МОСТ: Имало обид за поткуп на гласачи во Теарце

by fokus

Во периодот од поништувањето на резултатите до прегласувањето ситуацијата во Теарце беше мирна, без инциденти, освен што беше регистриран обид за поткуп, односно беше поднесена кривична пријава против две лица кои на гласачите им нуделе поткуп за да не го остварат своето избирачко право. МВР презеде мерки за расчистување на случајот, се вели во прелиминарната изјава на граѓанската асоцијација Мост, која преку својот регионален координатор го следеше прегласувањето во општина Теарце

„За прегласувањето беа распоредени двајца набљудувачи кои го следеа гласањето на самото гласачко место, како и два мобилни тима кои ја набљудуваа ситуацијата околу гласачкото место.

Прегласувањето помина во мирна атмосфера, со различна динамика во одѕивот на гласачите, кој опадна во последните часови пред завршувањето на гласањето. Во текот на денот беше забележано зголемено присуство на полицијата околу гласачкото место. Околу 9 часот беше забележано дека УВ ламбите не работат, па гласањето беше прекинато во период од 15 минути за да се набават нови, по што истото продолжи. Во понатамошната постапка на гласање и сумирање на резултатите на самото избирачко место не беа забележани нерегуларности.

Како и на изборниот ден во повеќе општински изборни комисии, така и сега ОИК Теарце се соочи со проблем при составување на записникот бр. 21 за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето во однос на лицата кои гласале во казнено-поправните установи. Поради тоа имаше доцнење во објавувањето на резултатите од гласањето. Сам по себе, овој случај ја потврдува потребата од јакнење на капацитетите на изборната администрација во поглед на спроведувањето на комплетниот изборен процес“, се наведува во изјавата на Мост.

 

 

Поврзани новости