„Молика“ доби подмладок: За квалитетни музичари нема зима!

by fokus

Познатата битолска група ,,Молика” доби свој подмладок.

,,Молика јуниор” веќе извесен период е активна на естрадата, а нејзин фронтмен е Марио Мицевски, син на музичарот Џими Мицевски, кој што е воедно и менаџер на ,,Молика”.

Иако се релативно млад бенд, музичарите од ,,Молика јуниор” сериозно ја сфатиле својата работа, и зад себе имаат неколку турнеји во Австралија, Германија, Австрија и Швајцарија.

,,Досега снимивме два албуми со фолк музика, а наскоро ќе го промовираме и третиот. Во наредниот период не очекуваат турнеји во неколку европски земји и во САД. Иако сите во бендот сме млади луѓе, доста сме посветени на кариерата и се трудиме да го постигнеме успехот на нашите идоли од популарната  битолска група ,,Молика” со која што јас растев, и од која учев за музиката” – вели Марио.

Нивниот бенд имал шест члена, од кои четири инструменталисти и двајца вокалисти. Моментално работеле на две нови песни и на два спота од новиот албум.

Во време кога поголемиот дел од естрадата се жали од намалени настапи и беспарица, ,,Молика јуниор” тврдат дека за добри и професионални музичари нема зима.

,,Народот умее да препознае квалитет, па затоа и на прсти се бројат музичарите кои што често имаат настапи, снимаат нови материјали и можат добро да живеат само од музика. Многу наши колеги константно се жалат на лоша состојба на сцената, а со години не снимиле албум или спот.

Ако не се работи во континуитет, ако постојано не и се нуди на публиката нешто ново, нормално дека и понудите за гостувања и турнеји нема да ги има. Се трудиме постојано да бидеме активни, вложуваме во нашиот напредок, па затоа и за кратко време станавме доста барани” – изјави Мицевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости