Митко Чавков во Грција: Од Цеца на транс!

by fokus

Митко Чавков се релаксира во познатиот бар Копла Бич на Левкада, соседна Грција – пренесе А1 он, приложувајќи фотографии од досегашниот прв човек на Бирото за Јавна Безбедност, во опуштено издание во црвен шорц, во познатиот летен бар.

Во ова издание на Чавков би немало ништо невообичаено, ако се исклучи податокот дека Копла Бич е најпознатата плажа во Грција по забавата што ја нуди за гостите, посебно по светски популарните диџеи кои настапуваат во тек на целиот ден. Идеално место е за млади луѓе кои сакаат добра забава уште од рани утрински часови, а освен по целодневните забави со техно и транс музика, позната е и по многубројните егзотични коктели и разни врсти на ладно кафе.

Токму затоа, 54-годишниот Чавков, изненади со своето присуство на место кое важи за збиралиште на млади девојки и момчиња, кои сакаат да имаат луда забава за време на летниот одмор со звуците на најпознатите мајстори на транс музиката.

Инаку, кога е музиката во прашање, дознавме дека тој е голем обожавател на балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ. Лани, кога таа имаше концерт на стадионот во село Турново, Струмица, тој им се најавил на организаторите како голем фан, дека ќе дојде да го проследи нејзиниот настап и промоција на албумот ,,Автограм”.

Не е познато дали Чавков од турбо фолк преминал на техно и транс музика, или пак летува во монденското летувалиште на инсистирање на семејството.

Како мало потсетување, тој беше посочуван како најодговорен за крвавата вечер на 27 април кога брутално беа нападнати и истепани пратеници на новото парламентарно мнозинство. Беше шеф на оперативниот штаб и цели два часа не праќаше засилување, со што им остави простор на хулиганите физички да се пресметаат со пратениците на новото мнозинство.

Во прилог фотографии од Копла Бич

Вики Клинчарова

Поврзани новости