Во Министерството за образование трошеле по 130.000 евра годишно за ручеци и вечери

by Fokus

За ненаменско трошење илјадници евра државни пари прво на листата е Министерството за образование и наука, во кое за цел вмровски мандат од десет години се сменија неколку министри Перо Стојановски, Никола Тодоров, Панче Кралев, Спиро Ристовски, Абдулаќим Адеми, Пиштар Љутфиу

Како што веќе објавивме во неделникот, „Фокус“ исто така располага со документите од кои може да се види колку во последните три години биле потрошени народни пари за репрезентација – за службени патувања, за луксузни ручеци, за тајни вечери, за хотели со пет ѕвезди, за такси, за гориво…

Според документите, во 2015 година Министерството за образование за репрезентација вкупно потрошило 123 илјади евра од кои 10.844 евра завршиле само за ручеци и вечери во кафеаната „Воденица“, додека во угостителскиот објект „Хипо Трејд“ на државна сметка се потрошени 20.676 евра. Исто така, во ресторанот „Зевс Илјада Два“ потрошени се речиси 11.700 евра, додека во „Буши Ресорт Спа“ од буџетската сметка на годишно ниво се одлеале 4.400 евра. Според сметките со кои располагаме, повеќе од 5.000 евра се потрошени во хотелот „Радика“ во Маврово, во струшкиот хотел „Изгрев“ и во скопскиот хотел „Стоун Бриџ“…

Ништо поразлично не поминала ниту наредната 2016 година, со што повторно продолжило луксузирањето на раководните луѓе во ресорното министерство. За цела година на ручеци, вечери во скапи и луксузни ресторани биле потрошени околу 120 илјади евра. Само во хотелот „Стоун бриџ“ од државната сметка на Министерството за образование биле потрошени речиси 4.000 евра, додека во ресторанот „Воденица“ се потрошиле 11.000 евра.

Според листата со која располагаме може да се видат сите елитни ресторани што за време на своето „владеење“ ги посетувале раководните структури во министерството. На државна сметка се јаделе италијански кашкавали и сирења, бифтеци,  лососи, морски коктели, кременадли, пинџури, ајвар, салати, скапи вина, рибни специјалитети, стек, баклави…

Уште покарактеристична е 2017 година, во која уште на почетокот на годината парите наменети за репрезентација речиси се потрошени од страна на последниот министер Љутфиу и неговиот заменик Ристовски. Во буџетската каса за оваа намена годинава се планирани 130 илјади евра од кои само за првите пет месеци коалициските партнери потрошиле 113.821 евра, со што новото раководство за наредните седум месеци на располагање има уште 8.000 евра.

Во угостителскиот објект „БС Хипо Трејд“ биле потрошени 43.396 евра за само пет месеци. За истиот период во италијанскиот ресторан „Ла Тераца“ биле потрошени 1.720 евра, додека пак од 1.000 до 3.000 евра биле трошени во маркети, за гориво, за такси…

Можеме да кажеме дека се трошеле многу пари на луксузи, дури се поминувала и сумата што е наведена во буџетот. Тоа е страшно што се случувало овде и како се трошеле народните пари. Само во првите пет месеци од годината се потрошени 90 отсто од сумата наменета за репрезентација, а каде е цела година – велат од Министерството за „Фокус“.

На нашето прашање дали постои лимит колку пари можат да се трошат, кои се луѓето кои јадат, пијат и шетаат на државна сметка, добивме одговор дека за тоа не постои правилник, но, затоа пак, секое министерство во буџетот има ставка за таа намена.

– Нема правилник што одлучува како да се трошат парите за репрезентација. Тоа е оставено на потребите на министерството. Во буџетот има одреден лимит колку пари да се потрошат за една година, а ако тие пари не се доволни, во тој случај се земаат 20 отсто од друга ставка и се прераспределуваат. Министерот, неговиот заменик и државниот секретар се тие што можат да ги трошат парите. Првиот човек во образованието е тој што може да одреди лимит колку пари можат да трошат тие двајцата – се наведува во одговорот од Министерството за образование.

И.М.

Поврзани новости