На судиите ќе им се суди, на нивно место – нови

by Фокус

Судскиот совет се согласи со изречените забрани за судиите од Прекршочниот суд кои несовесно постапувале во службата со застарување предмети. Судијата за претходна постапка им забрани на деветемина судии кои беа приведени да ја извршуваат функцијата и да го напуштат живеалиштето.

На тројцата пак пензионирани судии, кои биле дел од групата за прикривање предмети, им е забрането да ги напуштаат домовите. Извесно е дека на сите им претстои судски процес за пропустите што ги направиле во прекршочниот суд.

Ним, според Јавното обвинителство им помагале и стручните служби. Затоа судот им забрани пристап до работните места и напуштање на живеалиштата на 11 службеници кои исто така се приведени утрината од страна на полицијата.

На сите им е поднесена кривична пријава за несовесно постапување во службата. Имено, тие намерно сокривале предмети кои биле примени во 2010-тата, со цел да измине законскиот рок на застарување.

Практично, некои пресуди воопшто не биле предадени на извршување. Проценката е дека го оштетиле државниот буџет за милион и 300 илјади евра преку застарување на повеќе од осум илјади предмети.

Претседателката на Судскиот совет, Александра Зафировска, нагласи дека подолго време го следеле одделот за прекршоци и знаеле дека нешто се случува со наплатата на казните изречени кон граѓаните. Дури претседателот на судот интерно спроведувал контроли и нелогично му било како годишно државата пропушта по половина милион евра да инкасира во буџетот.

Токму затоа, пред неколку месеци, претседателот Владимир Панчевски направи ротации на некои судии. Кога, согласно новиот Закон за кривична постапка, јавните обвинители ја презедоа истрагата, истражните судии на кои им се намали обемот на работа беа ставени во одделот за прекршоци во делот на јавен ред и мир и стопанство.

Првично, по се изгледа се сметало дека предметите заглавуваат затоа што има недостаток на кадар. Но, и покрај пополнувањето на некои места, сепак трендот со заглавени предмети продолжил.

Сега, со оглед дека недостасуваат деветмина судии, Кривичниот суд, под чија капа работи прекршочниот, ќе побара од Судскиот совет, да делегира нови судии, за да може да се спаси нешто, односно да се завршат предметите за кои се уште има рок за извршување и да се наплатата парите од казнетите граѓани.

Истражните органи објавија дека немало коруптивно однесување на судиите. Можеби затоа не им беше одреден притвор. Но дали може да се верува дека за осум илјади предмети се користеле само пријателски релации за да се сокријат предметите.

Тоа значи дека буквално секој што имал за плаќање прекршочна казна успеал преку некој судија или службеник, но и со добар линк, да издејствува неизвршување на пресудата. Сепак, малку нелогично.

Поврзани новости