На тајна вечера во владината вила во Охрид, август 1994, Црвенковски ја основаше фамилијата

by Фокус

Поводот за ова интервју, дадено за Фокус во средината на 2005 година, е книгата на Трајковски насловена како „Од Осака до Дижонска“, во која тој го опишува својот пат како од успешен бизнисмен завршил во ќелиите во затворот „Идризово“.

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

Ќе биде овластен дилер и сервисер на јапонскиот гигант „Матсушита“, кој ги поседува фабриките „Панасоник“, „Техникс“, „Хитачи“, „Џи-ви-си“, филмското студио „Универзал“ во Холивуд и што уште не. Преку него владините кабинети, канцеларии и резиденцијални вили, ќе бидат опремени со телекомуникациска опрема.

Ќе живее на висока нога. Политичари, бизнисмени, амабасадори ќе бидат во негово друштво. Барем до 1995 година. Потоа работите ќе тргнат удолу. Лихварски позајмици, долгови, рекетари, перење пари, ќе стане составен дел од неговиот живот, во обидот да се извлече од калта во која тонеше.

И конечно, заради издавање акцептен налог без покритие во 2003-тата ќе зврши во „Шутка“ на издржување 12 месечна казна затвор. Но Борче Трајковски, некогаш газда на успешната фирма „Панафакс“, повторно најде оригинален начин да дејствува. Својот живот го преточи во книга. Се чита во еден здив, меѓу другото затоа што во неа верно е насликана македонската криминална транзиција. Го опфаќа периодот до 1998-та. Во ова возбудливо четиво ќе препознаете дузина угледни бизнисмени, ќе го осознаете криминалниот начин на нивното богатење.

Трајковски не се штеди ни себе си. Но како инсајдер проговори за шемите по кои се ограбуваше Македонија и за Фамилијата. Книгата насловена како „Од Осака до Дижонска“, засега отпечатена само во неколку примероци, беше повод за интервјуто со него. Промоцијата ја најавува за есенва. Но истовремено работи и на вториот дел, за периодот после 1998-та. Сега нема материјални богатства, но сепак нагласува дека е среќен човек.

ФОКУС Кога дојде на идеја својот живот, а со тоа и нашата криминална транзиција да ги ставиш на хартија?

ТРАЈКОВСКИ Веднаш после констатацијата дека сум тотален банкрот, дека повеќе простор за било какво мое дејствување не постои, почнав да размислувам да напишам книга. Меѓутоа, ми требаа речиси 18 месеци за да се соочам со фактот дека повеќе сум никој и ништо во државава. Уште како дете имав талент за пишување, така што седнав и почнав да ја составувам приказната за она што мене ми се случуваше во тие години. Меѓутоа токму во тој период бев под ужасен притисок, па пишувањето тешко ми одеше. Откако заминав на издржување на затворската казна во Шутка, веќе целосно се концетрирав на книгата.

ФОКУС Во затвор ја помина 2003 година?!

ТРАЈКОВСКИ Бев осуден условно, но од финансиски и некои други причини, не се жалев на пресудата. Сепак, обвинителството се жалеше и пресудата беше преиначенаво ефективна затворска казна од 12 месеци со образложение да послужам за пример на граѓаните, но и за себе, во иднина демек да продолжам да го живеам животот на некој друг начин.

ФОКУС На книгата и даваш работен наслов ‘Од Осака до Дижонска’. Во предговорот или журналот, како што го нарекуваш, велиш дека секој настан е вистинит, а имињата се замаскирани онолку колку што ќе биде лесно да се препознаат. И морам да признаам дека ептен лесно се препознаваат?!

ТРАЈКОВСКИ Во мојот првичен ракопис сите ликови беа со оргиналните имиња, а и фирмите беа ставени со вистинските називи. Но ги „замаскирав“ по препораките на луѓето кои ми даваа силна подршка за да ја напишам, а тоа се моите колеги од Одделението за изолација во Шутка. Тоа се луѓе, ситни криминалци, бедници, наркозависници или уживатели на дрогата. И кога тие ме опоменаа дека би требало малку да внимавам, тогаш се одлучив малку да ги замаскирам ликовите. Знам дека лесно се препознаваат, знам дека секој лик брзо ќе биде препознаен од било кој читател. Дури ни самиот не се маскирам позади некој псевдоним.

ТИЕ СЕ МОНСТРУМИ НА ТРАНЗИЦИЈАТА

ФОКУС Во вашето „добредојдовте во мојата животна приказна“ почнувате со една констатација дека најстрашно што може да ве снајде во Република Транзиција е да станете дел од НИВ. Потоа ги преквалификувате НИВ во ФАМИЛИЈА од типот на мафијашките?!

ТРАЈКОВСКИ Да и поради НИВ седнав да ја напишам книгата. Кога размислувам што е најстрашното што може да ви се случи во Република Транзиција, еве едно време мислев дека она што мене и на моето семејство со години наназад веќе ни се случува е најстрашното. Но тогаш гледате дека животот тече и чувствувате дека љубовта ве одржава во семејни рамки, дека другарите ви се веќе исфилтрирани до краен степен и тогаш и не останува ништо друго освен да констатирате дека тоа и не е најлошото што може да ве стрефи. Јас понатаму се обидувам да објаснам кои се ТИЕ. Сепак, имајте на ум дека ги видов, ги допрев … и се смрзнав од ужас. Нашето зло, тоа се ТИЕ. Монструми на транзицијата-студени, ладни, пресметани.

ФОКУС Мислите на финансиската олигархија, на оние кои ги нарекуваат 10-те моќници?!

ТРАЈКОВСКИ Не е важно, нека се и 15 или 20, но не се повеќе од 20-тина. Тие се директори на поранешни општествени државни фирми кои користејќи ги правилата и принципите, што тие самите ги поставија како начин на приватизирање во форма на закон, после неколку години стануваат доминантни сопственици на истите претпријатија. Така што фактички она што било создавано со години наназад како општествено, државно, народно, ТИЕ го превземаат во своја сопственост. И денес многу лесно ќе забележиме дека и навистина е така. Иако приватизацијата требаше да ни донесе странски инвестиции, ние се соочивме со инвеститори кои фиктивно беа од странство, а капиталот беше нашиот, народниот. Фактички ТИЕ со нашиот камен удрија по нашата глава, буквално не осиромашија, не ставија на работ на егзистенцијата, само тие за да станат моќни. Ако во 1992 година бевме веќе самостојна држава, имавме своја влада, за 5 години до 1997 година буквално се случува страшен криминал. Ужасно лош криминал кога се поставија и темелите за формирањето на таа Фамилија.

ФОКУС Кога го лоцираш почетокот на овој криминал?

ТРАЈКОВСКИ Без двоумење, организираниот криминал во Македонија започна во времето на првата политичка влада на Бранко Црвенковски, од 1992 година. Јас го лоцирам неговиот период затоа што во првите две години од плурализмот имаше некаков ентузијазам дека се создава сопствената држава, се градеа институциите. Но Црвенковски го создаваше системот кој ќе обезбеди сериозен и страшен криминал во државата.

ФОКУС И така настана Фамилијата?!

ТРАЈКОВСКИ Тука има една битна разлика. Барем според филмовите или од книгите што сум ги читал, принципите на однесувањето во тие мафијашки фамилии што се надвор од Балканот се многу јасни и ригорозни. Таму грешката се плаќа со живот и однапред знаете дека ако згрешите ќе ви се случи тоа. Нашата Фамилија има еден полош и еден пострашен систем. Ве оставаат да живеете, но животот вистински ќе ви го претворат во хорор и пекол, за на крајот навистина да се скршите.

ФОКУС Нашата Фамилија не ги ликвидира луѓево…

ТРАЈКОВСКИ Не се осмелуваат да ве ликвидираат затоа што не се толку храбри. И уште нешто, ТИЕ сакаат да уживаат во глетката, дека сите останати се разголтарени до гола кожа. Тие не би имале ништо, ако нема кој да ги гледа. Тоа е тоа, па затоа и не се осмелуваат да не ликвидираат.

ФОКУС Но споменуваш во книгава двајца бизнисмени за кои се сомневаш дека се ликвидирани?!

ТРАЈКОВСКИ Трпе „Вардар-Комерц“ и Спирос Куцурелос ги споменувам со име и со презиме. Се сомневам, а и имам некакви сознанија што сега ќе ги наречам индиции, дека се убиени. Има еден куп убиства во Македонија кои се неразјаснети, а се сомнителни и ќе останат енигма. Ги посочив Трпе и Куцурелос затоа што луѓето беа во светот на бизнисот во тој период.

ФОКУС Имаа ли контакти со Фамилијата?

ТРАЈКОВСКИ Имаа средби со Фамилијата. Трпе беше доста зборлест и тој не криеше, понекогаш дури и во некоја кафеана пред најобични луѓе знаеше да каже кои му се контактите, кој го заштитувал од полицијата и.т.н. Се до една августовска ноќ кога беше пронајден мртов во својот „Мерцедес“ откако се „истумбал“ на патот Струмица-Радовиш.
На неговиот погреб дојдоа многу познати личности од бизнисот, полицијата и политиката. Меѓу нив беше и големиот газда и скопски џентлмен Куцурелос. Едно време проструи информацијата дека на сметката на Куцурелос во Виена по „грешка“ биле улатени 20 милиони марки, од една скопска фирма, а тој успеал да врати 18 милиони. Неколку дена потоа, дали од „срам“ или од „грижа на совест“, човекот кој неизмерно го сакаше животот изврши самоубиство. И ова „самоубиство“ и „сообраќајката“ на Трпе ќе останат мистерија за јавноста.

„ТАЈНАТА ВЕЧЕРА“ НА ЦРВЕНКОВСКИ!

ФОКУС Како битен момент кога се создава Фамилијата посочуваш една „тајна вечера“ во владината вила во Охрид. Од каде ти се овие детали?

ТРАЈКОВСКИ Да, тогаш падна наредба „парите и капиталот да се сконцентрираат во што е можна потесен круг луѓе блиски на владеачката гарнитура и тоа да се направи брзо и ефикасно“. Наредбата ја даде лично Бранко Црвенковски на тајна вечера што ја организираше со одбрани личности од бизнисот и политиката некаде во август 1994 година во владината вила во Охрид.
Покрај премиерот беа присутни тројца министри и тројца бизнисмени. Ова го знам изворно. По правило, секогаш наведувам дали некоја информација ја имам примено од некого, точно кажувам кога претпоставувам, но оваа информација не е чаршиска.
Сигурен сум во тоа што се случувало, затоа што баш тогаш и јас бев во вилата во Охрид. Ќе се воздржам да не ги именувам луѓето кои беа таму.

ФОКУС Кои беа бизнисмените?

ТРАЈКОВСКИ Имаше двајца бизнисмени што и денеска се многу актуелни.

ФОКУС Како се најде во тоа друштво во вилата?

ТРАЈКОВСКИ Јас им ја сервисирав телекомуникациската опрема на владата, па и во владината вила. Имаа проблем нешто со централите, па ме повикаа. Но бев случаен гостин. Сепак поради предходните контакти што ги имав со некои од тие министри, бев повикан на трпезата каде што седеа тие и се задржав извесен период додека не забележав нешто. Тоа што го слушнав во тие неколку префрлувања беше она што сега го контактирам и тврдам дека е така.
И не верувам дека некој од нив ќе го потврди тоа, најверојатно нема воопшто да ги „здоболи“. Но, тоа е тоа и тоа е вистина. Таа наредба падна. И кога гледам од оваа временска дистанца работите така и се одвиваа-според наредбата. Да ве потсетам дека веќе во септември 1994 година се најави обуката за проценители на државниот и општествениот имот.
Тогаш започна најмасовниот грабеж во историјата на Македонија, кој беше подржан од највисоко ниво. Тоа, пак, предизвика комоција и кај ситниот или обичниот криминоген слој. Е тоа се вика криминализација на државата, или едноставно самиот систем создаваше криминалци. Народот осиромаши, фабриките се разнебитија. Тоа си имаше логика.
Сиромавиот човек е плашлив и лесен за манипулација. Тие добро знаеа што прават, па ако некогаш им се суди, ќе треба да одговараат за убиство на сопствениот народ и сопствената држава, И тоа за убиство со умисла, што е најтежок облик на кривично дело.

ФОКУС: Кога всушност ти тргна низбрдо?

ТРАЈКОВСКИ Да биде иронијата поголема, токму во мојата најуспешна година во бизнисот, 1994-та, започна моето пропаѓање, иако тогаш не бев свесен за тоа. Од оваа временска дистанца, како пресуден момент го сметам влегувањето на „Панафакс“ во бизнисот со рекламните паноа.
Не само што проценката за влегување во тој бизнис ми беше погрешна туку на тоа се надоврзаа и неколку последователни моменти кога „империјата ми го возврати ударот“. Наеднаш Владата ги откажа сите услуги од мојата фирма, па дури престанаа да не повикуваат за сервисни интервенции.
Наеднаш почнаа да набавуваат друг тип телефонски централи, дури и десетпати поскапи. Иако опремата што јас им ја инсталирав се уште беше под гаранција. Сето ова ми беше многу симптоматично, а сега веќе и многу јасно.

ФОКУС Проценуваш дека околу 2, 5 милијарди долари Фамилијата испумпа од македонската економија од граѓаните. Како доаѓаш до проценката?

ТРАЈКОВСКИ Меѓу 2,5 до 3 милијарди долари е сумата на одлеани или украдени пари од државен имот во рацете на менаџерите, директорите, посредниците, и се разбира, политичарите. Шемата беше едноставна. Веднаш после „наредбата“, директорите престанаа да инвестираат, почна осиромашувањето на претпријатијата, ги задолжуваа, отпуштаа работници, фирмите одеа во стечај.
Целта беше обезвреднување на државниот капитал, за потоа договорените доверители да можат да ги купат за ич пари. Проценката е многу едноставна. Земете го капиталот во недвижнини што ги поседуваат денешниве олигарси, удрете пазарна цена на тоа, и ќе ви стане многу јасно.

ОВА СЕ ТРОШКИТЕ ОД ДАНОЧНАТА ПИРАМИДА

ФОКУС: Шемата што ја објаснуваш во книгата е синиџирот : лихвар, банка, државна компанија?!

ТРАЈКОВСКИ Банките и ден денеска ни се на многу јадно ниво, но во тие години речиси беше невозможно да влезете во банка… Со нив управуваа генерални директори поставени уште од времето на едноумието. Банките ја имаа сликата на тоа кој, со колку пари располага. Во тоа време парите навистина ја променија својата намена, особено во 1993, 1994 година. Станаа најскапата и најпобарувана роба што може да постои. И денес парите кај нас се скапи. Земете било каков кредит или лихварска позајмица и тогаш навистина сте „нафркале“.

ФОКУС И вие сте земале вакви лихварски позајмици?!

ТРАЈКОВСКИ Да, да влегов и јас во синџирот . Она што беше поентата е дека начинот на функционирањето на тие „триаголници“ во суштинска смисла на зборот ја уништија државата и на некој начин ја докрајчија. А за да функционира „триаголникот“ мораше да има банка. Мора некој да посочи каде се наоѓаат парите. Еве, ако проверите, ќе се соочите со тоа дека таа фирма што се јавува како доминантен сопственик, како доминантен акционер во било која помала фирмичка дека е поврзана со некоја банка од која земала кредит за да стане акционер овде.
Или земала пари од некоја банка, и како гарант се јавува некоја државна фирма или општествена фирма, за да овие пари се пласираат со задолжување. На пример, така „Вардар комерц“ ја купи „Охридска трговија“ со 42% месечна камата. Како што и Борис Стоименов стана сопственик на „Скопјанка“ и.т.н. Значи ете конкретни примери кои преку лихварење, не со свои пари, со заработени пари, туку со пари извлечени пари од државата се станува газда.

ФОКУС Наведуваш и еден директор на проектантска фирма, кој е во спрега со втор човек во една банка, а бил посредувач за вакви работи. И по тој основ месечно ‘заработувал’ по 35.000 марки?!

ТРАЈКОВСКИ Банкарите ги имаат сметките на фирмите, имаат увид на тие финансиски и интерни трансакции. Банкарот знае дека во тоа претпријатие стојат некои 2 до 2, 5 милиони марки. Е тогаш на директорот не му е многу тешко да одлучи на препорака на генералниот директор на банката или на неговиот заменик, да пушти 1 милион марки во такви позајмици каде што лично ќе профитира.
Тука нема некоја опасност. Дури луѓето вработени кај овој директор од проектантската фирма во тој период се задоволни со 300 марки плата, без да знаат дека нивниот директор зема околу 35.000 марки месечно. Тоа се кеш пари, а потоа доаѓа проблемот со перењето на пари.

ФОКУС Себе си ми се претстави како некрунисан меѓународен експерт за перење пари. Како се „воздигна“ до тие размери?

ТРАЈКОВСКИ За тоа е заслужен еден мој соработник кој ме внесе во овие води. И морам да признам дека тогаш научив многу практични работи кои се високософистицирани. Кога ќе направам споредба со нашиве перачи на пари, навистина ми испаѓаат смешни. Тоа уште повеќе ми дава надеж дека сите тие многу скоро ќе бидат разголени.
Еве, само една препорака до г-динот Никола Поповски, од мене како експерт: Не си го арчете времето со трошките од Вашата даночна пирамида, па биле тоа и 200 милиони евра во прашање, туку побарајте ги изводите од гувернерот Гошев за движењата на нерезидентните сметки само од две банки (Комерцијална и Тутунска) за период од 1992-1998 година, и ќе се соочите со милијарди долари или евра.

ФОКУС Во книгата ги среќаваме: Ламбе од „Пивка“ , Буцко синот на генералниот Блажо на „Томбола“ и Гете од „Фалкон“. Не е тешко според асоцијацијата да се идентификуваат Свето „Пивара“, Буцо Лазов од „Еуролинија“ и актуелниов советник на Трифун Костовски, Златко Соколиќ Лате. Ганчо од осигурителна компанија е Ганчевски, нели?!

ТРАЈКОВСКИ Буцко има значајна епизода во мојот живот. Иако дружбата со него не траеше долго сепак беше многу битна за се она лошото што ќе ми се случува понатаму. Сетоа тоа мислам дека одлично го имам опишано. Добро, со „Ганчо од осигурителна“ сум немал лични контакти, само преку посредник. Преку личноста што во книгата го нарекувам Гале, кој сигурно ќе ви биде тешко да го идентификувате кој е.
Но сите тогашни генерални директори на поголеми фирми имаа такви курири за врска преку кои државните пари ќе ги преточат во личен капитал, во лична финансиска моќ. Ганчо го направи тоа преку „Гале“ со тоа што од зделката која што чини реално 190.000 марки, тој ја дуплира и вели „за ова ќе направиш фактура на 380.000 марки“. Јас од тие 190.000 марки имам 25.000 марки заработувачка, но морам да се соочам со фактот за да ги земам тие 25.000 марки кои мене ми следуваат дека морам на директорот да му исплатам она што е ресто, она што останува. Овде станува збор за мала сума, меѓутоа се тоа се случува и со милионски суми.

ПРОТИВ ФАМИЛИЈАТА СО ЦИВИЛИЗАЦИСКА РЕВОЛУЦИЈА!

ФОКУС Дали ова ти што го пишуваш за перењето пари, со тие напумпани фактури, не е и ова што сега се случува со даночната пирамида. Пред 10-ина дена, кога се видовме прв пат, беше актуелен човекот од Кавадарци која јавно проговори за матните зделки на „Пивара“ околу „Тиквеш“. Ти веднаш коментираше дека ништо нема да се случи, дека човекот ќе го исмеат?!

ТРАЈКОВСКИ И самите видовте дека премиерот веднаш застана во одбрана на Свето. Па Агенцијата за хартии од вредност потврди дека се е законски. И најавите од Прчевски не се блеф- тие ќе влезат, ќе направат нешто, но потоа ќе излезе шефот или министерот за финансии и ќе каже „да бевме таму, но кај тој човек не најдовме ништо, се е во ред“. Тоа е спрегата меѓу бизнис олигархијата и она што значи политика во Македонија.

ФОКУС Фамилијата држи се под контрола?!

ТРАЈКОВСКИ Под контрола на Фамилијата им се прво оние институции што можат да поднесат кривична пријава: полицијата или Управата за јавни приходи. Таму се добро инсталирани. Било што да се случи во оваа држава, било какви промени на власта да се случат, тие секогаш ќе бидат во нивна функција. Шминка е и Агенција за перење пари.
Еве, сега слушам дека ако имаш регистрирано фирма за откуп на земјоделски производи можеш да извлекуваш од сметката пари колку сакаш. Тоа беше и порано така. Такви фирми се регистрираа, се гасеа. И јас имав вадено готови пари заради тоа што биравме кој, кога, колку проценти ќе земе, за да имаш поголем ќар во целата работа. Тоа не е ништо ново.

ФОКУС Делуваш како да немаш надеж дека на т.н. Фамилија може да и се скратат пипците. Какви реакции очекуваш после книгата?!

ТРАЈКОВСКИ Се уште не гледам таков лидер што може да го промени тоа, да ги натера да го вратат она што го украдоа од народот. Има интелегентни луѓе, има храбри, самосвесни, ама никој не може да го направи тоа што треба. Причината е што ваквите сеуште се на долниот дел од табелата.
Наша единствена шанса е во масата, кога сите понижени, ограбени, осиромашени, гладни заедно ќе речат-стоп, доста беше. Неопходна ни е цивилизациска револуција. Не револуција со вили, мотики, калашњикови и бомби, туку целосна зрелост кај сите оние што им е јасно што им се случува, но немаат храброст да излезат и да кажат нешто.

ФОКУС Дали со оваа книга се обидуваш да си ја испреш совеста!?

ТРАЈКОВСКИ Не пишувам за да си ја исперам совеста. Дури и не патам за она што, условно кажано,некогаш сум го имал, а сега го немам. Ниту пак очекувам дека ќе го имам. Единствено сакам да ги окуражам луѓето да не им се плашат. Ете, на пример, да собереме храброст да се истопориме и да кажеме: „Чекајте, бре, луѓе. Дај на оној кавадарчанец да му се придружиме уште двајца кои знаме уште податоци дека нечесно се работело“.
Основната порака во книгата е дека треба да престанеме да се плашиме. Јас го сакам моето семејство, децата и сопругата и не ги ставам на коцка. Макар утре да ме најдат покрај некој контејнер застрелан како куче, сепак сакам вистината да излезе на виделина. Доколку не се случи радикален пресврт во блиска иднина, тогаш нека ни е на здравје. Се додека ги вреднуваме луѓето според количеството пари и капитал, тогаш и не заслужуваме поинаква иднина.

ФОКУС Зошто тогаш во 2002 година пристана да бидеш експонент во рушењето на вмровската власт? Ве искористија?

ТРАЈКОВСКИ Сега таа тема не сакам да ја отварам. Тоа што го преживеав е еден друг пекол кој ќе го пишувам во втората книга, ако имам здравје и живот.

ФОКУС Но признаваш дека влезе свесно?

ТРАЈКОВСКИ Да. Но, грешката е во мене. Ако јас сега ги барам грешките во други, дека заради мојот крах ми се криви парите, ми се криви ракетарите, ми се криви моите партнери во бизнисот, тогаш ќе залутам во погрешна вода и ќе почнам да се вадам.
Иако сега ги редам грешките во книгата. Гледам дека за секој потег што сум го направил бил погрешен. Заради тоа што дури и тогаш сум требал да бидам претпазлив како и сега.

СЕ ПРЕКРСТИВ И ВЛЕГОВ ВО ШУТКА

ФОКУС: Престојот во Шутка ти помогна?!

ТРАЈКОВСКИ Одењето во Шутка имаше интересна увертира. Како и секој нормален човек кој знае каде ќе оди, бев во една чудна состојба на умот и на телото, како да одиш и лебдиш. Се сеќавам само како после некој потрес на мозок да те освестуваат и уште не си до крај свесен дали сонуваш. Знам само дека се прекрстив кога влегував внатре. Бев добро пречекан од луѓето од управата. Веднаш ме распоредија на добро работно место – во трафиката продавав весници. Им ги носев на одредени притворени лица како Ламбе Арнаудов, Војо Михајловски, Никола Тасев, Бесник Фетаи …
И сето тоа ми беше интересно. Но не сакав да работам во трафиката бидејќи така се чувствував како да не сум во затвор. За тие 3 месеци се обидував да ме сменат со пријавување на негативни салда. Тоа не се случи. На крај ми го најдоа мобилниот телефон и конечно ме ставија во таа изолација. Таму е веќе тој вистински затвор. Тогаш го проучив законот за санкции и забележав низа неправилности што таму се случуваат.
Влегов во отворен конфликт со упавата на затворот, а во интерес на осудените лица. Ја добив подршката апсолутно. На тоа се надополнија неколку мои жалби и молби за условен отпус кои успешно поминаа кај судовите и авторитетот ми порасна уште повеќе кај осудениците. И тие 6 месеци и 20 дена поминати во изолација имав навистина и време и спокој да седнам да пишувам.

ФОКУС На крајот од книгата им се заблагодаруваш на твоите колеги, како што велиш од одделот за изолација, меѓу кои има Македонци, Албанци, Турци, Срби или мултиетничко општество?!

ТРАЈКОВСКИ Тие ме тераа секоја вечер да им ја читам книгата. Тоа беше една структура на луѓе без образование, но ќе се сконцетрираа и молчешкум ме следееа. Во вечерните часови пред да се изгасне светлото тие инсистираа на тој ритуал на читање. И многу се заслужни за оваа книга.

ФОКУС Како една од главните личности во книгата е Имер Красниќи со прекар Шерифот од Дижонска. Нему и на друштвото, во една чајилџилница во јуни 2002-та им раскажуваш како всушност падна на тоа дереџе да те бркаат сите за долгови. Сепак, книгата завршува со „ин меморијам“ Всушност го даваш извештајот од „Дневник“ за убиството на Шерифот?!

ТРАЈКОВСКИ Тоа е главниот јунак на мојата животна приказна. Да не беше тој, немаше да се случи оваа книга. Тој и Перо Милошевски беа убиени на 3 јануари 2003 година на бензиската пумпа на „Макпетрол“ во Ченто. Тоа е речиси 7 месеци после тој разговор што го имав со него. Неговото убиство не верувам дека ќе биде разјаснето. Од она што успеав да го видам на ТВ, да го прочитам по весниците, во него се пукало од заседа од неколку страни со калашникови.
Шерифот беше човек кој сакаше да им помага на луѓето. Колку и да беше ужасно незгоден човек, на пример не дај боже да имате проблем со него, навистина некогаш сум се плашел до смрт, но се завршувало пак на некој добар начин бидејќи Шерифот знаеше да изброи до 3, да закочи, знаеше да ја изрезонира целата ситуација. И во овој случај со Перо Милошевски, сигурен сум дека отиде да помогне. И да заглави во заседа.

ФОКУС Меѓутоа бидејќи тој ти признава дека некои инспектори од ‘де-бе-ка’ барале од него да те утепа бидејќи си голем ајдук, коцкар, преварант’. Но дека тој не сака да биде кодош и нема да работи за џандарите. Како да алудираш дека зад убиството во Ченто стои полицијата?

ТРАЈКОВСКИ Што е причината за неговото убиство не знам или немам опипливи докази. Јас само сакав да ја потсетам јавноста, и јасно да им дадам до знаење дека Шерифот навистина ги мразаше полицајците И сигурно не бил нивни кодош. Ако му се случило такво нешто, со таква понуда од човек од дбк, како што тој самиот кажа, тогаш може се да се претпостави во врска со неговот убиство. Сепак Имер Красниќи-Шерифот сакаше и им помагаше на вистинските карактери, а ужасно ги мразаше превртливците. Кога разбрав за неговата смрт, верувајте искрено заплакав. Оваа книга на некој начин му ја посветувам нему.

od_osaka_do_dizhonska_l

МОЖЕ ОБЈАЦАТА ДА НЕ ПРОГОЛТА НОЌТА
Извадок од „Од Осака до Дижонска“

Гале инсистираше да не споменувам ниту имиња, ниту бројки, ниту износи. Тоа ми беше многу чудно, бидејќи нашиот разговор заличи на шифрирана комуникација меѓу двајца терористи …

Ти си работел со некаква опрема за прислушкување и надзор, па да не го снимаш и ова случајно?

Јас глумев лутина се обидов да му објаснам дека се чувствувам навреден …

Не ми се лути што те прашав. Морав. Затоа што човекот кому морам да му ги однесам парите е многу моќен и влијателен, а ако некаде ја утнеме работата, може и обајцата да не проголта ноќта. И нема да бидеме првите. Ај сега, дај ја робата да ја пребројам количината и немој да мислиш дека јас имам нешто од ова. Сакам само тебе да ти помогнам, а ако беше друг во прашање, немаше со прст да мрднам.

Ѓубре арамиско, прво ми се закани, а потоа ми се правеше пријател, демек ми прави услуга. Туку, бев во зорт или шаховски кажано, морав да влечам изнудени потези за да преживеам. А во такви ситуации се прават најголеми грешки. Така и јас, молкум му ги предадов парите, кои беа во апоени од по илјада марки. Откако ги преброја два пати, ги стави во внатрешниот џеб и на заминување ми порача дека наредниот ден ќе го добијам авансот. Уште и ме предупреди да не ми паѓаат на памет чудни идеи, да не се занесувам и да си го довршам мојот дел од работата. Утредента, на сметката на ‘Бокафакс’ легнаа 190 илјади марки од осигурителната компанија.

ЛАМБЕ ПРЕКУ БУЦКО САКА ДА ПЕРЕ ПАРИ
Извадок од книгата „Од Осака до Дижонска“

Се најдовме во Тенискиот клуб „АБЦ“… Буцко го прочисти грлото и со најдлабокиот глас што можеше да го извади од стомакот, ми се обрати. Говореше споро и некако чудно ги тегнеше зборовите, што мене ми делуваше многу смешно, затоа што будалетинката го имитираше Марлон Брандо, односно Дон Вито Корлеоне од Кум 1:

Ти мене батка ќе ми изброиш двесте илјадарчиња и тоа тука и сега. Во понеделник ќе му префрлиш на „Фалкон“ уште двесте, а со останатите пари ќе започнеш да работиш. Ќе добиеш уште пари, ама подоцна. Сега не. Овие пари што ти ги спомнав, се за мене и за еден човек. Така ќе направиш. Мислам дека сега ти станаа јасни некои работи.

Конечно, како и на секој наивко кој доцни со „палењето“ и мене ми станаа јасни некои работи. Всушност, само една. Ламбе преку Буцко, односно „Пивка“ преку „Бокафакс“ сака да пере пари. Е, Боки, Боки, која будала си бил. Си дозволил да те изработи како селска бавча и тоа кој? Една буба-шваба, една свинска тенија, еден пропаднат паразит кој во живото ништо не создал, туку само им ја цица крвта на другите.

ГЕТЕ ОД ФАМИЛИЈАТА
Извадок од книгата „Од Осака до Дижонска“

Новиот сопственик на стоковната куќа се викаше Зоран Орлиќ, во Скопје познат како Гете. Имаше и своја фирма – „Фалкон“. Со Буцко биле генерација и се познавале уште од гимназиски години. Гете се оженил за ќерката на познат генерален директор на најмоќната државна фирма за транспорт и шпедиција, па како што кажуваше Буцко, тој, со помош на дедо му, правел р’шум во времето на нафтените кризи во Македонија. Не само што увезувал нафта за потребите на Македонија, туку преку него оделе и цели композиции за поранешна Југославија. И на овој млад човек на челото му пишуваше дека е член на Фамилијата и дека поседува многу пари и капитал, а многу сериозно даваше до знаење, дека е и одлично заштитен.

Поврзани новости