Му ја укинале социјалната помош, зашто имал пари да си го погреба синот!

На почетокот од 2015 година, над 1.600 граѓани го изгубиле правото на парична социјална помош, бидејќи преку брз трансфер на пари, од свои роднини или пријатели, добиле пари кои им била неопходни за итни ситуации – операции, лекување и сл. Најкарактеристичен е случајот со еден скопјанец кој добил 1500 евра помош од Германија за да го погреба својот син, а центарот му ја укинал социјалната помош. Граѓаните поднеле тужби до Управниот суд, но и натаму не можат да ја истераат правдата

Пишува: Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

За да може достоинствено да го погреба својот прерано починат син, скопјанец кој со своето семејство живеел во голема сиромаштија, од свои роднини кои работеле во Германија добил парична помош од 1.500 евра. Иако парите ги потрошил за ковчег, изработка на надгробна плоча и венци, за што поседувал и сметки, надлежните институции решаваат да му ја укинат социјалната помош од која дотогаш живееле, бидејќи сметале дека со овие пари семејството може да се издржува?! Во истиот период, или почетокот на 2015 година, над 1.600 граѓани го губат правото на парична социјална помош, бидејќи и тие преку брз трансфер на пари, од свои роднини или пријатели, добиле парична помош која им била неопходна за итни ситуации.

Овие граѓани одеднаш се нашле во безизлезна ситуација, бидејќи социјалното кое го добивале од државата, наеднаш им секнува, па остануваат и без корката леб која дотогаш можеле да им ја пружат на своите деца. Згора на се, добиле и обврска да ги вратат парите кои ги добиле како социјална помош исплатени во текот на 2014 година. И по две години институционална и правна битка, поголемиот дел од овие семејства не можат да ја добијат правдата иако аргументите се на нивна страна.

ОД ЦЕНТАРОТ ПОБАРАЛЕ И ДА ГИ ВРАТИ ПАРИТЕ

Уште не соземени од смртта на нашиот син, на почетокот од 2015 година од Центарот за социјални работи бевме известени дека ни се укинува правото на социјална помош, вели нашиот соговорник.

Тој појаснува дека Министерството за труд и социјална работа направило контрола и утврдило дека во август 2013 година, преку брз трансфер на пари, му легнале на сметка 1.500 евра, по што носи решение за прекин на социјалната помош. Од министерството сметале дека со овие пари семејството може да се издржува, па затоа им ја ускратиле помошта од државата.

Но, она што не знаеле или не сакале да го утврдат, е дека со овие пари скопјанецот го погребал својот син, кој по тешко боледување прерано ја изгубил битката со животот. Парите, преку брз трансфер, му ги испратиле роднини од Германија, кои сакале да му помогнат во најтешкиот момент од животот, а тоа им го „налага“ и религијата, односно на ужаленото семејство да му помогне кој колку може.

Но, она што е скандалозно во случајот е што скопјанецот не ги сокрил парите, туку веднаш го информирал Меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МЦСР), по што од службениците бил известен дека приходите од брз трансфер на пари не треба да се пријавуваат затоа што тоа не било утврдено со Правилникот.

До крајот на 2013 година и во текот на 2014 година скопјанецот продолжил да добива социјална помош, кога наеднаш во средината на февруари 2015 година добил решение од МЦСР дека му престанува ова прав. И тоа не е се. Му било наложено да врати дел од парите кои ги добил во 2014 година, со образложение дека неосновано ги добил?!

Тој побарал правна помош од Македонското здружение на млади правници, од каде што преку тимот адвокати со кои соработуваат, му помогнале да поднесе жалба до Министерството за труд и социјална политика, во која што појаснил дека парите кои ги добил од Германија ги потрошил за да го погреба својот син, но оттаму ја одбиле жалбата без да му дадат подетално образложение.

ДОБИЛ ПАРИ ЗА ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕ, ПА ОСТАНАЛ БЕЗ СОЦИЈАЛНА ПОМОШ

Решение, на државата да и врати 23.492 денари, добил и жител на скопската населба Шуто Оризари. И тој според Центарот за социјални работи на почетокот од 2015 година бил известен дека повеќе нема право на социјална парична помош, бидејќи добил средства преку брз трансфер на пари, а му наложиле и да ги врати средствата кои ги добил во 2014 година.

И овој граѓанин, како и претходниот, не негирал дека исто така од роднини од Германија добил пари, 3.800 евра, но истакнал дека ги искористил за операција на срце, која не можел да ја покрие со минималната социјална помош која ја добивал од државата.

Центарот за социјални работи во Шуто Оризари во целост бил запознаен со неговата здравствена состојба. Имено, тој е со влошено здравје, вградени му се два стента и имал операција на срцето, поради што роднини од странство му испратиле пари за да ги покрие сите болнички трошоци, кои не можел да ги покрие со малата социјална помош. Тој бил принуден да позајми од своите роднини, бидејќи ако не позајмел, не можел да ја изврши операцијата, вели Гоце Коцевски, проектен менаџер во Македонското здружение на млади правници, кои преку своите адвокати соработници, се вклучиле да му помогнат да ја истера правдата.

Токму затоа скопјанецот поднел жалба до Министерството, каде го обжалил решението на центарот за социјални работи.

Својата одлука институцијата ја заснова на Правилник, донесен во јануари 2015 година, со кој се утврдува дека секој корисник на социјална помош ќе го изгуби правото доколку добие средства исплатени преку брз трансфер.

Коцевски појаснува дека покрај погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, првостепениот орган при донесувањето на решението погрешно го применил и материјалното право.

Правилникот, во кој брзиот трансфер на пари се става како пречка за добивање на правото на социјална помош, беше донесен во јануари 2015 година. Ова значи дека тој не може да има ретроактивно дејство, т.е. да се однесува за 2014 година и врз основа на правилникот да се констатира незаконска исплата на парични средства. Бараат поврат на средства за 2014 година врз основа на пропис кој во тој период немал правна сила!? Покрај погрешната примена на материјалното право, се прави и повреда на Уставот, односно на членот 54, став 4, каде е наведено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејствие, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните, истакнува Коцевски.

Сепак и покрај очигледното незаконско постапување на центарот за социјални работи, министерството ја отфрла поднесената жалба, поради што скопјанецот поднел тужба до Управниот суд. Судот, по речиси една година, одлучува во негова корист, односно ја усвојува тужбата, но не поради неуставноста, туку поради контрадикторности во решението од техничка природа.

Така завршил и управниот спор кој го повел уште еден жител на скопската општина Шуто Оризари. И во овој случај Центарот за социјални работи одлучил, а министерството ја потврдило одлуката, глувонемо лице од оваа скопска населба да врати 49.028 денари, односно сите средства кои како социјална помош му биле исплатени во 2014 година. Освен задолжението да ги врати парите добил забрана во рок од една година за добивање социјална помош. Неговиот грев било тоа што во 2014 година на сметка, преку брз трансфер, му легнале 1.400 евра. Во жалбата скопјанецот појаснил дека парите ги испратил неговиот зет, а биле наменети за покривање болничко лекување на неговата мајка. Ова оправдување не било доволно за министерството, па откако жалбата била одбиена, повеле управен спор. Управниот суд одлучил дека решението е контрадикторно, бидејќи не било јасно за кој временски период му се оспорува правото на парична помош, па затоа предлага случајот повторно да се разгледа и одлучува, при што во повторената постапка да ги земат предвид укажувањата на судот.

УПРАВНИОТ СУД ГО ШТИТИ МИНИСТЕРСТВОТО

Иако овој граѓанин го добил случајот, сепак не ја добил и правдата. Коцевски истакнува дека Управниот суд се воздржува да ги укине овие решенија поради нивната неуставност, туку поради технички грешки или контрадикторности во податоците, без да се фати за суштината. Тој вели дека останува нејасно поради кои причини судот не зазема став дека решенијата се неуставни, кое нешто само по себеси требало да покрене засебна постапка за утврдување на одговорност во министерството. Вака, иако ја извојувале правната битка, овие граѓани не добиле ништо, односно се уште се оставени без социјална парична помош.

Но има и случаи кога Управниот суд одлучувал негативно по тужбите на корисниците на социјална помош.

Во февруари 2015 година уште едно семејство од Шуто Оризари, од центарот за социјални работи добива решение дека им запира исплатата на социјалната помош и дека треба да вратат 26.856 денари, кои им биле исплатени во 2014 година, а доколку не ги вратат им се закануваат со тужба пред надлежниот суд. Исто така, изречена им е и забрана за користење социјална помош во рок од една година.

Гревот на ова семејство било тоа што во 2014 година примиле пари преку брз трансфер и тоа од нивниот син кој живеел во странство, а за тоа не го известиле центарот во рок од 15 дена.

Семејството се правда дека парите нивниот син ги испратил не за да се издржуваат со нив, туку да уплаќаат рати за исплата на банкарски кредит, кој синот го подигнал пред да замине. Како поткрепа, поднеле и уплатници за исплата на кредитот.

И тука, според Млади правници, доаѓаме до прашањето дали и ова семејство било информирано дека во центарот морало да ги пријави парите кои им стигнале на сметка преку брз трансфер.

Доколку жалителот знаел дека ќе му се укине социјалната парична помош, тогаш би му наложил на синот од странство да ги уплаќа ратите за кредитот, вели Елена Георгиевска, проектен асистент во Млади правници.

Таа додава дека и во овој случај надлежните се повикуваат на Правилникот, кој во тој момент немал правна сила, односно донесен е во 2015 година, а со него се наложува да се вратат средства исплатени за 2014 година?!

Во конкретниот случај воопшто нема елементи на незаконска исплата од причина што наведениот Правилник на кој се повикува првостепениот орган не бил донесен, а жалителот ги исполнува сите законски услови за остварување на правото на социјална парична помош, објаснува Георгиевска, која додава дека веднаш била поднесена жалба до Министерството за труд и социјална политика.

Бидејќи министерството и во овој случај одлучува негативно, односно ја отфрла жалбата, семејството во мај поднесува тужба до Управниот суд, кој носи одлука дури по девет месеци. Одлуката е негативна, односно на штета на социјално загрозеното семејство. Судот сметал дека корисникот на социјалната помош морало да го извести центарот за социјални работи за добиените пари.

Судот при носењето на одлуката ги ценеше наводите дека Правилникот не бил на сила кога тужителот се стекнал со право на социјална парична помош во 2014 година, односно бил донесен во 2015 година, но најде дека се неосновани и не се основ за донесување на поинаква одлука. Ова од причина што во решението со кое му било признато правото на парична помош е наведено дека носителот на правото е должен да го извести центарот за социјална работа за секоја промена на фактите и околностите кои биле основ за признавање на правото, најдоцна во рок од 15 дена од денот кога настанале тие промени, се наведува во пресудата на Управниот суд.

ПРАВИЛНИКОТ СЕ МЕНУВА, НО НЕ И ТАБИЕТОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО

Управниот суд претставува клучна институција која ја оценува законитоста на поединечни акти на органите на државната управа. Сепак, според Коцевски, долгото траење на постапката за решавање управни спорови отвора сомнеж во можноста граѓаните да остварат навремено правно разрешување на своите правни проблеми и барања.

– Оттука, времетраењето на постапките пред Управниот суд, кое често се мери со години, не секогаш е ефективно за остварување на правата на граѓаните. Во вакви случаи граѓаните повторно треба да вложат време и енергија и да поминат преку првостепената постапка пред органите на државната управа, но тоа воопшто не е гаранција дека органот ќе донесе поинаква одлука од претходната. Поради тоа, граѓаните се губат во административниот лавиринт и најчесто нивните права остануваат неостварени, што исто така значи и дека тие не добиваат ефективна заштита, вели Коцевски.

Од Млади правници појаснуваат дека проблемите почнуваат кога во јануари Министерството за труд и социјална политика дополнува два правилници според кои примени парични средства преку услугата брз трансфер на пари во износ над 50.000 денари се сметаат како имот од кој корисниците можат да се издржуваат и како таков, тие се должни да го пријават. Доколку лицето се стекнало со ваква сума пари, тоа ќе го изгуби правото на социјална односно постојана парична помош. Правилниците беа објавени во Службен весник на 26 јануари 2015 година, а стапија на сила наредниот ден од објавувањето.

Веднаш наредниот месец меѓуопштинските центри за социјална заштита без претходно да ги информираат граѓаните за дополнувањето, прибавиле податоци од НБРМ и донеле над 1.300 првостепени решенија со кои на голем број корисници на социјална и постојана парична помош им беше укинато ова право.

Сите решенија содржеле образложение дека во текот на 2014 година лицата примиле средства преку услугата „брз трансфер на пари“. Во решенијата центрите за социјална работа се повикуваат на донесените правилници во јануари 2015 година без оглед на тоа што правилниците не биле стапени на сила во моментот на приемот на средствата.

Но, не помина ниту еден месец по дополнувањето, министерството повторно ги измени споменатите правилници и го зголеми дозволениот износ на примени средства преку брз трансфер на пари од 50.000 на 70.000 денари.

Преку проектот на УСАИД за заштита на човековите права беа поднесени вкупно 50 жалби против решенијата со кои престанува правото на социјална односно постојана парична помош поради примени средства преку брз трансфер на пари пред 27 јануари 2015 година. Во сите жалби беа истакнати два основни жалбени наводи. Прво, се работи за очигледна ретроактивна примена на неповолен пропис што нашиот Устав не го дозволува, и второ, податоците се прибрани без потребната согласност од лицата кои користат социјална односно постојана парична помош, појаснуваат од Млади правници.

Од таму додаваат дека единствено биле прифатени жалбите на граѓаните кои на сметка добиле износ помал од 70.000 денари. Ваквата одлука министерството ја образложило со фактот дека постои поповолен пропис за граѓаните, па тој се зема во обзир. Останатите жалби, пак, министерството ги отфрлило со идентично образложение.

МТСП не најде повреда на законот, бидејќи во жалбата не се наведуваат докази за факти кои би довеле до поинакво решение, одговарале од надлежното министерство.

Нашите соговорници потенцираат дека клучно во целата ситуација е тоа што центрите за социјални работи не ги информирале засегнатите граѓани дека примањето на средства преку брзиот трансфер на пари претставува законска пречка за користење на правото на социјална помош и треба да се пријави во определен рок во Центарот, од причина што корисниците не можат да знаат дека законодавецот донел нов Правилник врз основа на кој се утврдува начинот на кој се остварува правото, ниту пак читаат или му се достапни службените весници на РМ.

КХАМ ДЕЛЧЕВО: МИНИСТЕРСТВОТО МАНИПУЛИРА

Од невладината организација КХАМ Делчево (кхам на ромски значи сонце), пак, во декември 2015 година поднесоа иницијатива до Уставниот суд за промена на член од Правилникот за брз трансфер на пари.

Повеќе лица се обратија кај нас и побараа помош. По направените анализи се увиде дека бројот на донесени решенија за одбивање на барањата за социјална парична помош изнесува околу 1.600, на ниво на држава, а бројот на лицата кои примиле пари преку брз трансфер – изнесува 5.000 корисници на социјална парична помош, вели Зекир Абдулов, извршен директор на КХАМ Делчево.

Во јануари 2016 година, кога на министерското столче е Фросина Ременски, се носи одлука да се избрише спорниот член од правилникот. Меѓутоа, според Абдулов, центрите за социјална работа и понатаму носеле решенија со кои им се одбиваат барањата за социјална парична помош од причина што барателите оствариле приход во претходната година, а на оние лица на кои им е укината социјалната помош врз основа на спорниот член од правилникот им се нудени сопогодби за враќање на средствата што ги примиле од државата.

На овие лица им е кажано дека откако ќе ги вратат овие средства после може да аплицираат со ново барање до центрите за остварување на правото за социјална парична помош, вели Абдулов.

Невладината организација во периодот април-септември постапувала по 47 случаи, главно предмети од Виница и Штип.

Од причина што во повеќето случаи се работеше за предмети кај кои беше поминат рокот за жалба, до центрите и министерството поднесовме предлози за поништување на донесените решенија врз основа на новиот правилник со кој се брише спорниот член.

Центрите за социјална работа воопшто не дадоа одговор, единствено центарот во Виница до странките достави допис дека предлозите за ништавност биле предмет на инспекциски надзор и дека наводно чекаат инструкции од Министерството за труд и социјална политика како понатаму да се третираат овие предмети, вели Абдулов.

Жалбите, пак, кои ги доставиле до министерството, со промената на министерката Ременски и враќањето на староновиот

министер Диме Спасов, експресно биле одбиени.

На мислење сме дека моменталната ситуација во државата влијае и не дозволува службите во министерството професионално да ја вршат својата работа, вели Абдулов.

Тој додава дека статусот на овие граѓани се уште не е решен, иако правилникот е сменет. Според нивните сознанија некои центри за социјална работа носат решенија со кои предлозите за ништавност на решенијата за прекин на социјалната парична помош по основ „брз трансфер на пари“ се отфрлаат и на странките им нудат спогодби за враќање на средствата како услов за поднесување барање за социјална парична помош во нареден период.

Иако по две години проблемите се решени во полза на граѓаните, сепак тие и понатаму остануваат обесправени. Две години се оставени без скршен денар, а дел од нив навлегле во дополнителни долгови бидејќи прифатиле да вратат дел од бараните средства, само за да можат во иднина да добиваат социјална помош.

Управниот суд, пак, ја имаше можноста да ја подели правдата, но очигледно повеќе уживаше во улогата да му се додворува на Министерството за труд и социјална политика, кое на грбот на социјално најзагрозените сакаше да инкасира половина милион евра во својата каса.

Рамка

СОЦИЈАЛЦИТЕ ЖИВЕАТ СО 166 ДЕНАРИ НА ДЕН

Минатата година 28.018 македонски домаќинства живееле или подобро речено преживувале со 5.000 денари месечно, кои ги добивале како социјална парична помош. Овие семејства, за да врзат крај со крај, на располагање имале по 166 денари дневно. Со нив требало да купат храна за себе и за своите две деца, но и да ги покријат сите останати трошоци. Доколку, пак, веќе три години добивале социјална помош, четвртата ја живеат со двојно помала сума, или 83 денари на ден. Очигледно е дека овие луѓе се исправени пред невозможна мисија, бидејќи за овие пари не можат да се напијат кафе, а не да го прехранат семејството.

Надлежните се правдаат дека средствата што се издвојуваат се мали бидејќи е предвидено оваа помош да трае во краток временски период, но реалната состојба е дека илјадници семејства на овој начин живеат со години.

Рамка

ПОПЛАВА ИМ ЈА ОДНЕСЕ СОЦИЈАЛНАТА ПОМОШ

Скопјанец раскажува дека во 2014 година добивал социјална парична помош. Покрај тешката финансиска положба во која се наоѓале, ситуацијата дополнително им се отежнала кога поради поплавите пред три години им протекол покривот од куќата.

– Бидејќи парите од социјалното не ни стигнуваат за леб, а не пак со нив да направам поправка на куќата, побарав помош од брат ми кој живее и работи во Германија. Тој ми испрати околу 1.000 евра, кои ги потрошив на поправката, за што поседувам и фактури и фискални сметки. По една година или поточно во февруари 2015 година добив решение за престанок на социјалното, вели нашиот соговорник.

Тој против ова решение поднел жалба заедно со копиите од фактурите и фискалните, меѓутоа од Министерството за труд и социјална политика жалбата ја одбиваат без да одговорат и да се изјаснат по ниту еден од жалбените наводи.

Рамка

РЕМЕНСКИ: ОД ГРБОТ НА СОЦИЈАЛЦИТЕ САКААТ ДА УКРАДАТ 450.000 ЕВРА

Пратеничката Фросина Ременски од СДСМ, која неколку месеци ја извршуваше и министерската функција, вели дека од септември 2014 година до септември 2015 година дури 6.603 семејства го изгубиле правото на социјална помош, од кои околу 2.000 поради средства добиени преку брз трансфер на пари.

Покрај тоа што незаконски им ја укинаа социјалната парична помош, ги условија и да вратат дел од парите, па на овој начин требаше да се соберат околу 450.000 евра. Токму затоа го укинав овој спорен член од Правилникот, вели Ременски.


Оваа истражувачка сторија е изготвена со помош на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.
Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „Судството – чувар или прекршител на човековите права’’, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.