На 22 декември на Мијалков и Јанкулоска ќе им се суди за нелегалното прислушување

by fokus

Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, екс министерката Гордана Jанкулоска и останатите обвинети во „Таргет и Тврдина“ на 22 декември ќе седнат на обвинителна клупа, бидејќи за тогаш е закажано првото судско рочиште за овој предмет. Од Кривичниот суд информираат дека е одреден датумот и за второто рочиште, за 17 јануари наредната година, а веќе испратиле и покани до странките.

Како што вчера објавивме, иако судскиот процес за овој случај се уште не е почнат,  еден од обвинетите решил да признае вина, по што постапката за него била раздвоена и посебно му се судело.

Од СЈО информираат дека за овој случај е донесена пресуда, односно обвинетиот, чиј идентитет го кријат по негово барање, е осуден на условна казна од шест месеци, доколку во рок од две години не стори ново кривично дело. Признанието на овој обвинет дава придонес и во докажувањето на делот со бришењето на логовите од прислушувањето во УБК, како што утврди странски експерт.

-Ја известуваме јавноста дека во предметот „Таргет – Тврдина“ е раздвоена кривичната постапка за едно лице, за кое, врз основа на признание на вина, на ден 17. 11. 2017 година, е донесена пресуда. На обвинетото лице му е изречена алтернативана мерка – условна осуда за кривичното дело Помагање на сторител во извршено кривично дело.

Предлогот за раздвојување беше истакнат од страна на ова Јавно обвинителство, при што се имаше предвид интересот на обвинетото лице за побрзо завршување на постапката, како и економичноста и целисходноста на постапката, информираат од СЈО.

Истрагата за предметот со кодно име „Тврдина“ беше отворена на ден 29.03.2016 година, а за предметот „Таргет“ на ден 17.11.2016 година. Поради нивната поврзаност, при подготовка на обвинението предметите се споени во еден единствен предмет.

Со обвинението се гонат 12 лица, меѓу кои се Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Горан Грујевски и Никола Бошковски.

Поврзани новости