НАТО и Договорот со Бугарија во очите на нацијата на непораснати деца

by fokus

Светот реално е многу поголем од она што на Македонците им се чини и важноста на земјата за жал, е многу помала од она што им се чини на нејзините граѓани.

Идеите за некаква сопствена грандиозност која пропагандата на Груевски ја градеше со години се спротивни на реалност која вели дека земјата почива на територија колку што е еден поголем европски град, со популација еднаква на предградие во таков град и економија еднаква на годишен обрт на просечна европска компанија.

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Влегувам во зградата на мојата свекрва во Скопје и на влезот залепена фотографија која овековечила оставени ќеси со ѓубре на приземјето. Под фотографијата испишана закана од Советот на станари дека ќе се постават видео камери за соседот или соседите што мислат дека некој друг треба да им го однесе сметот до контејнер, дека ќе бидат обелоденети. Не се непознати слични сцени на нецивилизирани практики на станари кои фрлаат ќеси со ѓубре од балкон за да не се “мачат” да се симнат и да побараат контејнер. Тоа многу пластично ја исцртува психологијата на делување ограничена на најтесниот личен интерес и делување единствено на својот двор. Ги интересира да си го изнесат сметот од сопствениот стан, да не им смрди, но не прифаќаат одговорност дека оставајќи го во влезот, го нарушуваат функционирањето на заедницата.

Овој пример е како лајтмотив за одговор на клучното прашање кое следи по промената на гарнитурата на власт: Дали таа може навистина да донесе суштински промени во животот на граѓаните? Одговорот всушност се состои во контра прашање: дали граѓаните (и носителите на политички одлуки и консументите на тие одлуки) се подготвени за суштински промени во нивниот живот?

Како “тато” ќе каже

Релативно кусата историска дистанца од социјалистичкото “време на Тито” и образованиот систем кој продуцира граѓани кои се научени на пасивна улога во општеството, дека имаат “татко” на нацијата кој има право да наградува, казнува и одлучува за нив, беше можеби најповолното тло за процут на груевизмот. Високата поддршка на гарнитура која ја зароби целосно државата, ги

подјареми институциите, медиумите и судството покажува дека имало голем процент на граѓани кои го посакуваат тој начин на вледеење каде “таткото” ќе те награди за послушност со работно место, ќе ти додели субвенција, функција и слично.

Стравувам дека популизмот и клиентелизмот фатиле толкави корени на поволна почва за нив, што однесувањето “да дојдам јас до работно место”, “да добијам јас субвенција” и само мене да ми е добро (или на семејството) само ќе ни го трупа “ѓубрето” во државата, а ќе нема кој да ја преземе одговорноста да го исчисти.

Се плашам дали имаме човечки капацитет за поширока перцепција и делување и надвор од сопствениот двор. И пронаоѓање на заедничкиот интерес за подобрување на амбиентот за живот.

Ако на пример дојдат на раководни функции луѓе чиј интерес ќе се ограничи на тоа колку повеќе бенефиции од државата да исползува, да ја исцица прописно сумата доделена за репрезентација, да се бори за членство во тела за кои во истото работно време за кое зема плата, добива плус незаслужен надоместок (како што обелодени министерката Царовска), таквото делување нема да донесе суштински промени во општеството со кои ќе се подобри заедничкиот квалитет на живот. И спротивно, ако граѓаните останат само пасивни консументи на спроведените политики, без критичко мислење и делување како конструктивен коректив на функционерите, тие ќе останат деца кои ќе чекаат “тато” да одлучи за нив и со лојалност да се изборат за неговата “милост” искажана преку корупција, субвенции, функции или работни места.

Ако во ова светло од прилично куса дистанца ги анализираме потезите на новата владејачка гарнитура, може да се сумира дека првичните впечатоци се незрелост и доста лош ПР на домашен план и одличен старт и зрелост (за големата слика) во надворешната политика.

Лош владин почеток во односите со јавноста

Кусогледа е на пример, стратегијата на еден министер да ги брифира новинарите за гоштевањата на државна сметка со бизонски стекови наместо да соопшти какви темелни промени во ресорот планира. Од мои колеги знам дека МВР веќе имало барања за информации од медиумите според системот на јавно достапни информации за репрезентативни трошења, но можеби министерот Спасовски се сомневал дека ќе удрат “акцент” на бизонските стекови во сметките, па се нафатил лично да им ги потенцира?!? А што ако покани тој некој гостин на службена вечера и тој нарача некој специјалитет од дивеч? Таквиот популизам може да произведе само контра популизам изразен во коментари дека министерот што брифира за гоштевања со бизонските стекови, не успеа да ги уапси осомничените криминалци што му е примарна работа. За разлика од министерката Царовска која направи суштинска реформа на терен, креирајќи СОС линија за итни случаи поврзани со социјалната заштита со јавно обелоденети мобилни телефонски броеви на надлежните социолози и психолози. Што навистина и е работа.

На страната граѓанството пак, ме изненади непрепознавањето на многу важни исчекори во делот на надворешната политика.

Посетите на високите претставници на власта во земјите од соседството и пошироко почнаа да ја извлекуваат земјата од изолираност и препознаеност само во сопствените граници, во повторна нејзина интеграција во светот.

Договорот со Бугарија, заедничката смотра на оружје на Макеоднија и САД и посетите на земјите од регионот и пошироко се многу важен чекор на повторна интеграција на Македонија со регионот и светот. Но, дома се слушаат гласни критики за таквите политики. Се спори Договорот со Бугарија од уставен аспект, па дека не сме обрнувале внимание на малцинството во Бугарија, наспроти “удоволување” на правото на соседот на заштита на сопственото малцинство овде итн.

Важните исчекори не се гледаат во светло на големата слика, туку во локален контекст и со силно его (кој колку добивал од Договорот). Меѓународното право во доволна мера ги уредува правата на некоја земја да се меша во работите на друга за да постои простор за грижа, така што овој документ го гледам како крупен исчекор во создавање пријатели и интеграција во меѓународните текови.

Натаму, дефилето на претставување на воената опрема на САД беше критикувано од “милитаристички” аспект, зачинето со насилното легитимирање на членови на Левица. Тоа го засенува значењето на овој чин надвор од локални рамки.

Партнерството со САД за Македонија е од исклучителна важност. САД се најмоќна земја членка на НАТО, а Македонија сака да биде дел од Алијансата. НАТО значи сигурност на инвестиции, а нашите отворени прашања, во најголем дел со соседите, што ја поткопуваат стабилноста на земјата, најбезбедно ќе се решат ако сме дел од Алијансата. Во таа насока, демонстрацијата на партнерството со САД и презентацијата на воената опрема е порака кон надвор, повеќе одошто кон внатре, дека НАТО ја посакува Македонија во семејството изразено преку вољата на најмоќната членка. Во нашиот пат кон интеграција (бидејќи економски, ниту политички не би можеле да опстанеме изолирани) ние имаме голема среќа што интересите на САД се поистоветуваат со интересите на Македонија и имаме силен сојузник во остварување на сопствените аспирации.

Критчкото размислување и отворање на сите моменти за кои јавноста мисли дека се спорни е секако позитивно и многу посакувано за развојот на демократијата, единствено анализирајќи ги критиките ме поразува опсервирањето во многу локален контекст кое покажува колку е тесна нашата перцепција за себе.

Светот реално е многу поголем од она што на Македонците им се чини и важноста на земјата, за жал, е многу помала од она што им се чини на нејзините граѓани.

Идеите за некаква сопствена грандиозност која пропагандата на Груевски ја градеше со години се спротивни на реалност која вели дека земјата почива на територија колку што е еден поголем европски град, со популација еднаква на предградие во таков град и економија еднаква на годишен обрт на просечна европска компанија. Се плашам дека анкетите на јавно мислење може да покажат дека голем процент од граѓаните мисли дека ние сме доволно силни сами да опстанеме и дека пропагандата во груевизмот успеала да фрли скепска кон нашата интеграција во ЕУ и НАТО.

Реформи за креирање возрасни граѓани

Мислам дека долго време ќе биде потребно со темелни реформи почнувајќи од образованието каде едукацијата ќе биде во насока на формирање возрасни единки наместо послушни деца, за голем дел од граѓанството навистина да порасне до ниво на капацитет да проценат дека нивното делување не е ограничено само во сопствениот двор, туку дека секоја единка го гради и моделира целокупниот општествен живот.

Слободата што се почувствува со промената на гарнитурата не треба да доведе, досега адаптираните деца да станат само бунтовни. Така ќе останеме нација на непораснати деца со теснограда свест дека некој друг ќе ни го фрли ѓубрето, дека некој друг има право да гради и троши наши пари без прашање и отчет, дека е друг одговорен и конечно, дека странците ни се криви. Можеби и почеток за созревање за да дојдеме до однесување на возрасни луѓе е да научиме дека однесувањето кое е штетно по квалитетот на заедницата како што е крадење и злоупотреба на јавните пари и злоупотреба на функции е казниво. Кога судиите и функционерите што ја злоупотребиле довербата на граѓаните дека треба да работат во нивен интерес ќе одат зад решетки, можеби ќе се подигне свеста дека однесувањето повлекува консеквенци. Досегашната практика ги научи луѓето дека не смеат да крадат ќебапи, но можат да украдат милиони. Затоа, како чекор кон посуштински промени го чекам разрешувањето на Зврлевски и ја поздравувам одлуката дека нема простор за одмор и релаксација (повторно личниот комодитет), пред да се направи суштински исчекор кон заедничко подобрување на квалитетот на живот.

Поврзани новости