МВР: Полицајци суспендирани откако претепале ограбувач во парфимерија во Лептокарија

by Fokus

Полицaјците Р.Б. и В.Н. од Полициската станица Карпош се суспендирани  затоа што за време на мотопатролна контрола откако го затекнале лицето А.Р. при извршување на кривично дело тешка кражба во парфимерија во Трговскиот центар Лептокарија во Скопје при интервенцијата го претепале, информираа од МВР.

Според полицијата, при интервенцијата, полициските службеници несразмерно употребиле физичка сила врз сторителот, од што тој се здобил со тешки телесни повреди во пределот на лицето и телото. Со возило на Итната медицинска помош А.Р. е пренесен во Ургентен центар-Скопје, а поради сериозноста на повредите е задржан за понатамошно лекување. За настанот веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР, кој веднаш го известил и Основното јавно обвинителство Скопје.

По издадените наредби на јавниот обвинител, преземени се мерки и дејствија за расчистување на случајот. Поради утврдено пречекорување на овластувањата, против полициските службеници е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и тие се суспендирани од работните места до завршување на постапката.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека нема да толерираат вакви настани и ќе ги преземат сите мерки полициските службеници што употребиле прекумерна сила да бидат казнети според законот.

Поврзани новости