МТВ не објавува од прислушуваните разговори затоа што обвинителството забранува?

by Фокус

На крајот се исплатеше – Стојанче Ангелов ќе гостува во дневникот на МТВ во наредните неколку дена- вакво ветување добил од главниот уредник Горан Петревски. Тие денеска имаа средба на која Ангелов му образложил на уредникот зошто е револтиран и зошто секојдневно доаѓа пред зградата на МРТВ.

Ангелов побарал да се емитуваат снимките на Зоран Заев околу прислушувањето на јавниот сервис, но добил одговор дека Јавното обвинителство забранило да се емитуваат таквите разговори. Затоа Ангелов после средбата најави дека сега притисокот на граѓаните мора да биде врз Јавното обвинителство кое бира како ќе постапува јавниот сервис.

Соопштението на кое се повикува Петревски е од трети февруари и гласи:

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно своите овластувања ќе изврши проверки во врска со фактите и околностите под кои материјалите од средбата помеѓу Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев, дошле до медиумите. Јавното обвинителство на Република Македонија цени дека е неопходно да нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон. Затоа, предупредуваме веднаш да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција упати Барање до МВР на РМ да стапи во контакт со мрежата на која што беше објавен материјалот за негово отстранување како и отстранување на сите слични материјали кои би се појавиле во иднина.“

Но ваквото соопштение се однесува на видеото кое беше објавено од кабинетот на Груевски, а може да се протолкува дека се однесува и на видеата на кои Бошкоски беше снимен со загрозениот сведок од процесот „Кампања“, кои беа прикажани неколку дена по ова соопштение,  но дали може да се однесува и на прислушуваните материјали?

Единствено реченицата „објавувањето на материјали кои што можат да станат предмет на натамошна кривична постапка е забрането и казниво“ може да се коментира дека евентуално би се однесувала на некаква забрана за пуштање на снимките на Заев. Но не смее да се заборави дека ова соопштение е издадено пред Заев да почне да ги пушта „бомбите“, а при тоа и СДСМ, а и голем број медиуми објавуваат од тонските записи.

Ако се следи логиката на МТВ дека овие зборови на обвинителството значат забрана за јавно емитување на прислушуваните разговори, тогаш зошто Јавното обвинителство не издаде посебно соопштение, што би било пологично со кое ќе стави забрана, а не да му се толкува некое старо, или пак, зошто остава другите медиуми секојдневно да објавуваат снимени разговори? Зошто нема предупредување од обвинителството со медиумите дека го кршат законот повеќе од месец?

По неколку дена протести и забраната да учествува во емисија на Канал 103, кое е во состав на МРТВ, уредникот на МТВ, Петревски исполни барем едно од барањата на Ангелов, тоа за гостување во вестите. За другото Петревски не можел ништо да вети оти работел според законските одредби.

Ангелов инаку имаше намера да му поднесе пријава на Петревски за необјавувањето на снимките на Заев, но по средбата се премисли, оти се посомнева дека ќе му биде отфрлена, ако се знае дека МТВ работи по некакви писмени, јавни налози од Јавното обвинителство.

 

 

Поврзани новости