Мицкоски: Ни се случуваат десетици случаи на Глобал, фамилијарни тендери, 200.000 евра по принципот евро за евро, живи луѓе ќе јадеме

by Fokus

Она што Зоран Заев го нарекува “одлична надворешна политика”, за граѓаните и за нашата држава преставува распродажба на националните и државни интереси, напиша на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДППМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Не е поентата да се биде актуелен во регионот по тоа што се попуштило, или отстапило, туку суштината е да се биде актуелен во сопствената земја застапувајќи ги државните и национални интереси. А во изминатот период владата стана актуелна по попуштањето, но не и по одбраната на интересите, па се изроди закон за јазици кој е неуставен и хаотично однесување без концепт во поглед на спорот со јужниот сосед. Народот вели ако се среди сопствениот двор, тогаш може да се збори и за соседниот. А сликата за Македонија е далеку од розева, напиша Мицкоски.

И она што премиерот вели дека е “свесен за некои пропусти во домашната политика”, додава Мицкоски, за граѓаните е хроничен хаос во секое поле и област што е директна последица на неспособноста да се менаџира со домашната економија, да се креираат реформи и унапредат состојбите, но и неспособност да се реализира ветеното.

-Ќе потсетам дека оваа влада велеше дека има темелна анализа за состојбите и пред да дојде ветуваше живот, но тој никако да стигне. Имаме африканизација и уназадување на Македонија во однос на сите критериуми, не само во поглед на демократијата и усовршениот политички терор на власта, туку и во здравството, образованието, науката, студентскиот стандард и младите, земјоделието, економијата. Опасното е тоа што принципите на работа на Заев во Струмица стануваат и принципи на работа во цела Македонија, тоа што во државата се случуваат десетици случаи на “Цареви Кули, Глобал, фамилијарни или пријателски тендери, 200.000€ по принципот евро за евро, живи луѓе ќе јадеме и сл..” и тоа не е нешто за фалење. Граѓаните се повеќе сфаќаат колку е сериозна ситуацијата и колку многу се пропушта да се направи. Зборот никако да се преточи во дело. Македонија се буди и многу скоро ќе каже стоп за овие погубни политики на владата, заклучи Мицкоски.

Поврзани новости