Наум Петрески со контра тужба до здруженијата за заштита на животни: Со години постоите, а ниту еден закон не сменивте!

by fokus

Откако здруженијата за заштита на животните најавија тужба против фолк ѕвездата Наум Петрески, за како што велат, повикување на застрелување на бездомните кучиња, односно говор на омраза и поттикнување на насилство, се јави и пејачот со свој став.

Тој вели дека здруженијата и нивни поддржувачи и активисти ќе добијат контра тужба поради навреди кон него, но и кон неговите деца и сопруга, фолк пејачката Зуица Лазова.

Препукувањата помеѓу Петрески и поддржувачи на повеќе здруженија за заштита на животните започнаа во петокот, кога беше обајвена веста дека кучиња нападнале и повредиле четири годишно дете во Неготино. Тогаш, во коментар на Фејсбук, Наум реагираше дека нападот е знак дека треба да се почне со старата техника, односно ловечка хајка и чистење на сите кучиња скитници од територијата на земјава, иако од МВР сеуште немаа истакнато јавно соопштение околу тоа дали детето било нападнато од домашни или улични кучиња.

За кратко откако тој се огласи, следеше лавина од коментари, во кои што некои луѓе го поддржаа, но многумина и го нападнаа.

,,Јас си го кажав моето мислење околу проблемот со кучињата. Дете умре во најголеми маки, друго дете беше спасено за влакно… Кога по сите овие години на постоење на здружението Анима Мунди, сеуште ништо конкретно не е превземено, и се нема сменето ниту еден закон во врска со чување, размножување, вдомување или пак напуштање на куче, очигледно е дека тие имаат голем пропуст во својата работа. Знам дека вдомиле многу кучиња, помагале на болни и повредени. Тоа е во ред.

Но мислам дека нивната мисија треба да биде на многу повисоко ниво, и тие досега требаше да издејствуваат барем дел од сето она кое што постојано го наведуваат во нивните барања и објави. Зборат за полиција за животни, за тоа дека секој еден може да купи отров и да го расфрла во населени места, а што конкретно тие направија за овие работи да се сменат? Има надлежни институции кои што треба да се позанимаваат со овие проблеми, а активистите од здруженијата и нивни волонтери, наместо да трошат време и енергија и да се расправаат на социјалните мрежи со неистомисленици, нека одат во институциите и нека бараат да се мрдне од мртва точка. На чело на секоја институција стои лице со име и презиме, таму нека ги насочат своите барања и упорност’’ – вели Петрески.

Смета со соопштението на здруженијата, во кое што се вели дека насекаде е расфрлан опасен отров, кој што дури само со вдишување може да убие деца и возрасни луѓе, намерно се создава паника кај луѓето, иако ниту едно здружение не дало конкретен одговор за точно каков отров се работи, дали го испратиле на анализа во лабораторија, кој кај нас може да купи без проблем таков разорен отров, и каде воопшто се продава.

,,Велат дека моите зборови предизвикале масовни труења, велат дека медиумите намерно кренале паника со објавување на фактите дека деца се нападнати од кучиња, а тие јавно зборат за отров кој што убива со вдишување, без при тоа да изнесат факти и докази. Нека го кажат и името на тој отров, нека известат како луѓе без проблем го набавуваат! Од полиција нека ги потврдат нивните тврдења. Кој тука крева паника и манипулира со народот?’’ – прашува Наум.

Тој додава дека е изненаден од човечката злоба, посебно од оние кои што за себе тврдат дека се големи љубители на животните и буквално не газат на мравка. Токму од таквите, вели, добил најголем број на навреди, но и вмешување на неговото семејство во немилиот настан.

,,Ми ги навредуваа децата, ја навредија мојата сопруга Зуица, чепкаа во приватни нешта кои што немаат допирна точка со темата околу кучињата. Јас имам свој став, со кој што не значи дека се согласуваат и моите деца, од кои што две се малолетни, ниту пак мојата сопруга. Затоа и ќе добијат контра тужба.

И ќе им порачам дека со јавни напади и со тужба против мене, тие нема да сменат ништо околу овој проблем. Повторно ќе има улични кучиња, повторно ќе има вдомени или купени, а потоа напуштени кучиња, негрижа од сопствениците, купување на отрови како да се купува чоколада во маркет. Е за тоа тие треба да се борат, за институциите да ги сменат овие нешта, а не да проверуваат по социјалните мрежи дали некој има проблем со кучињата, па да му се втурнат со напади’’ – раскажува Петрески.

Исто така, тој реагира и на нивните обвинувања дека многу кучиња биле агресивни поради тоа што биле користени во борби за кучиња, па ги прашува дали воопшто некој од Македонија некогаш бил обвинет или казнет за организирање на борби, бидејќи во јавност сеуште никој не слушнал за нешто такво.

,,Ја фрлаат вината на наводни организатори на борби со кучиња, па ги прашувам колку луѓе досега биле обвинети за такво нешто? Најверојатно никој, или пак многу мал број. Наместо само да останат на зборови и барања, нека си ја работат работата како што треба, нека излезат со информација дека успеале со својата упорност и способност да сменат нешто, некој закон, некое правило…

Со години слушаме дека се против Вардариште, па за цело ова време, што конкретно тие променија по ова прашање? Кога ќе успеат да издејствуваат нови закони за благосостојбата на кучињата, и кога ќе исполнат барем неколку точки од нивните барања, тогаш и јас ќе ги поддржам во нивната борба. Тогаш сигурно дека нема секој еден да може да расфрла отров или да се бори на свој начин со кучињата, туку ќе владеат закони по ова прашање’’ – категоричен е Наум.

И покрај тоа што долг период тој е ловец, сепак вели дека чува кучиња за кои што соодветно се грижи, и голем дел од нападите против него биле неосновани. Прашува дали секој еден кој што е ловец, касап, месар, или пак не е вегетаријанец, по автоматизам станува лош човек кој што треба да биде на мета на напади.

,,Јас имам куче за кое што се грижам како што треба. И моите деца растат со куче, ама тоа не е изнесено надвор без заштитна маска. Редовни вакцини, трчање само во области каде што нема луѓе, соодветна дресура. Тоа е нешто што треба да го прави секој еден кој што решил да вдоми животно. Не секој е љубител на животни, и сигурно дека ако имам куче не значи дека треба да го пуштам да се истрча по улица, во дворот на соседите и слично. А токму тоа е редовна практика кај нас. По улиците шетаат цели чопори на бездомни кучиња.

Од здруженијата бараат казни за тие кои што ги напуштаат миленичињата, истото го слушаме со години, ама очигледно дека тие не успеале во своите намери. Нема ниту казни, ниту одговорност за несовесни луѓе. Тогаш зошто е оваа борба на здруженијата, кога не можат да сменат ништо и на крај остануваат само на зборови, барања, најави за промени’’ – вели пејачот.

Околу тврдењата на здруженијата дека уличните кучиња ретко напаѓаат, и како поголемиот дел од нападите биле извршени од кучиња кои што имаат сопственици, смета дека и тоа само уште еден апсурд.

,,Ако уличните кучиња се питоми, а домашните почесто покажуваат агресивност, тогаш зошто тие воопшто се трудат што е можно повеќе кучиња да бидат вдомени? Нека ги остават на улица, ако таквите се обично мирни’’ – реагира Наум.

,,Знам дека сте здруженија за заштита на животните. Ги штитите животните од луѓето. А кога животно ќе повреди човек, пак ќе најдете причина да ги обвините луѓето. Сопственикот што го пуштил кучето на нива, родителите, децата кои што задеваат кучиња… Кога неодамна беше нападната жена, сигурно некој ќе рече дека родителите и нејзе и се виновни што ја пуштиле да оди сама низ село.Тоа е тој ваш однос кон нештата на кој што треба да поработите’’ – порача Петрески.

Вики Клинчарова

Поврзани новости