Министерството за култура им појасни на пејачите: Не може 500 евра за ,,Чернодрински’’, а 10.000 евра за ,,Макфест’’!

by Fokus

Одлуката на Министерството за култура да го намали наградниот фонд на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест’’, кој годинава ќе се одржи по 32-ри пат, ги разочара пејачите, кои во изминатите години свикнаа на астрономските награди. Имено, ако лани прво пласираниот тим добиваше 10.000 евра, сега ќе добие 1.500, за второ место наместо 7.500 евра следуваат 1.000 евра, и за трето, наместо 5.000, награда од 500 евра.

Од Министерството за култура појаснуваат дека се решиле на овој чекор бидејќи не смеат да си дозволат расфрлање на парите на граѓаните, и како високите суми во минатото предизвикале сомнеж за коруптивно однесување.

-„Макфест“ е значајна манифестација за македонската забавна и популарна музика, на таа манифестација во нејзините најдобри времиња на сцената се појавуваа најдобрите македонски изведувачи на забавна и поп музика, а се презентираа песни кои потоа станаа многу популарни меѓу публиката и го заслужија своето место во историјата на македонската современа музика. Поддршката во иднина од Министерството за култура ќе биде токму во оваа насока – да го поддржи подигнувањето на целокупниот квалитет на манифестацијата, наспроти неколкугодишното стагнирање и кокетирањето со жанрови во кои отсуствуваат базични естетски и уметнички вредности.

Оваа година Министерството ќе ги покрие побараните трошоци од организаторите на фестивалот, но хонорарите за првонаградените нема да бидат воопшто онакви какви што беа во минатите неколку години на неколку музички фестивали, кога се плаќаа по 20.000 или 10.000 евра за прво место. Тие суми предизвикаа многу јавни сомнежи за клиентелизам, коруптивно однесување, во некои случаи јавноста со денови се занимаваше и со наводи за обиди за измама на гласања на телевоутинг и слично – појаснуваат од министерството.

Додаваат дека на нашиот најреномиран фестивал ,,Војдан Чернодрински’’ наградата е 500 евра, што претставува огромна нееднаквост, во однос на сумата од 10.000 евра што ја добиваа првопласираните на ,,Макфест’’.

-Во исто време, првонаградениот на меѓународниот фестивал „Ристо Шишков“ добива 1500 евра како награда, а на нашиот најреномиран фестивал „Војдан Чернодрински“ наградата е во износ од 500 евра. Таква нееднаквост и такво расфрлање со парите на граѓаните во вакви времиња ние едноставно не можеме и не смееме да си дозволиме.

Моментално, Министерството за култура е во процес на создавање на новата петгодишна стратегија за културен развој, чијшто првичен нацрт е на јавна расправа пред сите заинтересирани. Очекуваме низ овој процес да најдеме и решенија за осовременување, долгорочна одржливост и развој на македонските фестивали и правично вреднување на трудот на нашите уметници – соопштуваат од Минстерство за култура. ,,Макфест’’ ќе се одржи на 5, 6 и 7 октомври и ќе бидат изведени 30 нови композиции.

Вики Клинчарова

Поврзани новости