МОСТ: Велјановски ја злоупотребил својата позиција на конститутивната седница

by fokus

За прв пат во историјата на парламентарна Република Македонија конститутивната седница на Собранието траела 22 работни дена во период од 5 месеци, наспроти вообичаените 1 до 2 дена. Причината за ова е злоупотребата на сите видови обраќања од пратениците: дискусија, реплика, контра-реплика и процедурално обраќање, констатираат од невладината организација МОСТ по извештајот за мониторинг на работа во Собранието.

Според нивните заклучоци пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ го прекршиле деловникот 1.352 пати, додека пратениците од коалицијата на СДСМ имаат 148 прекршувања. Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се јавиле за збор, но само еден од нив се придржувал кон точката на дневен ред, велат од МОСТ.

„Одолговлекувањето на конститутивната седница се должи на многубројните прекршувања на Деловникот од страна на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ. Во ниту еден од 1.566-те говори во кои бил прекршен Деловникот претседавачот не одзел збор на пратеник, со што не го спречил прекршувањето на Деловникот. Биле опоменати 5 пратеници од коалицијата СДСМ чии говори не го прекршиле Деловникот. Во 7 говори од пратеници на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ претседавачот го oпоменал говорникот повеќе од 2 пати, но не му одзел збор, иако повеќекратната опомена претставува основа за одземање на зборот“, велат од МОСТ.

Од друга страна, додаваат од таму, претседавачот одзел збор во 4 наврати, 2 пати без и 2 пати со една опомена, со што го прекршил правилото за двојна опомена пред одземање на збор.

„Претседавачот со конститутивната седница ја злоупотребил својата позиција со тоа што не интервенирал кога пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ го прекршувале Деловникот и/или несоодветно реагирал во случаи кога пратениците од коалицијата СДСМ говореле без да го прекршат Деловникот“, посочуваат од невладината.

Од таму подвлекуваат дека одолговлекувањето на конститутивната седница предизвикало одложување на трансферот на власта, односно парализа на законодавната и извршната власт.

Поврзани новости