Министерството за информатичко општество го проверува бројот на вработени во сите институции

by Fokus

Министерството за информатичко општество и администрација почна со поединечна проверка на бројот на вработени во сите институции откако било утврдено дека дека Регистарот на вработените во јавниот сектор не ја дава реалната бројка, соопшти министерот Дамјан Манчевски. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

Согласно Законот за вработените во јавниот сектор, Министерството за информатичко општество и администрација преку Информационен систем за управување со човечки ресурси воспоставува и води Регистар на вработените во јавниот сектор.

Сепак, Министерството за информатичко општество и администрација нема Регистар што ги содржи информациите за сите вработени во јавната администрација.  Иако за регистарот се одвоени  2 милиони евра за период од 5 години (2014-2018), тој не ја рефлектира реалната состојба со бројот на вработени.

Во Македонија постојат 1302 институции. Од нив 197 институции не побарале согласност за систематизација од МИОА. За нив немаме никакви податоци.

150 институции имаат одобрена систематизација од МИОА, но систематизацијата не е активна, односно немаат никогаш внесено податоци.

918 институции имаат одобрена систематизација, и имаат внесувано податоци. Сепак, постојат сериозни индиции дека и кај овие институции голем број на податоци не се уредно пополнети.  37 институции, во кои што спаѓаат судовите, имаат активна систематизација, иако според закон не им треба согласност од МИОА.

Поради овие проблеми во моментов МИОА прави  проверка на сите институции поединечно. Проверката ни покажа дека се соочуваме со поголем проблем од тоа што го очекувавме. Неактивни систематизации, невнесени договори за вработување, недостаток и неажурирани податоци  за вработените во јавната администрација, итн.

Поради овие недостатоци  МИОА до Државната изборна комисија, вчера достави податоци за вработените во јавниот сектор што не се внесени во Регистарот на начин и постапка која е со закон предвидена. Податоците се добиени како резултат на вкрстување на бази на податоци од повеќе различни институции.  Податоците доставени до ДИК се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор. Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика.

Согласно тоа, МИОА не може да гарантира за целосна веродостојност на податоците, но сметаме дека доставените податоци ќе одговорат на потребите на Државната изборна комисија за распишување на локалните избори.

Проблемот во Регистарот се рефлектира и на „Годишниот извештај  на вработени во јавниот сектор“. Покрај тоа што со Законот за вработени во јавниот сектор е предвидено извештајот да се подготвува врз база на податоците од Регистарот, тоа во пракса не се спроведувало.

Како резултат на непотполниот Регистар, Годишниот извештај за 2016 година е подготвен врз основа на податоците од повеќе државни институции како што се Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за финансии.

Министерството за информатичко општество и администрација работи на надминување на проблемот со цел што поскоро да имаме функционален регистар.

Почитувани граѓани, институциите се први кои треба да ги почитуваат законите.  За тоа се боревме. Патот до правдата и законитоста е тежок, но Владата е цврсто определена во Македонија да владее законот и правото и од тоа ништо нема да не поколеба.

 

 

 

 

 

Поврзани новости