МПЦ побара Бугарската црква да и биде мајка

by fokus

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на 9 ноември одлучил да ја препознае и да ја признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како црква-мајка. Писмото што МПЦ го испратила до Синодот на БПЦ е објавено во емисијата „Вера и општество“ на Бугарската национална телевизија (БНТ).

„До Светиот архиерејски синод на Бугарската православна црква
Ваша Светост и
Ваши Високопреосвештенства,
членови на Светиот архиерејски синод,

Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), на својата редовна седница, одржана на 9 ноември 2017 година, во просториите на Македонската архиепископија во Скопје, посвети сериозно внимание за статусот на МПЦ-ОА и евхаристиското единство со Помесните православни цркви. Во тој дух, Синодот едногласно одлучи да упати одредени предлози и барања до сестринската Бугарска православна црква. Имено:

– Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, имајќи ги предвид единството на Православната Црква и реалните духовни и пастирски потреби, да воспостави евхаристиско единство со возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

– Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите Помесни цркви.

– Со потпишувањето на оваа согласност од поглаварите на двете Цркви, да се воспостави евхаристиско единство и меѓу сите нивни епископи кое што ќе биде основа за непречено воспоставување на евхаристиско единство и со епископите од останатите Помесни православни цркви.

– За признавањето и воспоставувањето на евхаристиското единство, Бугарскиот патријарх го извествува Вселенскиот патријарх, како и поглаварите на другите Помесни православни цркви.

Изразуваме надеж во Господа, дека овие наши предлози и барања ќе бидат прифатени од Светиот архиепејски синод на Бугарската православна црква, за радост на свети Климент Охридски и за доброто на севкупната црковна полнота.

Претседател на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, Архиепископ Охридски и македонски.“

Поврзани новости