Насилникот кој ја влечеше Шекеринска за коса: Се чувствувам виновен и се извинувам

Се чувствувам виновен и го признавам делото. Со овие зборови денеска пред Кривичниот суд се обрати 65-годишниот Панче Ангелов, кој е обвинет за насилство врз министерката за одбрана Радмила Шекеринска и премиерот Зоран Заев, што се случи на 27 април во Собранието.

Обвинетиот Ангелов покрај тоа што ја призна вината, во судница се извини како што рече на целокупната македонска јавнист заради грозоморното дело што го направил.

„Во мојот живот ни приближно нешто не сум направил. Сметам дека судот ќе има разбирање за мене. Живеам сам и доколку одам во затвор ќе нема кој да ми помогне – рече обвинетиот Ангелов.

На прашање на судијката дали им се извинува и на оштетените, тој рече дека им се извинува и на нив.

„Се извинувам на оштетените бидејќи во таа еуфорија можеби емотивно постапив. Не ми беше целта да ја повредам Шекеринска, сакав само да ја тргнам. Во тоа тргање употребив повеќе сила. Искрено се каам за ова кривично дело и ветувам дека во иднина нема да сторам вакво нешто – рече Ангелов.

И неговиот адвокат Драган Пешевски, кој што му беше доделен по службена должност го замоли судот да му додели пониска казна, а како олеснителна околност го наведе неговото признание, возраста, каењето, како и досегашната неосудуваност, потенцирајќи дека кривичното дело го сторил несвесно и во момент на афект.

И обвинителката во овој случај побара судот да го казни обвинетиот, но сепак и таа посочи да ги цени олеснителните, но и отежителните околности.

– Признанието може да ја спушти казната за најмалку 70 проценти, но исто така пак треба да се ценат и отежителните околности бидејќи без повод и причина на подмолен начин ја искористил немоќта на жртвата и ја повредил – рече обвинителката.

На денешното рочиште во судница беше присутна и Шекеринска и нејзиниот адвокат Филип Медарски, а премиерот Заев не се појави бидејќи имал оправдани обврски.

Медарски истакна дека оштетените имаат оштетно побарување, па го замоли судот да ги упати на граѓанска постапка, а додаде и дека не бараат трошоци за застапување.

На обвинетиот Ангелов му се заканува затворска казна од три до десет години, а како што истакна судијката Џенета Бектовиќ пресудата ќе биде соопштена следниот четврток.

В.В.