МОСТ: Полицијата навреме и соодветно реагираше, што не беше случај досега

by fokus

Прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека првиот круг од локалните избори се одржа во фер и демократска атмосфера,а граѓаните слободно излегоа да го дадат својот глас. Од таму ја поздравуваат, како што велат, брзата и ефикасна реакција на институциите во текот на гласањето.

„Сите изолирани случаи на фотографирање на гласачки ливчиња беа навременои ефикасно адресирани од страна на избирачките одбори, во соработка со полицијата која овозможи соодветно спроведување на законските одредби, што не беше случај во минатото. Ова придонесува кон спречување на притисоците врз граѓаните слободно да гласаат. Полицијата исто така беше ефикасна и при отстранувањето на неовластените лица кои беа присутни пред и во дел од објектите во кои се сместени гласачките места“, велат од МОСТ.

Додаваат дека на избирачките места каде што беа забележани технички предизвици при спроведувањето на гласањето, избирачките одбори и општинските изборни комисии навремено и ефикасно реагираа.

„МОСТ забележа низа на случаи во кои избирачките одбори не дозволуваа гласање во име на друг и семејно гласање. Исто така, значително е намален бројот на лица кои се изјаснувале како неписмени и барале помош за да гласаат. Во однос на гласањето на болните и немоќни лица спроведено пред денот на изборите, на овие изборипродолжи трендот на намалување на бројот на ваквите лица“, велат од граѓанската асоцијација.

Посочуваат дека гласањето на лицата во затвор било генерално спроведено во согласност со законските одредби. Слично како и на претходните избори, 415 од вкупно 1.882 лица во затвор или притвор не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список, најмногу од нив во КПД Идризово – 351 лице. Причината за ова било тоа што најголем дел од нив имале неважечки лични документи.

МОСТ ги следеше изборите покривајќи околу 50% од вкупниот број на избирачки места.

Поврзани новости