Моќта е во граѓаните

by Fokus

Гоце ЈОСИФОВСКИ

Сегашнава –Началничко Водечка Гарнитура- од градот Скопје МОРА ДА СИ ОДИ ОД ВЛАСТ и по секоја нормална логикане би требало да биде избрана повторно. Истото важи и за речиси сите општини во скопскиот округ и општините во целата држава.

Македонија денес има градови кои се на врвот на најзагадените места во Европа. Скопје, Тетово, Битола се континуирано на самиот врв во аеро загадувањето, а состојбата не е подобра во било кој друг аспект од животната средина. Како резултат на ваквата катастрофална ситуација, белодробните, канцерогените и речиси сите хронични и малигни заболувања во Битола и околината, Тетово, Скопје се неколкупати повисоки во споредба со Европа.

На територијата на цела држава нема ниту една, вклучително и скопската, депонија или систем за собирање и справување со отпад која задоволува елементарни, современо-технички а да не зборуваме за ЕУ стандарди. Она што се случува со собирањето отпад во Тетово, Струга и некои други места е на граница на КАТАСТРОФА и директно загрозување на животот на граѓаните.

Во Македонија денес не постои ниту една станица за пречистување отпадни води. Тоа што е во оптек се станици каде на постоечките валкани води им се дотура техничка вода и така освежени се пуштаат во реките. Пречистување, сепарација на трврди материи и отстранување на загадувачи од органско и неорганско потекло нема. Фекалните канализации, атмосферските и оние од индустриските капацитети сите завршуваат во Вардар и останатите реки. Вардар го полниме со сопствениот измет.

Негрижата за животната средина од страна на локалните лидери е ЗАПРЕПАСТУВАЧКА.

Градоначалниците и општинските власти се можеби најодговорни за сегашнава ситуација. Сум бил и самиот сведок на состаноци меѓу светски компании како „Веолиа“ и еден куп други кои биле заинтересирани за соработка на локално ниво со градоначалници од општините организирани во региони и градот Скопје. И во неверица секогаш сум заминувал од нив, чудејки се на незнаењето, латентноста и апсурдното игнорирање на советите, решенијата и ноу-хауто презентирано на овие настани и згора на се глумењето лудило од типот – тоа на нас не ни треба, они ќе не учат, ех за тие пари и баба ми знае.

Нашите градоначалници, секогаш кон комуналните проблеми гледале низ призмата на политички и финансиски ќар. Проблемите од јавен карактер се всушност од нивна корист, бидејќи нерешени им оставаат простор за понатамошни МАНИПУЛАЦИИ, перење пари, партиски вработувања и низа други незаконски дејствија скриени под плаштот на локалните проблеми и нивното решавање.

Сето ова дополнето со агендата и личните желби и планови на Шефот-Лидерот кој во минатите единаесет години беше фокусиран на Лудачкиот проект со видоизменувањето на ликот на Скопје и налудничавото трошење на народните пари беше идеалната комбинација – сите битни комунални проблеми да бидат заташкувани до бескрај. Токму заради тоа денес горат депонии, градовите смрдат, луѓето дишат ѓубре од воздух.

Како понатаму?

Се додека општините и градовите функционираат под притисокот и волјата на  политичкиот естаблишмент, кој упорно наметнува а не спроведува суштински решенија, на терен сликата нема драстично да се менува.

Шминкањето на фасадите, редењето бекатон и тривијалните фестивалски настани од секаков вид нема да го подобрат животот на луѓето.

Генерирањето развој, потикнувањето иновативност и нудењето напредни решенија кои пред се ќе го поттикнат граѓанскиот сектор да се приклучи и придонесе за понатамошен развој е клучот како натаму.

Референдумите за рудниците и сличните граѓански иницијативи се доказ дека граѓанството може и мора да се наметне како фактор во носењето и менаџирањето на битни и секакви други одлуки околу прашањата во локалната власт.

Со силен граѓански притисок и локалната и централната власт ќе мора да попуштат и да се канализираат во правец на решавање на проблемите кои ги мачат луѓето. Само-организирањето на граѓаните вон партиските рамки е најмоќната алатка за борба со администрацијата и остварувањето на основното право за пристоен живот.

Поврзани новости