Нејасни ефекти од субвенциите за вработување, политиката за трето дете не ги дава посакуваните резултати!

by Фокус

FINANCE THINK – Институтот за економско истражување и политики – Скопје, на тркалезна маса на тема “Како се трошат народните пари: Мерки за вработување или социјална помош” презентираше две кост бенефит анализи на политиката „Субвенционирано вработување невработени млади лица до 29 години преку ослободување од придонеси“ и „Политиката за социјалната мерка родителски додаток за трето дете“ на Универзитетот Југоисточна Европа во Тетово.

Резултатите од истражувањето на политиката за вработување на млади до 29 години покажаа дека вкупните трошоци на Буџетот за реализација на мерката за субвенционирано вработување млади до 29 години во периодот 2014-2017 година изнесуваат 812.528.476 денари (13,2 милиони евра). Средствата не се трајно загубени туку се трансферирани во фондовите за социјално осигурување и претставуваат директна заштеда за компаниите што вработиле млади луѓе до 29 години. Во истиот период компаниите имале трошок за исплатените нето-плати, кои, пак, претставуваат приход за секој работник одделно.

Нето-платите на вработените преку режимот на социјална и економска мултипликација влијаат на повеќе социјални и економски категории и ја потикнуваат потрошувачката што го акцелира општествено-економскиот развој, според нас за 10 проценти.

Оваа мерка има позитивна дисконтирана економска вредност на износ од околу 6,7 милиони евра.

За жал, недостигот од информации нѐ претвори во внимателни планери на очекуваните ефекти од мерката, пред сѐ во насока на отпуштање на дел од работниците по исполнување на сите услови.

Резултатите од истражувањето на политиката за надомест за трето дете  покажаа дека генерално, анализата на трошоци и на придобивки, како и дополнителната анализа на сензитивност покажува дека програмата има негативна сегашна нето-вредност.

Потребно е преиспитување на програмата и/или нејзино редизајнирање заради постигнување на поставените цели. Тоа што е евидентно во случајот со Македонија е дека бројот на третородени деца, кој бил во континуиран пад од 2002 година, бележи континуиран нагорен тренд по воведувањето на мерката и тоа може да се препише како ефект од самата мерка. По 2010 година учеството на бројот на третородени деца ја надминува бројката од 3.000 на годишно ниво во вкупниот број на живородени деца. Од податоците добиени од Министерство за труд и социјална политика, забележлив е и порастот од година во година на вкупниот број корисници на родителскиот додаток за трето дете: од 1.898 во 2009 година на 21.387 корисници на родителскиот додаток за трето дете во 2015 година.

Во исто време, ако се направи осврт на стапката на природен прираст, чиешто зголемување е директно земено како специфичен резултат во Националната стратегија за демографски развој, тогаш може да се забележи дека бројот на третородени деца има минимален ефект врз вкупната стапка на природен прираст, освен во годините 2009 и 2010 (во тие две години се исплатуваше и додаток за второ и за четврто дете). Од 2011 година до 2014 година стапката на природен прираст е помала дури и од 2006 година кога била 1,9. Ваквите показатели упатуваат на фактот дека ефектот од мерката не кореспондира со поставената цел, односно зголемениот број третородени деца не е доволен за да го надомести недостигот од првородени и од второродени деца во вкупниот број живородени деца.  

Тркалезната маса е во рамки на проектот ФИСКАСТ- Градење капацитет и алатки за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Македонија“ поддржан од Британска Амбасада од Скопје.

Поврзани новости