крадела од терапијата,,- раскажува Узунов. Тој потенцира дека крајно време е да се сменат некои работи во нашето здравство, посебно во Фондот кој што на некој начин одлучува кому да му се даде шанса за живот.

,,Во вакво општество се трудам да живеам од 2006 година! Ниту Фондот за здравство сакаше да ме прими и разгледа сета документација и финансиски белешки од Грција и Германија каде што тргнав да си го барам спасот сам, ниту се најде личност која и подоцна за другите дечиња болни од опаката болест имаше доволно хуманост во себе за да се избори за предвремената осуда на смрт на истите одбивајќи конзилијарни мислења. Против вакви демони се боревме заедно со Г- дин Ќазим Асотиќ и откако ја основавме фондацијата „Срце од срце“ која сега е во еден вид мораториум заради дневно – политичките состојби во државава а, и поради провладините медиуми кои секогаш одат против сите оние што укажуваат на грешките на власта особено Министерството за здравство, прават цензура, дури и тогаш кога се работи за помош најпотребна во одреден момент и кога нечиј живот буквално виси на конец. Премногу политика инфилтрирано секаде, но искрено има и такви одредени случаи каде родители на сметка на нивните здрави деца сакаа да заработат пари во најмала рака да си ги отплатат кредитите. Нормално, без документација ги одбиваваме затоа што не сакавме да бидеме дел од мрежата невладини организации кои катадневно собираа пари за кои знаеме дека некои и не завршиле воопшто онаму каде што требало. Страшно е да се помисли само во каков систем живееме, колку ли млади животи ни слизнуваат низ раце чекајќи некој таму да се одоброволи и даде пари за лечење онаму каде што имаат и шанса за уште години живот..

igor uzunov3

Мојата поддршка за секоја „револуција“ која што треба да вроди слобода е неизмерна! Единствено ми е криво што сето ова можеше да заврши уште пред 3 години.

Всушност, примарното на нашата Фондација беше организирање на големи хуманитарни настани со телетони, аукции на разни уметнички дела од врвните македонски автори, настапи на најголемите музички ѕвезди, оние искрените, хуманите! Благодарение на истите тие тогаш и сега мои колеги –  ете ме! Нивната бескрајна помош, пријателство, другартство и желба да ми помогнат донесе доволно финансиски средства за да можам да стигнам и да се лечам во Германија! Златни деца од естрадата се тоа! И, секогаш транспарентни таму кај што требаше да бидеме, но без големи фалби и помпи затоа што целта беше да се помогне, а не да се извлече популарност од тоа. За хуманоста на луѓето не би зборувал, нашава нација е душа –  нација! Сирамашни, но секогаш спремни за помош!,, – вели Игор кој што пред неколку години направи десетици концерти за да успее да му помогне на малиот Емил Новевски од Кавадарци кој што требаше да замине на лекување во Германија поради лошата болест – леукемија, а помошта од Фондот ја доби по речиси шестмесечна битка. Узунов, којшто во меѓувреме многу се спријателил со Емил, замина заедно со него и неговите родители во Германија, но за жал за Емил беше доцна и почина на единаесетгодишна возраст, по враќањето од клиниката во Германија. Набргу потоа, Игор ја сними песната ,,Мојот ангел,, која што му ја посвети на Емил.

,,Сите овие случки и мои лични сведоштва за тоа како многу нешта кај не функционираат како што би требало, направија да застанам на браникот на слободата и денес да и се радувам на Шарената револуција! Стоев на браникот на слободата уште од моментот кога еден ГОЛЕМ човек дојде и ни рече –  не знаете што се се случува, не знаете какви луѓе ни ја водат државата. Нормално, резигниран за моето и утрото на моите сограѓани тргнав напред! За слобода, за еднаквост, но и за правдата која сакам еден ден да излезе на виделина, оној светол ден кога нема кој да аболицира ВИНОВНИЦИ, а да осудува гладни граѓани за 10 ќебапчиња, луѓе жедни за да дишат „воздух што не се наплаќа“…

Стојам и сега. Мојата поддршка за секоја „револуција“ која што треба да вроди слобода е неизмерна! Единствено ми е криво што сето ова можеше да заврши уште пред 3 години. Тоа се сепак наши украдени години во кои ете тие на моја возраст во општеството кое би се создало би створиле семејства… Жал ми е што сегашниве лидери тоа тогаш не го разбраа. Можеби си имале своја цел, којзнае. Простено им е, тука сме да си помогнеме, нели! Да си се поддржиме во овие тешки времиња. Сепак, тоа не е само поддршка, тоа би трабло да биде  наша цел во животот. На децата што доаѓаат треба да им се остави убаво место за живеење!

А, тие деца тогаш се надевам ќе уживаат во музиката што ќе ја создаваме. Јас, моите колеги…
Музика која што ќе биде полна со емоции, отсвирени на живи инструменти, зборови што ќе ја допираат сечија душа… Да, завршувам со албумот кој ќе ја види светлината се надевам оној светол ден кога и нашата татковина ќе биде слободна, правдата ќе биде нашето сонце, а сите ќе бидеме еднакви!

Сега нека живее „Шареното“, нека порасне чедото на Отпорот,, – изјави Игор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости