Можеме ли да помогнеме: Стоилов го нуди својот бубрег за да го излекува детето!

by fokus

Делчевецот Кирче Стоилов, чие четири и полгодишно дете има потреба од лекување, за кое се потребни големи финансиски средства, се најде и во медиумите во соседството откако упати јавен апел дека го продава својот бубрег за да го излекува синот. Веста на која бурно реагира целиот Балкан, кај нас помина дури и незабележано, без никакви најави од институциите дека ќе му се помогне на кој било начин на загрижените родители.

,,Нашиот син Матеј има повеќе пречки во развојот, умерен ментален хендикеп, односно е дете со аутизам. Поради тоа често имаме потреби од разни испитувања, контроли и снимања, кои се прават во Скопје и надвор од земјава и се доста скапи, а јас и сопругата сме невработени и живееме од социјална помош и посебен додаток, кои не се доволни ниту за основните потреби. Само за лекови месечно ни се потребни најмалку 250 евра, а во Делчево, мало место, тешко се наоѓа работа и не можам да ги заработам потребните пари. Се обратив до Министерството за здравство, но ми кажаа дека не можат да ми помогнат. Од државата имаме добиено социјален стан за кој плаќаме по 1.560 денари месечно, и тоа е целата помош. Единствено ми помогнаа хумани граѓани и неколку здруженија, а добивме и бесплатно снимање во „Систина“, кое вообичаено чини околу 1.700 евра – раскажува Кирче, кој до пред две години работел во фабрика за конфекција. Тој додава дека, и покрај тоа што постојано се вршат разни испитувања над неговото дете, сепак сѐ уште немаат конечна дијагноза. Поради тоа и сакале да се обидат да заминат на специјализирана клиника во странство, на сопствен трошок, но финансиската состојба не им дозволувала.

Без размислување го нудам својот бубрег за да го излекувам моето дете! Го споделив апелот на повеќе социјални мрежи, оставив и телефон за контакт, но досега никој не ми се јавил. Не ми се јавиле ниту од која било институција да ме прашаат што се случува, зошто сум се решил на таков чекор. Како и секој родител, нормално дека ќе сторам сѐ за да му помогнам на своето чедо – изјави за „Фокус“ Стоилов, кој ги моли сите добри и хумани луѓе да донираат и да му помогнат.

Во Македонија, според законот, орган може само да се донира или да се подари на близок роднина, односно родител, дете, брат, сестра и брачен другар. Продажбата е забранета и казнива. Во случај некој да сака да донира орган на лице со кое не е близок роднина, потребно е мислење од Лекарската комора и одобрување од Министерството за здравство.

Сметка за донации

Матеј Стоилов 240 1671025375 13 Уни Банка

kirce stoilov2

Поврзани новости