Не го плаши народот со тоа од што не можеш да го спасиш

by Fokus

Откако Груевски објави дека неговата партија ќе престанела со “конструктивно” однесување и откако неговите почнаа со силна блокада на Собранието во знак на револт од покренатите обвиненија од СЈО, на СДСМ му остануваат на располагање два можни одговори.

Првиот е да го остават ДПМНЕ да блокира со денови и недели, за граѓаните да сфатат дека таа партија работи само во свој, а не и во нивни интерес и со тоа да се надеваат дека ДПМНЕ ќе доживее поголем пораз на следните избори.

А вториот е да демонстрира моќ за предвидување на секакви можни блокади од страна на опозицијата и да понуди решенија за ефикасно функционирање на институциите и за решавање на проблемите.

Првото решение би било истовремено демонстрација на немоќ и надеж дека опструкцијата ќе има негативно влијание врз ДПМНЕ. Но, тоа може да биде доживеано од избирачите и како неспособност, неподготвеност, нерешителност, па и како перманентно плачење и жалење на власта.

Уште повеќе, тоа може да биде доживеано како плашење на народот со нешто од што не може да го спаси власта. И тоа е најлошото што може да и се случи на една партија.

Во политиката постои еден важан предуслов за успех. Во моментот кога ќе му соопштиш на народот дека постои некоја опасност, од блокада, опструкција или загрозување на демократијата, ти си должен да соопштиш дека, и покрај се, ти веќе знаеш како и имаш сили за тоа да го спречиш. Тебе граѓаните те избрале за да се справуваш со такви проблеми а не да им се жалиш и правдаш.

Ѓорѓи СПАСОВ

Поврзани новости