МВР: Нападнати новинари на „Мета“ и на „Слободна Европа“

by fokus

Двајца новинари пријавиле во полиција дека биле физички нападнати од непознати лица во синоќешните настани во Собранието.

Како што соопшти денеска МВР, синоќа во 21:45 часот во ЕИК Скопје Т.Д.(37) од Скопје, новинар во новинската агенција „Мета“ пријавил дека истиот ден околу 19,40 часот во прес-салата во Собранието на Република Македонија, додека фотографирал со неговиот приватен мобилен телефон, од страна на пет непознати лица му било извршено разбојништво.

Полицијата информира дека на новинарот од „Мета“ најпрво му пришло едно лице и му се заканило дека физички ќе го нападне доколку не престане да снима со мобилниот телефон. Потоа, му се придружиле уште четири лица кои физички го нападнале, удирајќи со клоци и тупаници во пределот на главата, нанесувајќи му видливи повреди во пределот на лицето. Едно од лицата му го одзело телефонот и продолжиле да го удираат. Од страна на непознато лице бил извлечен во бифето и изнесен надвор од Собранието.

Во ЕИК Скопје изутринава во 01:50 часот новинарката Г.С.З. од радиото „Слободна Европа“ пријавила дека синоќа околу 19,40 часот, пред главниот влез на Собранието на Република Македонија, додека извршувала работни задачи, лицето Е.Ј. од Крива Паланка од раката насилно и ја одзело и скршило службената камера. Додека си ја барала камерата, од страна на толпата била удрена во пределот на грбот.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Поврзани новости