Наум Петрески за новиот бизнис: Сам си ги напишав сите рецепти!

Фолк ѕвездата Наум Петрески минатата недела ја отвори својата гостилница ,,Кај Науме”, лоцирана на улица Киро Крстевски – Платник 22, во Скопје. Популарниот пејач вели дека локалот не го отворил за да има некаква финансиска сигурност на стари години, туку поради тоа што сакал да има едно топло катче со душа, каде ќе се дружи со своите пријатели и сите љубители на неговите песни и на добра храна.

,,Отсекогаш сум бил гурман, но и голем меркалија во кујна. Знам да приготвувам разни специјалитети од риба и месо на најразлични традиционални начини, а моите пријатели се сведоци на сите мајстории во кујна, кои сум ги приготвил за време на наши дружби.


Посебно сум искусен во приготвување на риба, јагула и крап, кои што ги има на менито во гостилницата како специјалитет на куќата.

Главниот специјалитет го нареков ,,Наумче” иако ми предлагаа да направам мени, каде храната ќе ги носи имињата на моите најголеми фолк хиторви. Не знам, можеби наскоро ќе имаме и некоја закуска со име ,,Жал за Деспина”, уште го комплетираме менито” – вели Петрески.
Тој додава дека сите рецепти на менито ги измислил самиот во годините наназад, а поради неговите кулинарски вештини, блиските го споредувале со познатиот британски готвач Џејми Оливер.

,,Моето потекло од Струга ми е од голема важност кога е приготвувањето на риба во прашање. Искомбинирав стари рецепти од моите предци со новитети кои самиот ги осмислував во кујна, но во гостилницата има и се друго покрај рибата. Традиционална подзаборавена македонска храна, скара, разни јадења во тавче…

Сакам гостите да се чувствуваат добредојдени, па и атмосферата се трудев да биде топла, како да си на гости кај стар пријател, а не во обична кафеана” – раскажува пејачот. Лани во декември, тој прослави триесет години на естрада. Има снимено над 350 песни, од кои голем дел станаа хитови и се пејат со години.

Вики Клинчарова