МОСТ утврдила случаи на непочитување на постапката на гласање

by Фокус

Над 2.500-те набљувачи на невладината МОСТ, кои беа распоредени на речиси 50 проценти од избирачките места во државата на денешните локални избори, утврдиле непочитување на постапката на гласање и реакција од страна на избирачките одбори.

Непочитување на постапка на гласањето и реакција од страна на избирачките одбори имало на гласачкото место 0445 во село Градец, во општина Врапчиште, каде претседателот на Избирачкиот одбор стоел зад параванот додека луѓето гласаат.

Во гласачкото место 0951, општина Крива Паланка, пак, гласањето било прекинато еден час поради тоа што Избирачкиот одбор увидел дека недостигаат две гласачки ливчиња во кочанот за избор на градоначалник. Притоа, била повикана и Општинската изборна комисија која им дала инструкција да откинат две ливчиња од кочанот за избор на совет и да ги стават во гласачката кутија. По затворањето на гласачкото место, треба да се утврди за што станува збор.

Потоа, технички проблеми со изборниот материјал имало на гласачкото место 1722, општина Струмица, каде сериските броеви на кочанот со гласачки ливчиња не биле последователни. Избирачкиот одбор не ја повикал ОИК и одлучиле да продолжат со гласањето, но направен е записник. Истата ситуација е забележана и на гласачкото место 1063 во општина Куманово.

На гласачкото место 2516 и 2519 во општина Гази Баба им биле помешани печатите. Избирачкиот одбор од 2519 го забележал ова во 16 часот и ја повикал ДИК. Гласањето било прекинато во двете гласачки места во период од 25 минути. Направен бил записник и гласањето продолжило.

На гласачкото место 2539/1 во општина Гази Баба, во кочанот со гласачки ливчиња за избор на градоначалник на град Скопје имало 15 гласачки ливчиња за избор Совет на град Скопје, но имале иста боја како ливчињата за избор на градоначалник. Гласањето било прекинато 20 минути, 15-те ливчиња биле поништени, направен бил записник и гласањето продолжило.

Проблеми предизвикани од неовластени лица се регистрирани пред и во просториите на ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во општина Шуто Оризари каде продолжил поткупот.

Неовластени лица пред средното училиште Никола Карев во Струмица ги евидентирале гласачите. На неколку метри од гласачкото место 0858 во општина Кочани, имало собрано поголема маса на неовластени лица. Избирачкиот одбор веднаш повикал полиција која ги отстранила лицата.

Непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи имало на гласачкото место 2052 во с. Горно Седларце, општина Боговиње, гласач физички нападнал член на Избирачкиот одбор.

Членот на ИО неколку пати побарал од гласачот да му ја покаже личната карта, но тој не сакал и ја фрлил кон него личната карта. Била повикана полиција и во присуство на полицијата физички го нападнал членот на ИО. Напаѓачот бил приведен од страна на полицијата.

На гласачкото место 1582 во општина Струмица, гласач го фотографирал гласачкото ливче. Иако Избирачкиот одбор реагирал и направил записник, сепак му дозволил да го стави ливчето во гласачката кутија.

Поврзани новости