Наум Петрески: На Евровизија треба да си пееме на наш јазик, но со превод!

by fokus

Нашите пејачи се тие кои треба да го негуваат македонскиот мелос и да си го чуваат своето, а не да ја уништуваат музиката од помодарство – вели фолк ѕвездата Наум Петрески, изреволтиран поради тоа што на националните телевизии се почесто слушал како македонски пејачи пејат на англиски јазик, во музички стилови кои никогаш не биле својствени за нашиот народ, и дека не треба да се срамат од својот извор.

-Сметам дека повеќето наши пејачи пејат песни на српски или англиски јазик на настапи, поради тоа што нема кој да ја ги пласира, односно немаме телевизија која што работи на промовирање на нашата музика. Затоа нашите млади таленти бараат спас во промовирање на туѓи шоу програми кои постигнуваат добри успеси, оти тука ништо не е валидно. Се повеќе забегани во туѓиот мелос, верувам не по своја вина или желба, туку поради тоа што немаат каде на друго место. Кај нас владее политичка депресија и очигледно никому не му се до музика, туку до турски серии и емисии за готвење исполнети со хихи – хаха муабети – тврди Наум.

Тој додава дека и на Евровизија треба да се пее на мајчиниот јазик, но да има превод на песните.

-Треба да се пее на својот јазик, но да се има превод, сите да разберат, затоа што сепак текстот на песната е составен дел од неа, како што тоа се аранжманот и музиката – вели Петрески.

Завчера на МТВ беше промовирана нашата евровизиска песна ,,Lost and found’’ на Ај Кју. Песната е на англиски јазик, како и поголемиот број на песни кои годинава во мај ќе бидат испеани на настанот. Нашите соседи, Србите, традиционално ќе пејат на својот мајчин јазик, а интересно е тоа што аранжманот за нивната, а и за нашата песна го направи Дарко Димитров.

Вики Клинчарова

Поврзани новости